Авионската трагедија во Казањ: опомена и стари прашања

Посадата на татарстанскиот „Боинг 737-500“ засега од непознати причини се откажа од атерирањето во првиот обид и го повтори маневарот на слетување. Извор: twitter.com/russia2tv.

Посадата на татарстанскиот „Боинг 737-500“ засега од непознати причини се откажа од атерирањето во првиот обид и го повтори маневарот на слетување. Извор: twitter.com/russia2tv.

Во Русија понеделникот на 18 ноември беше прогласен за ден на жалост поради жртвите на авионската несреќа во близина на Казањ, каде претходната вечер се урна „Боинг 737-500“ на компанијата „Татарстан“. Загинаа 50 лица. Истражниот комитет смета дека трагедијата е предизвикана со грешка при пилотирањето и од технички фактори, вклучувајќи и неисправност на уредите, додека стручњаците наведуваат многу стари проблеми на руската цивилна авијација на кои оваа несреќа повторно го сврте вниманието.

Според резултатите на истрагата, авионот на компанијата „Татарстан“ паднал кај Казањ речиси вертикално помеѓу пистата и маневарската површина. Експлодирале резервоарите, по што избил пожар кој беше локализиран дури изутрината. Според Александар Полтинин, шеф на Приволшката управа за сообраќај на Истражниот комитет на РФ, ноќта пожарот неколкупати повторно се распламтувал. 

Ние имаме многу лош систем за регулирање на цивилната авијација. Едни исти луѓе даваат сертификати за летање и вршат истрага по трагедијата.

Олег Смирнов, комисија за цивилна агенција на граѓанскиот совет на „Ространснадзор“

Тој истакна дека екипажот од засега непознати причини се откажал од атерирањето во првиот обид и го повторил маневарот за слетување. Треба да се испита зошто пилотите не можеле да го приземјат авионот во првиот обид. Одговарајќи на прашањето дали екипажот на авионот навистина соопштувал дека има проблеми за време на слетувањето, Полтинин само истакна дека авионот при слетувањето воспоставил врска со аеродромската служба, пренесува РИА Новости.

Претходно беше соопштено дека веќе се сослушани контролорите на летот кои го наведувале авионот. Контролорот Кирил Корнишин во емисија на ТВ каналот „Русија 24“ раскажа дека еден од пилотите ја известил контролата на летање дека авионот ќе направи маневар и дека ќе го повтори слетувањето на пистата. „Тој рече дека нема конфигурации за слетување. Му дадов упатства како тоа треба да се изведе според стандардите. Тој потврди, но не го направи маневарот. По само неколку секунди се случи несреќата“, изјави контролорот на летање.

На московскиот аеродром од каде полетал авионот истражните органи веќе зеле примероци на горивото и на мазивото. Од авионската компанија „Татарстан“ се земени сите документи поврзани техничката состојба на авионот и подготовката на пилотот за лет, соопшти шефот на Приволшката управа за сообраќај на Истражниот комитет на РФ.

Пронајдени се телата на сите патници. Меѓу загинатите има и две странски државјанки и познати личности од Татарстан: синот на претседателот на Републиката Ирек Миниханов и шефот на Управата на федералната служба за безбедност на Татарстан Александар Антонов.

Тој [пилотот] рече дека нема конфигурации за слетување. Му дадов упатства како тоа треба да се изведе според стандардите. Тој потврди, но не го направи маневарот. По само неколку секунди се случи несреќата.

Кирил Корнишин, контролор на летање

Црните кутии се пронајдени дури изутрината во јама која се формирала на местото на падот на авионот. Тие засега не се дешифрирани, така што експертите изнесуваат прилично внимателни претпоставки во врска со причините за трагедијата.

Извор од Оперативниот штаб за ликвидација на последиците од вонредни состојби за Интерфакс изјави дека не се исклучени „проблеми со механизацијата на крилата, а можно е и моторите да немале доволно сила за маневар“. Од друга страна, Михаил Брјачак, прв заменик-претседател на комитетот на Државната дума за сообраќај, смета дека техничката неисправност на авионот е најмалку веројатна причина за трагедијата.

Според мислењето на Александар Старовојтов, заменик-претседател на комитетот на Државната дума за сообраќај: „пилотите не биле доволно стручни да го приземјат авионот“. Со неговата верзија се сложува и Олег Бели, шеф на Институтот за проблеми во сообраќајот при Руската академија на науките. Тој објасни дека современите авионски компании се откажале од авионите од домашно производство, зашто тие прават голема врева и не можат да се користат за летови во странство. „Останавме без свој авионски парк, а продолживме да ги обучуваме пилотите на старите школски авиони од домашно производство. Авионските компании не обучуваат стручњаци, туку ги земаат оние кои веќе ја минале обуката, а тие пилоти не учеле да управуваат со Боинг, туку со руски Туполев, вели Бели.

Авионските компании не обучуваат стручњаци, туку ги земаат оние кои веќе ја минале обуката, а тие пилоти не учеле да управуваат со Боинг, туку со руски Туполев.

Олег Бели, Институтот за проблеми во сообраќајот при РАН

Олег Смирнов, заслужен пилот и претседател на комисијата за цивилна авијација на граѓанскиот совет на „Ространснадзор“, исто така не ја исклучува можноста од пилотска грепка, зашто немале доволно искуство во управување со „Боинг 737“, но главната причина тој ја гледа во многуте предуслови кои ги предизвикуваат авионските несреќи. „Во 2011 година бевме на прво место според авионските несреќи, потоа во 2012 година беше нешто подобро, а во 2013 веќе имавме две трагедии“, вели стручњакот. „Работата е во тоа што ние имаме многу лош систем за регулирање на цивилната авијација. Едни исти луѓе даваат сертификати за летање и вршат истрага по трагедијата. Во САД, на пример, истрагата ја врши посебна структура, чиј раководител го именува претседателот на државата, и секоја авионска компанија мора да ги почитува нејзините инструкции“.

Според Смирнов, во поголемиот број вакви несреќи излегува дека се виновни пилотите кои загинале, а решавањето на системските проблеми се одложува. „Кај нас ниту една државна структура официјално не одговара за безбедноста на летовите. Експертите зборуваат за тоа и нивното мислење никој не го става под знак прашање, но состојбата не се подобрува“, заклучува стручњакот.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња