Сите очи се вперени кон Сочи

AFP/ East News

AFP/ East News

Кога светот ќе го насочи својот поглед кон Зимските олимписки игри 2014 во Сочи, ќе се изненади од она што ќе го види: футуристички стадиони кои се ремек-дело на уметноста, сместени покрај морето, со восхитувачки поглед на Кавкаските планини кој го има само во светски познатите скијачки центри, како и огромен Олимписки парк кој е опкружен со палми.

Развојот на Сочи како домаќин на Зимските олимписки игри беше голем зафат и, ако сѐ оди според планот, на светот ќе му ја прикаже „нова Русија“ како голема сила и како модерна економија. 

Она што ја први трансформацијата на Сочи уште поамбициозна е фактот дека ништо од ова всушност и не постоеше пред неколку години. Сочи го доби правото да биде домаќин на Олимпијадата во 2007 година, многу се зборуваше за тоа дека Пјонгјанг (кој беше втор) и Салцбург (кој заврши на третото место) се подобар избор. И навистина, последните штрихови на многу од олимписките објекти во Сочи, вклучувајќи го и олимпискиот стадион „Фишт“ каде ќе се одржи церемонијата на отворање и на затворање, беа направени пред Нова година. Како резултат на тоа церемонијата на отворањето ќе претставува возбуда не само за остатокот од светот, туку и за руските организатори на Олимпијадата. 


Централниот олимписки комитет во Сочи. Фотографија на Организацискиот комитет на Олимпијадата

Новите објекти се приближно исто толку нови за рускиот олимписки тим, колку што се и за странските олимпијци. Неодамна, по многу одложувања, беше пуштена во употреба скокалницата, која го надмина предвидениот буџет до таа мера што претседателот Владимир Путин јавно, на национална телевизија, го укори шефот на овој проект. Ова е и првата скијачка сезона кога започна да функционира планинскиот воз, кој ги развезува посетителите на Олимписките игри од крајбрежниот до планинскиот дел. 

Она што Русија го направи со избирањето на Сочи за домаќин на Зимските олимписки игри 2014 го преврти традиционалниот модел наопаку. Овој модел, според кој се одржуваа Олимпијадите и во САД, и во Канада и во Европа, за основа имаше веќе докажан зимски центар, на кој му се додаваа неколку модерни штрихови, при што не постоеја никакви понатамошни грижи, како на пример дали ќе има природен или вештачки снег. Русија, од своја страна, започна со изградба на зимски олимписки град на место каде воопшто не постојат терени за зимски спортови, место кое е познато како летувалиште, место кое го нарекуваат „руска ривиера“. Суптропската клима на Сочи, е основа за шпекулации за тоа дали ќе падне снег или не. 

Пред само десет години во Сочи не постоеше ниту еден скијачки центар од светска класа, а исто така никој не ќе претпоставеше дека ова место би можело да стане иден домаќин на Зимски олимписки игри. Сево ова се смени кога претседателот Путин реши планината Краснаја Полјана да ја направи скијачки центар. 


Reuters / Vostock Photo

Не беа потребни големи напори за да се убедат Русите кои одат во странство на зимување да го посетат Сочи. Роза Хутор, дијамантот на круната, го има еден од најдолгите вертикални спустови во светот и беше изграден со помош на експерти за скијање од Западна Европа и од Америка. Кога се наоѓате на најгорниот дел за момент можете да си помислите дека сте во Швајцарија или во Австрија. Планинските патишта сега се исполнети со скијачки села во европски стил, како и со многу хотели во пастелни бои. Американските олимписки скијачи, по нивното враќање од Сочи, изјавија дека е неверојатно, како Русија да изградила Дизниленд на планина. 

Критичарите, а нив ги има многу, како во Русија, така и во странство, велат дека Сочи 2014 е едноставно проект за престиж на Владимир Путин, грандиозен обид Русија повторно да се стави на мапата на прекумерно трошење. Други, пак, потенцираат дека сумата која постојано растеше и достигна вредност од 50 милијарди американски долари, ја прави Олимпијадата во Сочи најскапа во историјата на Игрите. Западните критичари, од своја страна, се пожалија дека сумата од 50 милијарди американски долари е добиена, меѓу другото, и како резултат на корупцијата и на руската бирократија. 

ЗОИ и нивните маскоти
Во историјата на зимските Олимписки игри имаше многу популарни и впечатливи маскоти. Останаа запаметени австрискиот снешко Олимпијамандл, канадските поларни мечиња Хајди и Хоуди, францускиот гном Межик, сараевскиот Волчко, јапонските утки Сноулет. Трите маскоти на Зимските олимписки игри во Сочи, снежниот леопард, белото мече и зајакот, се на пат да го заземат заслуженото место на списокот на најомилени маскоти на зимските олимписки игри.

Фактот дека една суптропска зона треба да се претвори во зимски центар, направи Сочи да стане едно големо градилиште. 

Не постои сомнеж дека во Сочи ќе се одржи една од најголемите, најекстравагантните Олимпијади во поновата историја, а можеби и воопшто. 123-дневното патување на олимпискиот оган вклучуваше вселенско патување до Меѓународната вселенска станица, посета на активен вулкан и подводно патување во Бајкалското езеро. Самата Олимпијада, пак, ќе има најмногу медали во историјата на Зимските олимписки игри, како и најголем број настани.

Што по Олимпијадата?

Секако, вистинскиот тест доаѓа по Олимпијадата, кога ќе останат само сеќавањата. Дали Сочи навистина може да претендира на меѓународен туризам и да стане спортска дестинација? 

Тука Русија ја има предноста пред останатите земји кои претходно биле домаќини на Зимските олимписки игри. Додека другите земји не знаат што да прават со одвај искористените стадиони, Русија уште од самиот почеток си постави цел дека нема да дозволи тоа да се случи со Сочи. За секој од олимписките објекти постои јасна визија за тоа како ќе се искористи по завршувањето на Олимпијадата. Големата сала за хокеј, на пример, неодамна беше местото каде се одржа Меѓународниот инвестициски форум во Сочи. Олимпиското село во близина на Црноморскиот брег ќе стане станбен комплекс. Исто така постојат и планови определени објекти да бидат дислоцирани на други места како „подарок“ за граѓаните. 

И, за сево ова да може да се оствари во Сочи во текот на целата година ќе се одржуваат разни манифестации. Во јуни годинава, Сочи ќе биде местото каде ќе се одржува самитот на Г-8. Исто така закажано е гран-при на Формула еден есенва. Потоа, во 2018 година, олимпискиот стадион „Фишт“ ќе стане официјален домаќин на Светскиот куп на ФИФА. Во исто време новите зимски одморалишта во планините треба да станат место за посета на туристи како од Русија, така и од Европа. 

На Олимписките игри во Сочи треба да се гледа како на дел од еден поголем геополитички тренд, односно како што велеше Томас Фридман „израмнување“ на светот, како ново насочување на светските сили кон меѓународните настани и нивно дебитирање на светската сцена. Списокот продолжува да расте: Пекинг (Летна олимпијада 2008), Јужна Африка (Светски куп 2010), Бразил (Светски куп 2014 и Летна олимпијада 2016), Пјонгјанг (Зимска олимпијада 2018) и Катар (Светски куп 2022). Од оваа перспектива, тоа што Русија ги спроведува Зимските олимписки игри во Сочи не е некаква чудна аномалија, туку претставува предвесник на она што допрва треба да се случи.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.