Русија може да се потпре на сириското граѓанско општество

Сиријци кои живеат во Бугарија протестираат против употребата на хемиско оружје во Дамаск. Извор: Reuters.

Сиријци кои живеат во Бугарија протестираат против употребата на хемиско оружје во Дамаск. Извор: Reuters.

Во ексклузивно интервју за „Руска реч“ претставничката на таканаречената умерена сириска опозиција зборува за руско-американскиот план за сириското хемиско оружје, за тоа дали сирискиот народ доволно се прашува што сака и дали е можно решавање на сириската криза без поддршка на една од страните во конфликтот

Дали Русија по постигнатиот договор со САД ќе го принуди Дамаск на отстапки? Кој се обидува да ја одигра водечката улога во регулирањето на конфликтот – Русија или Америка? Со дописникот на „Руска реч“ разговараше Рим Туркмани, претседателка на сириската граѓанска организација „Madany“ со седиште во Лондон, која е всушност претставничка на таканаречената умерена сириска опозиција.

Госпоѓо Туркмани, што се очекува од конференцијата Женева-2?

Рим Туркмани е претседателка на организацијата „Madany“ од Лондон, која се занимава со „развојот на граѓанското општество во Сирија. Фотографија од личната архива.

На таа конференција нема да има место за волјата на сирискиот народ. Доволно е да се спомене фактот што Сиријците не можат да изберат страна која ќе учествува на конференцијата. На Сиријците им е одземено правото самите да ја изберат својата иднина, зашто конфликтот е подигнат на меѓународно ниво. Од друга страна, без меѓународен консензус е невозможно да се регулира сириската криза. Ниту една сириска страна во овој момент нема друг избор, освен да ја прифати таа „интернационализација“, и покрај тоа што одлуката ќе биде искроена по мерките на меѓународните, а не на сириските сили.

Женева-2 на меѓународната заедница ќе ѝ овозможи да се сконцентрира на решавањето на сириската криза, а не само да поддржува една страна во судирот. Задачата на Женева-2 е сириската криза да се пренасочи од воениот на политичкиот колосек. Тоа ќе му овозможи на граѓанското општество да дојде до израз и да стане главен елемент во обновата на Сирија.

Можеби меѓународната заедница не се грижи за интересите на Сирија? Постои ли таква можност и дали се плашите од такво нешто? 

Враќањето на стабилноста и на безбедноста во Сирија е сега во интерес на поголемиот број земји, освен на екстремистите на кои им одговара крвопролевањето.

Можат ли светските сили да се откажат од поддржувањето на една страна во конфликтот и да почнат да се занимаваат со решавање на кризата?

Русија е онаа што отсекогаш го поддржувала режимот, кој и покрај сите проблеми и понатаму е покомпактен од опозицијата. 

САД ја поддржуваа опозицијата во чии редови нема единство, и тоа е проблем за Вашингтон. Администрацијата на Обама се обиде да ја измени ситуацијата со давање воена помош на умерената опозиција, потоа со закана дека ќе изврши воена интервенција, но на крајот беше принудена да ја прифати руската иницијатива.

Сè на сè, американската позиција не се одликува со јасна политичка стратегија и со сфаќање за замрсеноста на сириската реалност.

Освен тоа, Обама во ОН зборуваше за „исклучителната“ улога на Америка. 

Не е во интерес на меѓународната заедница некој во нејзино име да носи одлуки и да игра улога на светски полицаец. Историја, а особено во војните во кои е вмешана Америка, покажува какви трајни и разорни конфликти и какви поделби во општеството предизвикуваат воените интервенции. 

Она што како Сиријци сега нè загрижува е следната фаза од американско-руската соработка, односно дали Русија ќе успее да го принуди сирискиот режим на отстапки со цел политичко регулирање на кризата. Досега сè се сведуваше на уништување на хемиското оружје. Но, овој вид оружје дури од неодамна стана елемент на сирискиот конфликт. Фактот дека режимот соработува по прашањето за уништување на хемиското оружје нема да биде доволна потврда за неговата подготвеност да тргне по патот на политичкото регулирање.

Може ли да се случи официјален Дамаск да направи извесни отстапки во договор со Русија, а без усогласување со САД? 

Руско-американскиот консензус овозможува двете земји да се откажат од поддршката на една од страните во конфликтот и да почнат да го поддржуваат регулирањето како такво, односно да ја поддржат коалицијата која треба да се појави на конференцијата Женева-2. 

На тој начин улогата на Русија ќе стане прифатлива за поголемиот број страни во сирискиот конфликт, а не само за режимот.

На кои сили, освен на сириските власти, може да се потпре Русија во процесот а регулирање на кризата? 

Русија може да се потпре на сириското граѓанско општество. Присуството на претставник на граѓанското општество на Женева-2 е неопходно за успехот на конференцијата во целост. Токму сириското граѓанско општество е најспособно да го изрази стремежот на сирискиот народ и ставовите на Сиријците без поларизација на мислењата. Учеството на претставник на граѓанското општество во преговорите и во преодниот период е неопходно за успех на овој процес.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња