Русија се бори против глорификација на нацизмот

„Бронзениот војник“ во Талин. Извор: ИТАР-ТАСС.

„Бронзениот војник“ во Талин. Извор: ИТАР-ТАСС.

На 12 октомври годинава Русија поднесе нацрт-резолуција до Генералното собрание на ОН за недопустливост на глорификација на нацизмот. Во составувањето на овој документ учествуваа речиси 40 држави, меѓу кои и Белорусија, Казахстан и Сирија. Коавторите на нацрт-резолуцијата зборуваат „за денешните мошне опасни појави“. Се очекува дека овој документ ќе биде ставен на гласање до крајот на годината.
Инцидентот со „Бронзениот војник“

Владата на Естонија во 2007 година реши да го отстрани споменикот посветен на загинатите во Втората светска војна од центарот на Талин.

На 26 и на 27 април 2007 година голем број припадници на руското малцинство во Естонија, меѓу кои и многу млади, се обидоа да го заштитат споменикот. Естонската полиција брутално го задуши протестот: еден човек беше убиен, над 1.000 лица беа уапсени, повеќе од стотина беа претепани, неколку стотини беа изведени пред суд, а десетици се здобија со тешки повреди, дел од кои завршија со инвалидитет.

Григориј Лукјанцев, заменик на постојаниот претставник на Руската Федерација во ОН, за време на поднесувањето на текстот нагласи дека не смее да се допушти преиспитување на вреднувањата на настаните поврзани за Втората светска војна. „За жал, и денес гледаме обиди за дисквалификација на историјата и за преиспитување на триумфот на вистината од 1945 година“, истакнува дипломатот.

„Според нас, сосема е недопустливо да се глорифицираат оние што се вмешани во нацистичките злосторства и во позитивно светло да се прикажуваат поранешните есесовци, на пример членовите на единицата „Вафен-СС“ кои учествуваа во уништувањето на цивилното население“, изјави Лукјанцев.

Според него, коавторите на нацрт-резолуцијата зборуваат „за денешните мошне опасни појави“, на кои мора да им се пружи отпор како на национално, така и на меѓународно ниво.

Лукјанцев потсети на случаите на „свеченото откривање на споменикот на нацистите, прогласување на денот на ослободување од окупацијата за ден на жалост, апсење на оние што се залагаат борците од Втората светска војна да не паднат во заборав, како и промовирање на оние што се бореа на страната на фашизмот против земјите на антихитлеровската коалиција како учесници во народноослободително движење“.

„Треба ли да се споменува дека таквото делување ги навредува учесниците на антифашистичкото движење и им оди во полза на оние што се борат за 'чиста раса', за дискриминација по расна и по етничка линија, а да не зборуваме за тоа каков пример со тоа се дава на тие млади поколенија“, нагласи рускиот претставник.

Минатата година за слична резолуција гласаа 12 од вкупно 193 земји-членки на ОН. Против нејзиното усвојување беа делегациите на САД, Канада и на Маршалските острови, додека 57 земји беа воздржани, а меѓу нив беше и Украина. Григориј Лукјанцев апелираше овие држави да ја преиспитаат својата позиција и да ја поддржат оваа иницијатива.

Како што соопшти претставникот на Руската Федерација, овој документ е малку изменет во однос на минатогодишниот. На пример, дополнет е со апел до државите=членки да ги земаат предвид ставовите од оваа резолуција за време на подготвувањето на извештајот за состојбата поврзана со човековите права во соодветната земја.

Руските медиуми истакнуваат дека резолуцијата што ја предлага Русија најверојатно ќе биде одобрена, зашто почнувајќи од 2005 година веќе деветти пат се става на разгледување во Генералното собрание на ОН, и секој пат беше прифаќана, речиси секогаш со истиот број гласови за и против.

Сепак, аналитичарите нагласуваат дека резолуциите на Генералното собрание на ОН немаат некакво практично значење, зашто не се обврзувачки и не повлекуваат со себе никакви последици.

Според тоа, во претстојното гласање најмногу интригира прашањето кои земји ќе бидат воздржани или ќе гласаат против нацрт-резолуцијата, и како ќе го образложат својот став. Конкретни, воздржани се оние нации кои особено често се обвинети за глорификација на нацизмот (пред сè балтичките земји), а оние кои гласаат против, како на пример САД, велат дека резолуцијата е „во спротивност со принципите на слободата на мислата“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.