Гласноговорникот на Путин за својата работа

Во 2000 година Песков беше назначен за началник на одделот за односи со медиумите при прес-службата на администрацијата на претседателот. Извор: РИА Новости

Во 2000 година Песков беше назначен за началник на одделот за односи со медиумите при прес-службата на администрацијата на претседателот. Извор: РИА Новости

Дмитриј Песков, кој веќе подолго време ја извршува функцијата портпарол на претседателот на Руската Федерација Владимир Путин, во интервју за медиумите зборува за себе и за својата работа.

Портпаролот на претседателот на Русија Дмитриј Песков во интервју зборува за тоа дека Русија нема намера да се вмешува во настаните во Украина, за начините како да се победи на Олимпијадата во Сочи и кои се оние работи поради кои тој се вцрвува пред шефот на државата.

За искреноста 

Јас никогаш не треба да зборувам лаги. Тоа е апсолутно неприфатливо. Јас сум од семејство на дипломат и израснав дипломат, имав прекрасен учител кога за првпат, додека сè уште бев сосема млад соработник, допатував во амбасадата на Советскиот Сојуз во Анкара. Тоа беше амбасадорот Аљберт Сергеевич Чернишов. Тој ми кажа дека главниот принцип е во тоа што никој на Земјата не може да го натера дипломатот да зборува невистина. Но, исто така, никој на Земјата не може да го натера дипломатот да ја кажува вистината до крај. 

За Украина 

За нас е апсолутно неприфатливо да се мешаме во внатрешните работи. Убедени сме дека во Киев знаат што прават и дека ќе се најде најдобро решение за нормализација на состојбата и за враќање кон законските рамки. 

Ние, секако, жалиме и негодуваме кога станува очигледно дека постои мешање однадвор во оние внатрешни процеси кои се случуваат во Киев. Сите одлуки што се носат во Украина се суверени и нив ги носи раководството на земјата во рамките на демократските процеси. Мешањето и влијаењето со користење на различни инструменти на политичкиот менаџмент за нас се недопустливи. 

За Олимпијадата 

Некои земји се однесуваат совршено несовесно и бесрамно, обидувајќи се политички да ја дискредитираат нашата Олимпијада во Сочи. Секој ден тие исфрлаат најразлични обвинувања, а нашите медиуми, за жал, ги цитираат. Силните, успешните, богатите и здравите не ги сакаат секогаш. Но, Олимпијадата е спорт – тоа е нешто свето, не е политика. Организаторите на Олимпијадата секогаш победуваат, ако тоа го прават со душа. А, во нашиот случај можеме да кажеме дека веќе сме победиле. За првпат по децении, всушност, во нашата земја е изграден нов град... 

Затоа веќе имаме добиено, нашата земја има победено. Сите забелешки дека тоа е направено за огромни пари, дека, демек, сето тоа не е потребно – сето тоа е од неразбирањето на грандиозноста на она што веќе се има случено. Во Сочи, всушност, ќе има прекрасен комплекс кој ќе се состои од планински и крајбрежен дел. Тоа ќе биде сосема уникатна инфраструктура, која ќе функционира за целата земја. Ова ќе биде и можност како за аматерскиот, така и за професионалниот спорт, за развојот на детскиот и на младинскиот спорт, зашто веќе постојат планови за иднина. 

За Путин 

Путин е апсолутно изграден и целосен човек, тој е многу покомплициран како раководител, зашто многу добро ја владее ситуацијата од гледна точка на експертско знаење, од гледна точка на сите детали, од гледна точка на опкружувањето и така натаму... Тоа прави на потчинетиот да му е тешко да работи со него, доколку самиот не е подготвен да разгледува какви било прашања на помалку или повеќе споредбено експертско ниво. 

За себе 

Знаете, се прекорувам себеси зашто на факултет не одев, да кажеме, на предавањата по историја. А, Путин мошне страсно го интересира историјата и, кога ќе почне да зборува за определени историски моменти, понекогаш ми доаѓа да поцрвенам. 

Тој ме праша за некаков детаљ кој се однесуваше на хронологија, на датуми – од каде се појавиле староверците во Русија? И тогаш сфатив дека не можам во целост да ја предадам сликата.

 

Дмитриј Песков е роден на 17 октомври 1967 година во Москва во семејство на руски дипломат. Во 1989 година дипломирал на Институтот за земјите од Азија и од Африка при Московскиот државен универзитет со специјалност „историчар-ориенталист“. Работел во Министерството за надворешни работи на Советскиот сојуз, во руската амбасада во Турција. 

Во 2000 година по назначувањето на Владимир Путин за вршител на должноста претседател и по неговото избирање за претседател, Песков беше назначен за началник на одделот за односи со медиумите при прес-службата на администрацијата на претседателот. Потоа беше заменик, прв заменик на началникот на прес-службата на претседателот на Русија, заменик портпарол на претседателот. 

Песков имаше преземено врз себе подготовка на крупни информациски проекти, организација на големи прес-конференции и директни телевизиски линии со претседателот, а исто така и соработка со странски новинари. 

На 28 април 2008 година Песков беше назначен за портпарол на премиерот на Русија. Во мај 2008 година за премиер на Русија беше избран Владимир Путин и, соодветно, Песков стана негов портпарол. 

Во март 2012 година Путин победи на претседателските избори, по што третпат стана претседател на Русија. Од мај 2012 година Песков е заменик-раководител на Администрацијата на претседателот на Руската Федерација – портпарол на претседателот на Руската Федерација. 

Песков раководи со управата на Кремљ за врски со јавноста, која ја координира информациската работа на органите на државната власт, на министерствата, на ресорите како во земјата, така и во странство. Освен тоа, управата се занимава и со прашањата за привлекување инвестиции во Русија 

Зборува турски, арапски и англиски јазик.

 

Рускиот текст на сајтот на Комсомолскаја правда. 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња