Бирјуљово – московската „зона на самракот“

„Народниот собир“ во Бирјуљово прерасна во нереди од големи размери и стана симбол на незадоволството на граѓаните од имиграциската политика на државните власти. Извор: РИА Новости

„Народниот собир“ во Бирјуљово прерасна во нереди од големи размери и стана симбол на незадоволството на граѓаните од имиграциската политика на државните власти. Извор: РИА Новости

Дописничката на „Руска рече на македонски“ се обиде да дознае зошто токму во московската населба Бирјуљово народот го изгуби трпението во врска со имиграциската политика на Русија и дали овие немили настани ќе бидат доволни за федералната власт да ги промени своите ставови.

Москва е како некоја огромна торта со многу пандишпани и фил. Тие нејзини слоеви речиси никогаш не се мешаат, а ако некогаш се помешаат, тоа е несекојдневен настан, а не стандардна ситуација. Жителите на Москва се навикнати да одат на работа и да се враќаат оттаму по еден ист пат, да се среќаваат со едни исти луѓе што ги знаат уште од детството или од студентските денови, да наминуваат во кафулето каде сите се познаваат... Кога некој московјанин ќе слушне што се случува во некој оддалечен дел од градот, понекогаш му се чини дека се тоа вести од некоја друга планета, а не од местото каде што живее тој.

Цела вечер имав впечаток како да сум излишна поради мојот словенски изглед кој ме прави како да сум туѓинка.

Но, зборот „Бирјуљово“ Московјаните веќе толку често го слушаат, што тој фактички стана синоним за оддалечен дел од градот каде животот не е безбеден. Оваа московска населба е практично изолирана од останатите делови на градот со две железнички пруги и неодоливо потсетува на енклава во која се живее малку поинаку одошто во околните станбени населби.

„Тука и пред 10 години беше опасно. Локалните хулигани толку добро ми го 'средија' лицето што три недели не можев да излезам од дома. Но, тогаш насекаде не беше особено безбедно. Подоцна во останатите делови на Москва стана побезбедно, а тука сè остана како и претходно“, вели Јуриј, кој порано има живеено во Бирјуљово.

Од убиство до масовни нереди

Ноќта помеѓу 9 и 10 октомври на југот на Москва беше убиен 25-годишниот Егор Шчербаков. Тој на улица се обидел да ја заштити својата девојка, со која, пак, сакал да се запознае маж со кавкаска надворешност. Избила караница во која дојденецот на Шчербаков му нанел смртоносен убод со нож. Жителите на населбата на 12 октомври спонтано се собраа на митинг пред локалната полициска станица со барање убиецот да биде пронајден и да се затвори локалниот магацин за оружје, во кој биле вработени голем дел од локалните имигранти. Следниот ден собирот прерасна во масовни нереди. Беа приведени околу 400 лица. За околу 70 приведени е составен полициски извештај. Човекот кој е осомничен за убиството на Шчербаков, кој патем речено е државјанин на Азербејџан, е фатен во Подмосковје. Ситуацијата поврзана со имигрантите предизвика брни дискусии во Русија. Магацинот за овошје е затворен.

Никаел Бикуа Мфансе е член на репрезентацијата на Русија во спортско веслање. Израснал во Бирјуљово, но сега, кога има можност, би сакал да се отсели. „не ги оправдувам хулиганите кои ги започнаа сиве овие напади, но во земјата што власта нема да обрне внимание сè дури народот не преземе нешто. Во Бирјуљово состојбата со имигрантите е веќе одамна напната“, изјавува тој за sports.ru. „Навистина има многу имигранти, така што тука воопшто нема мир. Јас и самиот гледам да заобиколам определени места кога ќе излезам да прошетам со жена ми. Пред околу пет години беше направено паркче, со цел жителите да имаат каде да прошетаат, но штом падне мрак, туку се собираат главно имигрантите. Тие не обрнуваат внимание на нашите закони и на нашите обичаи и воопшто не ја почитуваат нашата култура. Но, јас не би рекол дека ниту нашето население не е нешто подобро, зашто и староседелците не се цвеќе за мирисање.“

Бирјуљово, гледано однадвор, е типична градска населба со многукатници, со продавници и со многубројни приватни минибуси во градскиот превоз (до метро-станицата не може да се стаса пеш). Тука во последно време се појавија неколку национални кафулиња. Сопственикот на едно од нив вели дека има доста посетители зашто никој не сака навечер да оди во центарот и тука сите можат да си се видат со пријателите. „Воопшто не го разбирам таквото однесување. Зошто некој во градов би носел нож? Можеби би му користел во планина, но би требало да сфатат дека Москва не е планина“, изјавува тој.

Сепак, наоколу има и такви места за кои московјаните на шега велат дека „таму не пуштаат никој што има руски пасош“. Во еден таков „угостителски објект“ се веселат тукашните жители (поточно имигрантите кои живеат во близина). Дописничката на „Руска реч на македонски“ мораше да најде соодветен придружник за да може да дојде во едно од тие места. На влезот гостинката беше претресена од една крупна и намуртена и жена, за која на новинарката подоцна ѝ беше кажано дека работела како надзорничка во женски затвор. Меѓу гостите има и лица со словенска надворешност, но тоа главно се девојки што ги придружуваат своите кавалери чија физиономија вели дека се од Кавказ или од Средна Азија. Тоа беше ноќ помеѓу недела и понеделник, но сепак имаше многу луѓе. Изгледаше како тоа воопшто да не е Москва и како да не е 2013 година, туку како да се оние некогашните „несреќни деведесетти“, со тогашните улични тезги, со пресметки на локалните банди и со алкохол со сомнителен квалитет.

Често странците кои се дојдени на привремена работа во Москва се населуваат во центарот на градот во зградите предвидени а уривање.

Луѓето кои тука се чести гости велат дека тепачките се нормална појава и дека е подобро да не се привлекува внимание кон себе. Цела вечер имав впечаток како да сум излишна поради мојот словенски изглед кој ме прави како да сум туѓинка. Но, ако дописник имав статус на гостинка, а гостинот е светиња за сите луѓе кои се поврзани со Кавказ, така што никој не ми рече ништо лошо.

Убиството на етнички Русин, кое беше извршено од страна на еден работник емигрант, поттикна насилни протести во јужниот дел на Москва

И во другите делови од Москва има имигранти. На пример, жителите од источниот дел на престолнината постојано се жалат од дојденците. Полицијата често се соочува со ситуација кога во центарот на градот странците кои се на привремена работа се вселуваат во зградите предвидени за уривање. Имигранти кои живеат по подрумите можат да се сретнат и во југозападниот дел на престолнината, кој се смета за попрестижен. Сево ова, секако, ги иритира Московјаните.

Кога станува збор за статистиката на кривичните дела, тешко е врз основа на ваквите податоци да се носат заклучоци. Според податоците на Службата за внатрешни работи на Москва, најголемиот број престапи се вршат во центарот на градот, и најчесто станува збор за џебни кражби, поситни кражби итн. Освен тоа, статистиката е таква што за време на регистрацијата на сторителот на кривичното дело не се води евиденција за тоа дали некој од нов дошол од некоја од републиките од Северен Кавказ, зашто и тие луѓе се граѓани на Русија, а московјаните сепак ги доживуваат како имигранти. Тие се разликуваат според изгледот, но според документите се државјани на Руската Федерација и со самото тоа немаат статус на имигранти.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.