Терористот кој ја спаси својата земја

Извор: Reuters

Извор: Reuters

Завчера во деведесет и петтата година од животот почина првиот црн претседател на ЈАР Нелсон Мандела. Тој е еден од најзначајните луѓе во современата историја на човештвото и е човек кој успеа да ја извојува победата врз апартхејдот.

Првиот црн претседател на ЈАР Нелсон Мандела почина во петокот во деведесет и петтата година од животот. Во Русија еден од првите кој даде изјава по повод неговата смрт е познатиот политичар и реформатор од крајот на осумдесеттите и почетокот на деведесеттите години од минатиот век Михаил Горбачов. „Секогаш е тажно кога заминуваат такви луѓе со кои живеевме и кои ни даваа пример за борба за слободата“, изјави Горбачов. 

Претседателот Владимир Путин исто така му изрази сочувство на народот на ЈАР и изјави дека со името на Мандела „непрекинато е поврзана цела една епоха во поновата историја на Африка, која беше означена со победа врз апартхејдот“. Рускиот лидер особено го истакна тоа што Мандела, без разлика на сето она што го претрпел, им остана верен на идеалите на хуманизмот и на праведноста. 

Како што изјави специјалниот претседател за соработка со земјите од Африка, Михаил Маргелов, Нелсон Мандела беше последен од политичарите на земјата, кои ги оствариле своите цели преку ненасилен протест на слободниот човек, преку спокојна храброст на политички затвореник.

“Јас го почитував идеалот на демократско и слободно општество, во кој сите граѓани живеат во хармонија и имаат еднакви можности. 

Нелсон Мандела

Самиот Мандела, пак, сметал дека идеал на државен деец бил борецот за независност на Индија Махатма Ганди. Но, за разлика од Ганди, тој започнал како терорист, лидер на военото крило на АНК „Копје на нацијата“, кој преземаше одговорност за многубројните саботажи и заплашувања, за што и добил 27 години затвор. Треба да се забележи дека сè до 2008 година на Мандела му беше забранет влез во САД без специјална дозвола на Стејт-департментот: Вашингтон ја сметаше АНК за терористичка организација. 

Во СССР Мандела беше популарна политичка фигура, а неговиот лик беше дури поставен и на поштенска марка, посветена на неговата 70-годишнина. Но, самиот тој вака зборуваше за своите односи со комунистичките идеи: „Комунистите со децении беа единствената политичка група, која беше подготвена да води дијалог со Африканците и да се бори за политичките права. Затоа до денес за многу Африканци термините 'слобода' и 'комунизам' претставуваат синоними. Оваа увереност ја поддржува и законодавството, кое ги етикетира како комунисти сите поборници на демократската форма на владеење и ослободување на црнокожите луѓе. Но, тоа воопшто не значи дека ние сме комунисти“.


Извор: AP

Кога на 73 години Мандела излезе од затвор, беше сосема поинаков човек, онаков како што го знаеше современото поколение – насмевнат мудар старец-хуманист. Самиот тој, пак, велеше. „Јас се борев како против господствувањето на 'белите', така и против господството на 'црните'. Јас го почитував идеалот на демократско и слободно општество, во кој сите граѓани живеат во хармонија и имаат еднакви можности“. Имено ваквиот приод му помогна да ја спаси ЈАР од крвавава граѓанска војна, која се наѕираше на почетокот на деведесеттите години од минатиот век. Всушност, Нобеловата награда за мир во 1993 година Мандела не ја доби сам, туку заедно со својот бел визави – претседателот Фредерик Вилем де Клерк. 

На местото претседател, поранешниот бунтовник се покажа како творец и вложи голем напор за да ги научи црните и белите да живеат мирно во новата држава. Мандела дури и го покани на вечера во својот дом судијата кој го испрати зад решетки. Сите обиди да се дејствува на расна или на национална карта, Мандела ги преселуваше во корен. Тој не ја поштеди ниту жена си Вини. Еднаш таа пред голем број луѓе изјави дека треба да се стави крај на белците. Откако дозна за оваа нејзина изјава, Мандела веднаш се разведе од жена си. 

Без оглед на ореолот на маченик, Мандела постојано бараше од него да не се прави полубог, тој сакаше да биде запомнет како обичен човек со слабости. 

Според материјалите на РИА Новости, Ехо на Москва, kremlin.ru

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.