Зошто Ерменија не сака во ЕУ?

За разлика од Русија, ЕУ не ѝ даде на Ерменија гаранција за територијалната целост. Извор: РИА Новости

За разлика од Русија, ЕУ не ѝ даде на Ерменија гаранција за територијалната целост. Извор: РИА Новости

Ерменија се откажа од влегувањето во ЕУ и ја избра Царинската унија со Русија, Казахстан и Белорусија. По повеќе од една година преговори меѓу Ереван и Брисел, ваквиот пресврт за многумина беше неочекуван, но стручњаците истакнуваат дека Ерменија едноставно внимателно ја избрала подобрата и побезбедна понуда.

Како што излегува, и краткотрајната „гасна војна“, и спогодбите за испорака на руско оружје на Азербејџан, и конечниот договор за стапување на Ерменија во Европската Унија и во НАТО – сето тоа беше само вовед во засилувањето на билатералните односи меѓу Русија и Ерменија. Станува збор за тоа дека двете држави си се потребни една на друга. Русија на Ерменија ѝ гарантира заштита од агресија, а Ерменија ѝ овозможува на Русија да ги зацврсти своите позиции во Западна Азија.

Сепак, во Европа и понатаму се слушаат изјавите дека членството на Ерменија во Царинската унија нема да биде пречка за нејзиното политичко и економско зближување со Европската Унија. Сега повеќе е невозможно потпишување на спогодба за асоцијативно членство со ЕУ, но и покрај тоа Брисел инсистира на зближување со Ереван. Ќе се обидеме да ги препознаеме причините за зближувањето на Москва и Ереван.

Селективна трпеливост на ЕУ

Олку трпелив став кон кавкаска република е сосема спротивен од тонот со кој Европската Унија разговара со Украина, на која ѝ е оставено да избере или едно или друго: Русија или Запад. Експертите сметаат дека причината се крие во подобро осмислената политика на раководството на Ерменија. Имено, тоа во претходните години се воздржуваше од недвосмислено изјаснување „за“ или „против“ Европската Унија. Згора на тоа, официјален Ереван во локалните медиуми организираше голема пропагандна кампања во прилог на соработката со Брисел, но, притоа, направи сѐ за да не ги расипе односите со Кремљ.

Ерменија во претходните години се воздржуваше од недвосмислено изјаснување „за“ или „против“ Европската Унија.

Ерменија доследно водеше преговори и со Европската Унија и со Русија, очекувајќи од двете страни да понудат конечни услови за соработка. За Ереван најважно е прашањето за безбедноста на земјата, зашто Ерменија е притисната помеѓу Турција и Азербејџан, двете земји настроени непријателски, кои отворено му се закануваат на нејзиното постоење, така што Брисел и Москва мораа да понудат гаранции во тој поглед.

Европската Унија не ѝ понуди на Ерменија гаранции дека ќе биде сочувана нејзината територијална целосност, така што изборот падна на Москва. Да потсетиме дека меѓу Русија и Ерменија веќе постои спогодба за заштита на границата, која важи до 2044 година.

Клуч за Кавказ

Европската Унија, меѓутоа, и понатаму покажува интерес за Ерменија, и тој е нешто поинаков од интересот за Грузија или за Украина. Ерменија и за европските земји, и за Русија е клучот со кој може да се зацврсти влијанието во целиот кавкаски регион. Прво, нејзината географска положба е пречка за обединување на Турција и Азербејџан. Второ, доколку Брисел во Ереван има „послушно раководство“, како што беше она на Саакашвили во Грузија кон крајот на претходната деценија, тој во своите раце би имал моќен инструмент за влијание на Соединетите Држави преку Анкара, со која Вашингтон е во сојуз. И трето, Русија во тој случај би била сосема отсечена од Блискоисточниот регион.

Од друга страна, за Русија сојузот со Ереван претставува гаранција за присуство во целиот кавкаски регион и во Западна Азија.

Манастирот Хор Вирап (7 век) на подножјето на библиската планина Арарат. Извор: Alamy / Legion Media.

„Одлуката на претседателот на Ерменија, Серж Саркисјан, за придружување на Царинската унија на Русија, Белорусија и Казахстан може да се протолкува како отстапка, како уцена, или како сакате. Но, факт е дека Ерменија навистина имаше што да избира меѓу Русија и Европската Унија, со тоа што ставот на Ереван суштински се разликуваше од ставот на Украина, која најпрво се определи, а потоа почна да се пазари. Природно е што Европејците, гледајќи ја таквата избрзаност на украинските политичари, му постави на Киев стриктни услови, што влијаеше негативно на односите со Русија. Ерменија, меѓутоа, ја донесе својата одлука врз основа на понудените услови за соработка“, ја коментира ситуацијата Владимир Жарихин, змаеник-претседател на Институтот за проучување на Заедницата на независни држави.

„Ереван ги разгледа условите што ги предлага Русија, меѓу другото и проблемите што можат да настанат во случај на нејзино асоцијативно членство во Европската Унија, и врз основа на тоа се определи. Кремљ, секако, покажа вознемиреност кога се дозна за преговорите меѓу Ереван и Брисел. Патем, вознемиреноста на Русија често се третира како уценување. Таков беше, на пример, случајот со Украина. Но, Русија не уценува, туку само им објаснува на другите земји какви односи ќе бидат воспоставени по донесувањето конечна одлука, зашто Москва едноставно не може поинаку да постапува. Ерменија го сфаќа тоа“, смета Жарихин.

Од Москва до Техеран

Односите меѓу Москва и Ереван и онака беа блиски, а Царинската унија уште повеќе ќе ги засили. Обете земји веќе им дадоа до знаење на скептиците дека отсуството на заеднички граници не е препрека, туку дополнителен стимуланс за осмислување и продлабочување на соработката.

Земјите сметаат на тоа дека ќе биде обновен железничкиот сообраќај преку Абхазија и Грузија. Компанијата „Руски железници“ преку Јужнокавкаската железничка пруга фактички управува со пругите на Ерменија и веќе изрази подготвеност во нив да инвестира голема сума пари. Во меѓувреме Русија продолжува да се договара со Грузија и со Абхазија за повторно воспоставување на железничкиот сообраќај на линијата Москва-Сухуми-Тбилиси, а тоа значи и со Ереван и со Иран. Новото грузиско раководство би требало да биде заинтересирано за можноста Грузија да стане транзитна територија помеѓу Русија и Иран, со оглед на фактот дека веќе успешно се реализира проектот за изградба на железничка пруга Ерменија-Иран.

Така, стапувањето на Ерменија во Царинската унија ќе ѝ овозможи на Русија уште подобро да се зацврсти во регионот и да го добие најкусиот копнен коридор кон Персискиот залив. Москва во повеќе наврати се увери дека раководството на Ерменија не ги менува своите одлуки, така што може да се потпре на зборот добиен од владата во Ереван.

Живот без блокади

За Ерменија стапувањето во Царинската унија би можело да биде чекор кон решавањето на главниот проблем што ја мачи оваа земја веќе дваесет и три години. Станува збор за укинување на блокадата. Земјата не можеше нормално да се развива токму поради тоа што е отсечена од Русија, а нема копнена сообраќајница кон Европа. Поради прекинот на врските со надворешниот свет, Ерменија во последниве години практично остана без својата научна школа, која беше сметана за една од најсилните во Советскиот Сојуз. Дојде до застој и во хемиската и во електронската индустрија, во металургијата и во машиноградбата, затворени се наоѓалиштата на важни ретки земни метали.

Ако Ереван ѝ помогне на Москва во убедувањето на Тбилиси да го пушти железничкиот сообраќај, тогаш тоа ќе биде вистински подарок за ерменската влада, која во последниве неколку „посткризни“ години со големи напори ја спасува економијата на земјата од целосен крах.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња