Значајна посета на Москва

Претседателот на РМ Ѓорге Иванов и ректорот на Московскиот државен универзитет „Ломоносов„ Виктор Садовничи. Извор: Администрација на Претседателот на РМ

Претседателот на РМ Ѓорге Иванов и ректорот на Московскиот државен универзитет „Ломоносов„ Виктор Садовничи. Извор: Администрација на Претседателот на РМ

Изминатава недела претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, беше во посета на Руската Федерација. Во рамките на посетата тој оствари средба со патријархот московски и на цела Русија г.г. Кирил.

Следниот ден, на 10 февруари, тој беше во посета на Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“, каде што му беше доделено звањето „почесен професор“, а тој, од своја страна, ги одликува со Орден за заслуги професорката Елена Верижникова од Филолошкиот факултет и професорот Евгениј Суханов од Правниот факултет. 

На 9 февруари во Грановитата палата на московскиот Кремљ беше одржана средба на Неговата светост патријархот московски и на цела Русија, Кирил со претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов. 

Во својата поздравна реч до македонскиот претседател претстојателот на Руската православна црква зборуваше за заедничката историја на двата народа, за заедничките корени, кои датираат до светите рамноапостоли Кирил и Методиј. Според него, Охрид е местото од кое Русите ги добиле првите книги на словенски јазик и дека тој за нив претставува „интелектуален Ерусалим за сите Словени“. „Во сознанието на Руската православна црква македонската земја е тесно поврзана со трудовите на рамноапостолот Кирил и со нашето заедничко духовно и културно наследство“, подвлече патријархот. 

Осврнувајќи се на историскиот аспект, Неговата светост подвлече: „Руската Империја отсекогаш се обидувала да го заштити македонскиот народ, да ги заштити местата што се важни за сиот православен свет, местата што сега се наоѓаат во вашата земја. Поддршката на православните братски народи била највисок државен приоритет во областа на надворешната политика. Позицијата на руските власти на почетокот од дваесеттиот век, исто така, се огледала во тоа да го спречи разделувањето на Македонија, кое било поврзани со промените што се случувале на Балканот“. 

Во разговорот, исто така, беше спомената и темата за сонародниците. По големата Октомвриска револуција, голем број Руси ја напуштиле својата татковина и се нашле на територијата на Република Македонија. Според определени пресметки станува збор за 48.000 лица што во моментов живеат во Македонија. Неговата светост ја искористи можноста да му се заблагодари на претседателот Иванов за коректниот однос што македонската држава го покажува кон рускиот народ во Македонија. 

За канонскиот статус на МПЦ

На средбата беше разгледано и прашањето на православието во Македонија. Неговата светост смета дека воспоставувањето на канонскиот статус на Македонската православна црква ќе биде фактор што во голема мера ќе го обезбеди зачувувањето на македонскиот национален, културен и религиски идентитет. Ова значи дека регулирањето на проблемот е од голема важност, кое треба да се обезбеди по пат на братски дијалог со Српската православна црква. 

Упатувајќи благодарност до својот домаќин, македонскиот претседател истакна: „Ние сме политичари со мандат, но црковните прашања немаат мандат. Тие се решаваат во долги периоди. Она што е христијанска доблест – трпението, треба да го имаат предвид и нашите верници, дека секој пат црковните прашања постепено, преку дијалог и создавање доверба да наоѓаат решение“, рече македонскиот претседател, изразувајќи надеж дека средбата со рускиот патријарх ќе биде во корист токму на тој воспоставен дијалог меѓу црквите за да се нудат решенија во корист на верниците. 

Почесен професор

Следниот ден во просториите на Главната зграда на Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“ на претседателот на Република Македонија му беше доделена титулата „почесен професор“. За оваа пригода претседателот Иванов пред професорите и студентите на универзитетот одржа предавање посветено на историските, духовни и културни врски меѓу двете земји и народи, со научни повикувања на поголем број автори што ја обработувале оваа тематика. 

Ѓорге Иванов и студенти на „Ломоносов„. Извор: Администрација на Претседателот на Република на Македонија

„Ако постои едно место на земјата што најјасно ја одразува длабоката духовна, културна и јазична поврзаност меѓу Македонија и Русија“, рече претседателот Иванов во своето предавање, „тоа е Охрид, балканскиот и словенскиот Ерусалим. Видни научници, како што се Присјолков, Кох, Спарненски, Попруженко, Заикин, Карташев, сметаат дека Руската црква, од нејзиното основање па сè до 1037 година била под јурисдикција на Охридската црква. Инаку, и првиот премиер на Советскиот Сојуз по смртта на Сталин, Георги Маленков, не криел дека е по потекло Македонец, чие семејство дошло во Русија од Охрид“, додаде претседателот Иванов. 

За јазикот

Во делот во кој говореше за македонскиот јазик, Иванов се осврна на уникатноста, но и на негирањето на јазикот. „Бугарија го третира како дијалект на бугарскиот. Грција, пак, тврди дека македонскиот јазик воопшто не постои, иако досега барем трипати го има официјално признаено“, рече Иванов повикувајќи се на веќе објавени трудови по ова прашање во кои стои дека во 1920 грчката влада во официјалните пописни документи има графа за македонски јазик, во 1925 година, кога го издава букварот АБЕЦЕДАР наменет за македонското малцинство во Грција и третпат со резолуцијата на Третата конференција на ОН за стандардизација на географските имиња одржана во 1977 година во Атина, истакна македонскиот претседател. 

За позицијата на Русија

Ѓорге Иванов со Орден за заслуги ја одличи Елена Верижникова, професор по македонски јазик на Филолошкиот факултет на „Ломоносов„. Извор: Администрација на Претседателот на Рeпублика Македонија

Иванов не пропушти уште еднаш да ја истакне и улогата на Руската Федерација во врска со постоењето на македонската држава. „Тука е и принципиелната позиција на Руската Федерација во однос на употребата на уставното име на Република Македонија, но и долгата историска, духовна и културна традиција меѓу нашите народи, што одново ја откриваме во овие две изминати децении“, истакна македонскиот претседател. 

Во рамките на церемонијата македонскиот претседател со Орден за заслуги ги одликуваше доцент Елена Верижникова, професор по македонски јазик на Филолошкиот факултет и водечки македонист во Русија и д-р Евгени Суханов, професор, шеф на катедрата за граѓанско право на Правниот факултет при Московскиот државен универзитет „М.В. Ломоносов“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.