Русија и Грузија се далеку од нормализација на односите

Министерката за надворешни работи на Грузија Маја Панџикиѕе. Извор: ИТАР-ТАСС

Министерката за надворешни работи на Грузија Маја Панџикиѕе. Извор: ИТАР-ТАСС

Тбилиси ги изнесе условите за обнова на дипломатските односи.

Министерката за надворешни работи на Грузија Маја Панџикиѕе ги изнесе условите за обновување на дипломатските односи со Русија. Побара од Москва да ја повлече војската од подрачјето на Абхазија и на Јужна Осетија и да го отповика признавањето на овие републики. Оваа изјава беше одговор на изјавите на министерот за надворешни работи на Руската Федерација Сергеј Лавров, кој за време на заседавањето на Советот Русија-НАТО повика да се „признаат новите историски процеси во Закавказјето“.

За Грузија обновувањето на дипломатските односи со Русија е пожелно, зашто тоа подразбира две нешта: прво – укинување на окупацијата и второ – отповикување на признавањето. Значи, во случај овие услови да бидат исполнети, со големо задоволство ќе ги обновиме дипломатските односи, изјави Панџикиѕе. 

Министерката остро реагираше на скептичниот однос на Русија кон грузинските планови за влез во НАТО. „Само НАТО и неговите партнери можат да одлучат какви ќе бидат нивните односи, трета страна не може да влијае на таа одлука. Тоа, значи, е прилично едноставен одговор на руската позиција“. 

Ем филозоф, ем зборува руски – Грузија доби нов претседател
Георгиј Маргвелашвили, филозоф по струка, победи во првиот круг од претседателските избори во Грузија со голема предност пред своите ривали. Со тоа што одлично зборува руски, го демантираше тврдењето на својот претходник Михаил Саакашвили, кој себеси се опиша како последен грузински претседател кој го зборува јазикот на Русија – земјата од која Грузија по секоја цена сакаше да се одвои.

Претходно во Брисел Лавров изјави дека Абхазија и Јужна Осетија за Русија се нови држави. „Ова е нова стварност на Закавказјето која треба да се признае“, изјави министерот. 

Министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров изрази надеж дека прашањето за обнова на дипломатските односи со Грузија ќе се врати на дневен ред на дијалогот помеѓу Москва и Тбилиси: „Ги слушнавме и ги оценивме пристапите на новата грузинска влада според развојот на овие односи. Мислам дека ќе продолжи нашата соработка во трговско-економската, културната, хуманистичката, научната област. Тоа, секако, ќе ни помогне меѓусебно подобро да се разбереме“. 

Да потсетиме дека Грузија смета оти Абхазија и Јужна Осетија се нејзини области. По војната во 2008 година Тбилиси ги прекина дипломатските односи со Москва и ги прогласи двете закавкаски републики за „окупирани области“. Русија, од своја страна, ја призна независноста на Јужна Осетија и Абхазија и отвори свои амбасади во Цхинвали и во Сухуми.

Во Русија се смета дека Грузија сама себеси се доведе до сегашната ситуација. Категоричното одбивање на Тбилиси по поразот да го разгледа во кој било облик статусот на двете републики, покажува дека перспективната на мирното регулирање и остварување на правата на овие народи на самоопределување во самата грузинска држава беа сосема изгубени, сметаат во МНР на Руската Федерација. „Само создавањето на самостојни и независни држави Јужна Осетија и Абхазија може да гарантира преживување и мирен развој на овие народи. Токму со тоа е условено признавањето на нивната независност од страна на Русија и на некои други држави“, изјавуваат за РИА Новости од министерството. 

Новиот грузиски претседател Георгиј Маргвелашвили е приврзаник на мирната реинтеграција. Вети дека ќе им покаже „современа, европска Грузија“ и нова реалност на жителите на Цхинвали и на Сухуми. „Каква е перспективата на нашите сонародници од Цхинвали и од Сухуми.? Тоа наскоро ќе го покажеме, ќе им покажеме една современа, европска Грузија во која жителите на Цхинвали, на пример, ќе имаат пасош со кој ќе можат без визи да патуваат во Виена, во Берлин и во Рим“, изјави Маргелашвили за телевизискиот канал „Рустави-2“ 

Андреј Сушченцов, виш предавач на Катедрата за анализа на меѓународните проблеми при Московскиот државен институт за меѓународни односи, рече дека ќе бидат потребни најмалку пет години, ако не и повеќе, за да се разреши ова несогласување: „Жителите на Абхазија и на Осетија се цврсто уверени дека не сакаат да живеат во состав на Грузија, а од грузинска страна речиси не постои политичка сила и стручњаци кои помалку или повеќе со здрав разум би гледале на ова прашање... Мислам дека во следните пет, а можеби и десет или повеќе години, нема да дојде до никакво придвижување во овој процес...“, смета стручњакот.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња