Ќе се дрзнат ли САД и ЕУ да вршат економски притисок на Русија?

Претседателот на Франција Франсоа Оланд, американскиот државен секретар Џон Кери и министерот за надворешни работи на Франција Лорен Фабиус разговараат додека шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров и неговиот германски колега Франк-Валтер Штајнмајер во заднина дискутираат за Украина, на паузата на средбата во Елисејската палата во Париз. Извор: АР.

Претседателот на Франција Франсоа Оланд, американскиот државен секретар Џон Кери и министерот за надворешни работи на Франција Лорен Фабиус разговараат додека шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров и неговиот германски колега Франк-Валтер Штајнмајер во заднина дискутираат за Украина, на паузата на средбата во Елисејската палата во Париз. Извор: АР.

Русија не го прифаќа јазикот на санкции и закани, но во случај на нивна реализација адекватно ќе одговори, соопшти Министерството за надворешни работи на РФ по вонредното заседание на Европскиот совет посветено на Украина. Претходно ЕУ објави дека ја запира подготовката на спогодбата за визниот режим со Русија. Освен тоа, раководството на европските земји во случај на заострување на ситуацијата во Украина се закани со нови санкции, а САД најавија слични мерки. Експертите истакнуваат дека во тој случај сите страни ќе бидат оштетени.

„ Русија не го прифаќа јазикот на санкции и закани, но во случај на нивна реализација адекватно ќе одговори“, се вели во коментарот на Министерството за надворешни работи на Русија, објавен на 7 март на официјалниот сајт. 

Министерството истакнува дека Москва е во недоумица поради резултатот од заседанието одржано на 6 март во Брисел. „Тешко е да се прифати впечатокот дека политичките интереси преовладаа над здравиот разум кој упатува на потребата барем да се земе предвид принципиелната позиција на Русија како стратешки партнер на Европската Унија“, се вели во коментарот.

Претседателот на Русија Владимир Путин минатиот вторник изјави дека штетата од евентуалните санкции поради ситуацијата со Украина ќе бидат обострани, зашто во современиот свет сè е поврзано и сите зависат еден од друг. 

На Крим се повторува косовското сценарио
Доколку се реализира сценариото за влегување на Крим во состав на Русија, тоа ќе биде случај без преседан за современата меѓународна практика. Во последнава деценија имавме многу примери на формирање нови држави. Но, присоединување на „земја“ на една држава на друга без согласност на врховната власт на земјата од која се одделува територијата, не се практикува уште од времето на завршувањето на студената војна.

Да потсетиме дека Европската Унија во врска со ситуацијата на Крим реши да ја запре подготовката на спогодбата за визниот режим со Русија. Претседателот на Европскиот совет Херман ван Ромпуј објави дека се прекинуваат преговорите во врска со ова прашање. Вашингтон од своја страна најави дека ќе ги замрзне сметките на функционерите кои се вмешани во ситуацијата со Украина, а исто така и дека ќе им забрани влез во САД. Но, сепак, засега ниту Белата куќа, ниту Европската унија немаат воведено економски санкции. 

Владимир Батјук, експерт при Институтот за проучување на САД и Канада, смета дека позициите на САД и на Европа се разликуваат кога станува збор за Русија. „САД имаат на располагање мошне широк спектар можни санкции кон Руската Федерација, но ефикасноста на овие санкции се малку сомнителни. Колку што можам да сфатам, европските партнери и сојузниците на Америка не брзаат со воведување некакви сеопфатни санкции против Русија, па затоа и САД, според сè, решиле засега да се ограничат само со составување некаков список на функционери на кои ќе им биде забранет влез во Соединетите Американски Држави, а и тој список сè уште не е составен. Формално санкции постојат, но практично ги нема“, изјави Батјук во интервју за весникот „Комерсант“. 

ЕУ нема да се обиде да влијае на Русија со воведување економски санкции, истакнува Александар Гусев, директор на Институтот за стратешко планирање и прогнозирање. Според него, ограничувањето на прометот на стока со Русија може да ја загрози самата Европа. 

„Мислам дека санкциите ќе бидат воведени, зашто сега сите се уште во режим на исчекување. Раководството на Европската Унија и раководството на САД сега размислуваат каков притисок да извршат врз власта и врз функционерите на Русија. Јасно е дека тие санкции нема да донесат ништо добро. Ако зборуваме за економски санкции, тогаш треба да се знае дека едно се односите на Русија и САД, а друго се нејзините односи со Европската унија, со која прометот на стока изнесува околу 360 милијарди евра. За какви санкции може да стане збор? Сите ќе претрпат загуби“, предупреди Гусев. 

Политикологот Сергеј Караганов за vz.ru ги коментираше заканите за санкции против Москва, изјавувајќи дека западните земји немаат можност дури ни привремено да се откажат од руските енергенси или вештачки да ја намалат цената на нафтата и на гасот како што беше случај во осумдесеттите години од минатиот век по влегувањето на советските трупи во Авганистан. 

„Откажување од енергенсите не е можно и на сите им е јасно тоа. САД немаат можност вештачки да ја намалат цената на нафтата, зашто сега ситуацијата е сосема поинаква. За такво нешто како и претходно е потребен договор со Саудиска Арабија , но се сомневам дека таа ќе се согласи на вештачко снижување на цената. Арабјанците во осумдесеттите години од минатиот век сериозно се исплашија дека Советскиот Сојуз ќе се обиде да се пробие до Индискиот океан, но сега е очигледно дека такво нешто нема да се случи“, истакнува експертот. 

Тој не ја исклучува можноста цената на нафтата сепак малку да се намали, но од тоа ќе имаат штета и самите иницијатори на ваквите мерки. „Од ваквото намалување ќе имаат корист пред сè Кина и другите директни ривали на Западот“, смета Караганов. 

“Треба да се очекува дека ќе има закани и блефирања. Мислам дека нема да има сериозни економски санкции, но е јасно дека ќе бидат преземени некакви симболични мерки. Од друга страна, ќе има обиди да се изврши притисок на определени личности“, претпоставува политикологот.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија