Извор: Кирилл Брага/РИА Новости
Волгоград се наоѓа на југот од Русија, но сепак доволно далеку од жешките точки или од градовите од федерално значење, на речиси 700 километри од местото на кое ќе се одржи зимската Олимпијада. Во овој град веќе вторпат за последниве два месеци се случува трагедија. Благодарение на безбедносниот систем на железничката станица на која се случи експлозијата избегнати се поголеми последици. Сега се зголемени мерките за безбедност на сите железнички станици и на сите аеродроми во земјата.
Велат дека два куршума во иста мета не погодуваат. Тврдењето дека Волгоград е далеку од „жешките точки“ беше негирано: вторпат во последниве два месеца градот беше подложен на терористички напад. Пред два месеци терористка-самоубиец крена во воздух патнички автобус. Сега, експлозијата се случи на железничката станица „Волгоград-1“ во центарот на градот.
Василиса Васиљева работи во бифето во зградата наспроти железничката станица.
- Експлозијата беше толку силна, што нашата зграда се стресе, а ние помисливме дека кај нас се случила експлозијата, - вели девојката. – Излеговме на улица, гледаме – на железничката. На главниот влез на скалите лежеа луѓе, експлозијата ги беше искршила сите стакла од зградата, а од прозорците од вториот кат во централниот дел каде се наоѓаа скулптурите излегуваше црн чад.
Часовникот беше запрел во моментот на експлозијата – 13.07. Моето момче, Паша, веднаш му се јави на својот другар, тој работи во полицијата на железничката. Му одговори и му рече дека е ранет и оти не може да зборува. Сфативме дека ситуацијата е сериозна.
Според неофицијалните податоци, како резултат на експлозијата загинале 18, а 37 лица се повредени, седуммина од нив лесно, а останатите средно и тешко ранети. Меѓу ранетите има и едно деветгодишно девојче, кое го подготвуваат за операција.
Практично веднаш, по само неколку минути, на лице место дојдоа првите бригади на брза помош и на противпожарната служба. Полицијата ја огради зградата, а на местото дојдоа кинолози и трагачи по експлозии.
Како што раскажуваат сведоците на настанот, една од патничките, како и сите останати, при влезот во зградата на железничката станица ја ставила чантата на лентата за проверка на багажот, а самата минала низ рамката за метал. Во тоа време се случила експлозијата. По октомврискиот терористички напад, иако засилените мерки за безбедност во градот беа симнати, сепак внимателноста остана, и „рамките“ со рендген на железничката станица не стоеја попусто. Тие функционираа. Како што се покажа, тоа не беше доволно, градот сепак е ранлив.
При експлозијата загинаа и настрадаа оние кои биле во близина. Информацијата за тоа дека е можно експлозијата да ја активирала терористка-самоубиец практично веднаш беше издадена од Националниот комитет за борба со тероризмот. Покренато е кривично дело според две точки од Кривичниот закон на РФ и тоа за „Тероризам“ и за „Незаконско поседување на експлозивни направи и на експлозивни материи“.
Валентина Устинова со својот внук Иван Коновалов преку Волгоград оделе од кавкаскиот град Кизљар во волшскиот Улјановск, а во три часот требале да се качат на возот „Кисловодск – Екатеринбург“. Тие имале неколку часа чекање и шетале низ градот, а потоа се вратиле во чекалницата.
- Најпрво се слушна удар, - вели Иван. – Јас си помислив дека некој испука новогодишна ракета. А, потоа удри силно, стаклата беа во пламен. Јас успеав само лицето со рацете да си го покријам.
- Иако бевме далеку, пламенот ми ја запали бундата. Веднаш почнавме да излегуваме преку прозорецот. Не сакавме да гледаме кон местото на експлозијата: стакло и крв.
Светлана Демченко со својата другарка се нашла меѓу оние кои биле недалеку од местото на експлозијата.
- Ме заслепи светлина и паднав на земја. Тоа, најверојатно, ме спаси, - вели Светлана.
Татјана и Људмила работат на железничката станица како чистачки, тие го чистат токму централниот дел на зградата, каде се поставени и рамките за метал. В еден часот ним им почнува пауза, така што се симнале во подрумот, за да ручаат во службените простории. Буквално по неколку минути се слушнала експлозија.
Поради експлозијата на железничката станица во близина Волгоград се насобрале возовите со далечни дестинации. По час и половина од терористичкиот напад дирекцијата на Приволшката железница го организирала нивното пристигнување и насочување кон приградската железничка станица: таа се наоѓа наспроти основната патничка станица, и во неа преку подземен премин се стасува од централната железничка станица.
На улиците кои се наоѓаат околу оградената железничка станица се најдоа голем бој патници и луѓе што ги пречекуваат.
Губернаторот на областа Сергеј Боженов изјави дека на семејствата на загинатите ќе им биде исплатена материјална помош од по еден милион рубли од резервниот фонд на Волгоградската област, без разлика на тоа каде живееле загинатите. На повредените, пак, ќе им бидат исплатени по 200 илјади рубли, а во зависност од добиените повреди, сумата може да биде зголемена.
- Сега сите градски служби работат според шема која беше разработена во октомври. Сè е исто како и тогаш, - изјави Боженов. – Но, сакам да подвлечам: страв и паника меѓу населението во Волгоград не постои. Медицинските установи во градот имаат сè што е потребно за прием на настраданите. Ние исто така одржуваме врска и со клиниките од главниот град, така што доколку е потребно луѓето ќе ги испратиме во Москва. Од Москва за лет е подготвен авион од Министерството за вонредни состојби со цел можен транспорт на ранети.
Најтешко ранетите при експлозијата на железничката станица се наоѓаат на лекување во градската болница за итна помош бр. 25, а деветгодишното девојче се наоѓа во болницата број 7. Видот на повредите кај ранетите се во основа од експлозија и изгореници.
Експертите засега молчат и не одговараат на прашањето зошто се повтори трагедијата во Волгоград. Во моментов засилени се мерките за безбедност на сите транспортни јазли во земјата, соопштуваат за Интерфакс од прес-центарот на МНР на РФ.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче