Ем филозоф, ем зборува руски – Грузија доби нов претседател

Новиот претседател на Грузија Георгиј Маргвелашвили. Извор: Reuters.

Новиот претседател на Грузија Георгиј Маргвелашвили. Извор: Reuters.

Георгиј Маргвелашвили, филозоф по струка, победи во првиот круг од претседателските избори во Грузија со голема предност пред своите ривали. Со тоа што одлично зборува руски, го демантираше тврдењето на својот претходник Михаил Саакашвили, кој себеси се опиша како последен грузински претседател кој го зборува јазикот на Русија – земјата од која Грузија по секоја цена сакаше да се одвои.

Централната изборна комисија на Грузија го прогласи победникот на претседателските избори кои минатата недела се одржаа во оваа земја. Станува збор за кандидатот на владејачката коалиција „Грузински сон“Георгиј Маргвелашвили, кој по струка е филозоф и кој од почетокот на изборната кампања го предводеше министерството за образование. Инаугурацијата, според грузинскиот устав, треба да биде одржана третата недела од денот на одржување на изборите. Според тоа, од 17 ноември Михаил Саакашвили повеќе нема да биде претседател на Грузија.

Деветте години од владеењето на Михаил Саакашвили беа обележани со големи подеми и страшни падови. Претседателот на заминување смогна сили да ја признае вината за некои од строените грешки. Но, изгледа дека тоа не се однесува на војната во Јужна Осетија од 2008 година и на лошите односи со Русија.

Саакашвили исто така згреши и кога тврдеше дека тој е последниот претседател на Грузија што го знае и што го зборува рускиот јазик. Оваа изјава беше упатена до Москва како повик да го преиспита својот однос кон Тбилиси, зашто, наводно, влијанието на Русија со тек на времето сè повеќе слабее и повеќе нема да има можност да се зајакне.

Но, новиот претседател на Грузија Георгиј Маргвелашвили одлично зборува руски. Сепак, јасно е дека и тој факт сам по себе не е пресуден за решавањето на најголемиот проблем – како да се подобрат односите со Русија. Рускиот јазик одлично го зборуваа и првиот претседател Звијад Гамсахурдија, и вториот – Едуард Шеварднаѕе, а и третиот – Михаил Саакашвили. И покрај тоа, односите на двете држави до распадот на Советскиот Сојуз само се влошуваа и на крајот завршија со официјален прекин.

Зборувајќи за тоа дека односите со Русија треба да се поправат од корен, Георгиј Маргвелашвили, како и кој било друг грузински политичар кој ја сфаќа длабочината и важноста на проблемот, притоа не понуди јасен предлог за негово решавање. Само изјави дека е подготвен да води преговори со Москва поврзани со ова прашање и тоа на разни нивоа. Но, преговори се водеа и досега.

Во Женева, во мултилатерален формат, редовно се одржуваат консултации за намалувањето на напнатоста во зоните на судирите. Во Прага се водеа билатерални преговори за економски и за хуманитарни прашања. Напредок во руско-грузинските односи секако постои. Повторно е обновена трговијата во некогашните размери; решени се проблемите со сообраќајните врски; наскоро треба да биде поедноставен визниот режим за државјаните на Грузија, додека за државјаните на Русија кои сакаат да ја посетат Грузија визни препреки воопшто и не постојат; се разгледува можноста за стекнување високо образование во Русија за државјаните на Грузија итн.

Во Грузија веќе се појави потреба за рускиот јазик, која со целосното преземање на власта од страна на партијата „Грузински сон“ уште повеќе ќе доаѓа до израз. По сè изгледа, сè поочевиден ќе биде недостатокот од наставници по руски јазик. Кога станува збор за политичките ставови на Тбилиси, премиерот Биѕина Иванишвили, а потоа и новоизбраниот претседател Георгиј Маргвелашвили, изразија подготвеност подобро да се запознаат со интеграциските идеи на Русија како што се Царинската унија и Единствениот економски простор. И доколку тие бидат привлечни за Грузија, можно е да се разгледа и можноста за нејзино приклучување кон нив.

Сепак, попрво би се рекло дека овие изјави се израз на почитување или знак за најголемата можна наклонетост на Тбилиси кон Москва во дадените услови – особено кога се има предвид дека претходното раководство го сметаше за зло сето она што имаше врска со Русија, не сакајќи ниту да слушне за неа. Од друга страна, стварните надворешнополитички стремежи на Грузија воопшто не се изменија, што ќе се потврди во ноември на самитот „Источно партнерство“ во Вилно, каде би можело да дојде до потпишување на Спогодба за приклучување кон ЕУ.

 Значителното унапредување на меѓудржавните односи и обновувањето на дипломатските односи помеѓу Грузија и Русија остануваат најголем проблем: Москва во ниту еден случај не се согласува на можноста за укинување на суверенитетот на Абхазија и на Јужна Осетија, што е предуслов на кој Тбилиси настојува. Дијаметрално спротивните ставови по ова прашање не даваат повод за оптимизам.

Грузинското раководство не можеше, а да не ја слушне изјавата за време на предизборната кампања на една од кандидатите за претседател – Нино Бурџанаѕе, која како пример ја наведе Јапонија. Токио, како што е познато, има територијални претензии кон Русија, но дипломатските односи не ги прекинува, туку токму во тие рамки води преговори со Москва за спорното прашање. Доколку новото грузинско раководство навистина сака да ја помрдне состојбата од мртва точка, би требало да обрне внимание на споменатиот пример и да го прифати како мудар политички совет.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња