Извор: Ројтерс
Руските воени експерти го прогнозираат сценариото според кое ќе се развива ситуацијата во Украина.
Руслан Пухов, директор на Центарот за анализа на стратегии и технологии, смета дека во овој момент украинската војска не е способна да даде вооружен отпор на руската армија и најверојатно нема ни да се обиде.
![]() |
Русија бара да се почитува неблоковиот карактер на Украина Москва е подготвена за чесна заемна соработка со Западот со цел да се регулира кризата во Украина. |
„Украинската армија е формирана во 1992 година врз урнатините на СССР. Таа беше многубројна и имаше одлична техника, но во изминативе 22 години деградираше“, истакнува Пухов. „Моралот на армијата постојано опаѓаше, а најдоброто оружје го продаваше во странство, на Грузија, и затоа украинската армија сега не претставува никаква сила. Армијата на Украина како воена сила ја докусурија два фактори: руската воена реформа која започна во 2008 година и минатогодишниот премин на украинската армија на професионална основа. Во првиот случај Украинците увидоа дека тие и понатаму деградираат додека Русија инвестира крупни финансиски средства во одбраната и дека го менува односот кон својата армија. Во вториот случај армијата на Украина наместо регрути ангажираше војници на договор, така што сега на Крим не служат регрути од Лавов, туку локални кримски момчиња кои воопшто немаат намера да војуваат против Русите“.
Покрај тоа експертот истакна дека во последниве 20 години руската армија има учествувано во неколку вооружени конфликти, додека нивните украински колеги немаат учествувано во ниту еден.
Игор Коротченко, воен експерт и главен уредник на списанието „Национална одбрана“, смета дека украинската армија и полиција не се должни да ги извршуваат евентуалните наредби на новите украински власти за давање отпор на руската армија.
„Оние што во Киев даваат некакви остри изјави всушност не се легитимни, зашто што и да мислиме за Јанукович, тој е сè уште легитимно избран претседател“, истакнува Коротченко. „Според тоа, наредбите што може да ги издаде Олександар Турчинов не се легитимни, што значи дека украинската армија не е обврзана да ги извршува и треба да остане во касарните. Истото се однесува и на полицијата и на останатите вооружени структури“.
Експертот нагласи дека одлуката на Советот на Федерацијата не подразбира воена интервенција во Украина. „Никој не планира да ја окупира Украина“, изјави тој. „Очигледно е дека во дадениов случај станува збор за формат на мировна операција со чие спроведување би се спречила војна од пошироки размери“.
Коротченко повика на внимателен однос кон соопштенијата на медиумите за тоа дека во Украина веќе се наоѓаат руски единици кои не ѝ припаѓаат на Црноморската флота. „Против Русија се води информациска војна и сите вакви информации треба да се примаат со резерва“, изјавува тој. „Факт е дека Путин доби законска можност за испраќање трупи во Украина. Најдобро е да ги почекаме официјалните чекори на Министерството за одбрана. Мислам дека и самата можност за воена операција ќе се однесува само на Крим, иако не е исклучена и поширока воена акција. Сè ќе зависи од развојот на ситуацијата“.
Експертот смета дека украинската армија во овој момент не е способна за војување.
“Вооружените сили на Украина сега не се способни за воени дејствија“, уверен е Коротченко. „Речиси сите украински трупи, освен можеби специјалните и десантните падобрански единици, воопшто не се во состојба да преземат какви било активни чекори. Тие седеа во касарните кога беше симнуван Јанукович, а на западот на земјата дури и им дозволија на претставниците на операцијата да дојдат до оружје. Според тоа, јас не сум склон да ја третирам украинската армија како воена сила“.
Анатолиј Циганок, директор на Центарот за воено прогнозирање, е уверен дека најверојатно нема да дојде до воени судири во Украина. „Нашиот потег виси во воздух“, вели полковникот Циганок. „Сега треба да се види како ќе реагираат НАТО и Кина. Ние сме заинтересирани за соработка со Кина, а таа има негативен став кон револуционерната власт во Украина“. Експертот повлече паралела со влезот на советските трупи во Чехословачка во 1968 година, во кој и самиот учествувал. „Јас уште пред 45 години учествував во настаните во Чешка. Стоевме во колона три месеци: во јуни, во јули и на почетокот на август. Слична ситуација може да се повтори и сега“.
Од друга страна, Павел Фељгенгауер, воен аналитичар и соработник на вашингтонската неоконзервативна организација The Jamestown Foundation, смета дека Русија може многу да изгуби со испраќањето на свои трупи во Украина.
„Чеченската војна ќе изгледа како детска игра во споредба со ситуацијата во Украина“, вели тој. „Украинската нација не е исто што и чеченската, и не се еден милион, туку 40 милиони. Сега Украинците имаат против кого да се обединат“.Фељгенгауер не се сомнева дека во случај на воена кампања Западот ќе воведе економски санкции против Русија.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче