Извор: РИА Новости
Решението на кримскиот парламент да го стави на референдум прашањето за влегување на автономијата во состав на Русија од гледна точка на украинскиот устав е нелегитимно. Уставот од 2004 година, кој Врховната рада го врати на сила на крајот на февруари, вели: прашањата за измената на територијата на Украина се решаваат исклучиво со општоукраински референдум. За општоукраински плебисцит, кој би ја решил судбината на Крим, сепак не станува збор.
Од друга страна, пак, во Уставот на Русија се вели дека примањето во Руската Федерација и образувањето во нејзиниот состав на нов објект „се врши на начин предвиден со федералниот уставен закон“. Постоечкиот закон од 2001 година дава можност за создавање на нов субјект со присоединување на територија само во еден случај: доколку постои согласност од државата од која таа територија се одделува.
Сепак, на 28 февруари лидерот на „Праведна Русија“ Сергеј Миронов ѝ предложи на Државната дума нов нацрт-закон: Русија може да вклучи во својот состав дел од друга држава дури и во случај кога не постои соодветна меѓународна согласност. За да се оствари ова жителите на „делот што се отцепува“ треба да гласаат за влегување во Руската Федерација на референдум или со такво барање кон Русија треба да се обратат легитимните органи на власта на таа територија.
Барање веќе постои: кримскиот парламент во четвртокот се обрати со прашање до Владимир Путин за тоа дали Русија е подготвена да го прими Крим во својот состав. Подготвеноста на жителите на Крим, без сомнение, ќе биде потврдена на референдум, кој треба да се одржи на 16 март. Миронов изјави дека предложениот закон може да биде изгласан од страна на Думата веќе оваа недела.
Всушност, рускиот парламент може да донесува какви било закони. Прашањето е дали меѓународната заедница ќе ја признае легитимноста на одлуките на РФ и колку ваквите одлуки ќе соодветствуваат на меѓународното право. Одговор на првиот дел од прашањето: не, нема да ги признае.
А, со вториот дел не е толку едноставно. Во денешното меѓународно право се запечатени два принципи кои се противречни еден на друг: територијалната целосност на државата, од една страна, и правото на нацијата за самоопределување, од друга, констатира водечкиот научен соработник на Центарот за комплексни европски и меѓународни истражувања на Вишата школа за економија Максим Братерски.
Имено, раководејќи се според правото на нацијата за самоопределување, Западот во 2008 година ја призна независноста на Косово. „Косово е многу добар пример за она што сега го имаме на Крим, - уверен е Братерски. – НАТО, откако влезе со својата војска на Косово, не им дозволи на Србите да го спречат спроведувањето на референдум. ОН не им даде дозвола на силите на НАТО за влегување на војската на Косово“.
Своевремено Владимир Путин го нарекуваше косовскиот преседан крајно опасен, потсетувајќи дека слични проблеми постојат и во Шпанија и во Белгија. Но, во 2008 година Москва од своја страна ја призна независноста на Абхазија и на Јужна Осетија. Како ќе се однесува Путин во ситуацијата со Крим засега е нејасно.
Но, без оглед на тоа, во случај на подготвеност на Москва да го признае Крим како нов субјект на Федерацијата може да се зборува за ситуација без преседан. Присоединувањето на територија на една држава кон друга без согласност на властите на таа држава од која се одделува „земјата“, не се практикува од времето на завршувањето на студената војна, подвлекува Максим Братерски.
По заедничка согласност се случувало. Во 1997 година Велика Британија го врати Хонгконг под јуриздикција на Кина.
Историјата од последниве неколку децении познава неколку случаи на појавување на нови условно независни или непризнаени држави: Косово, Абхазија, Јужна Осетија. Во 1999 година беше прогласена независност на Источен Тимор. Плебисцитот, според кој Источен Тимор стана самостојна држава, беше спроведен под притисок на ОН. Исто така со учество на ОН во 2011 година се реализираше референдум за независност на Јужен Судан. Според зборовите на Братерски, фактот дека Источен Тимор и Јужен Судан објавија независност со поддршка на ОН, ги прави овие држави целосно легитимни од гледна точка на меѓународното право.
„Но, во целина меѓународниот правен систем не функционира. Победува онаа страна која има повеќе оружје, - смета експертот. – И Косово е нагледен пример за тоа. Но, проблемот е и во тоа што меѓународното право сè помалку им соодветствува на реалиите. Постојат претпоставки дека во текот на следниве 10-15 години сето тоа ќе се урне. Се надевам дека како резултат на тоа нема да дојде до светска војна“.
Изгледа дека во 21 век желбата на некоја територија да добие нова субјектност или протекторат ја определува силната државност.
Рускиот текст на сајтот gazeta.ru.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче