Квинтесенција на досегашните кризи

Русија и Кина ги отфрлија сите нацрт-резолуции во кои се дефинираат виновници и се споменува автоматизам на примена на санкции. Извор: Getty Images / Fotobank.

Русија и Кина ги отфрлија сите нацрт-резолуции во кои се дефинираат виновници и се споменува автоматизам на примена на санкции. Извор: Getty Images / Fotobank.

Дали руската дипломатија направи историска пресвртница во светските односи? По две децении воени интервенции од страна на Западот, војната во Сирија се развива на нов начин. Прашањето за идниот модел на реагирање на конфликтите се решава токму сега.

По неочекуваниот пресврт на целата сириска колизија, Русија одненадеж почна иницијатива, која според своите можности ќе обезбеди да се отстапи од идејата за воена интервенција. Ова го стори истата онаа Русија на која на Запад со голема самоувереност ѝ беше припишана главната улога во попречувањето на регулирањето на кризата. Како се случи тоа Москва порано да вели само „њет“, а сега одеднаш да стане извор на конструктивни предлози?

Клучната фраза ја изговори министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, летото во 2012 година на прес-конференција: „Од тоа како ќе се реши сириската криза во голема мера зависи идниот модел на реагирање на меѓународната заедница на внатрешните конфликти во определени држави“. Токму тоа го определи односот на Москва кон братоубиствената војна во Сирија. Страната што губи е сириската опозиција, за која рускиот план значи губење надеж за пресврт во војната.

Страната што губи е сириската опозиција, за која рускиот план значи губење надеж за пресврт во војната.

Нередите во Сирија започнаа во деновите кога Советот за безбедност на ОН ја донесе резолуцијата 1973, со која го одобри мешањето на други земји во граѓанската војна во Либија. Како што е познато, Русија тогаш најде за сходно да не го спречува воведувањето зони на забранет лет за либиската авијација, со цел да го заштити мирното население. Документот беше усвоен набрзина, и тоа со мошне неодредена формулација, што не е вообичаено за, инаку, прецизниот правен стил на Советот за безбедност. Токму овој документ послужи како основа за масовното учество на други земји во внатрешниот конфликт и за смена на власта.

Ставот на Русија за сириското прашање е резултат на ситуацијата околу Либија. Прво, Западот тогаш „ја излажа“ Русија, така што таа сега е „навредена и лута“. Второ, Русија извлече недвосмислена порака: недоволно јасните формулации подоцна „можеби“ ќе бидат протолкувани како одобрување на „светската заедница“ за примена на сила во корист на една избрана страна во судирот, а тоа, според замислата на Западот, е основата за „понатамошниот модел на реагирање на меѓународната заедница на внатрешните конфликти во определени држави“.

Како што се заоструваше ситуацијата во Сирија, така Русија и Кина доследно ги отфрлаа сите нацрт-резолуции во кои се дефинираат виновници и во кои се споменува автоматизам на примена на санкции: ако Дамаск не го направи тоа и тоа, тогаш следуваат некакви мерки, вклучително и вооружени акции. Стануваше збор за тоа да не се допушти либискиот модел да стане легитимен.

Реализацијата или неуспехот на планот за сириското хемиско оружје ќе покаже дали светот е способен да се учи на грешките. Извор: AFP / Eastnews.

Но, состојбата на фронтовите зафатени со граѓанска војна во Сирија стануваше сѐ позамрсена, така што дипломатската активност на крајот на краиштата дојде до ќор-сокак. Русија сѐ повеќе инсистираше на тоа дека интервенцијата е деструктивна мерка, а Западот од една страна се плашеше од интервенција, а од друга беше свесен дека без неа ситуацијата не може да биде свртена во корист на бунтовниците.

Кога беа применети отровни супстанции, надворешната интервенција стана неизбежна. На Обама веднаш му беше свртено вниманието во врска со неговите закани поврзани за „црвената линија“ и на изјавата дека „Башар ал Асад мора да замине“, така што за него исполнувањето на ветувањето стана прашање на честа. Со голема брзина се наближуваше она што Русија повеќе од две години се обидуваше да го избегне. Речиси никој во Москва никогаш не се посомнева дека интервенцијата нема да реши ниту еден проблем во Сирија, туку дека само повеќе ќе ја влоши состојбата. Но, важно е дека војната би можела крајно негативно да се одрази на престижот на Русија, зашто тоа би ги анулирало сите поени што таа ги имаше добиено благодарение на својата доследна линија.

Светот признава, иако многумина тоа неволно го прават, дека Русија погоди во центарот, со оглед дека предложениот план на многумина ќе им овозможи да го сочуваат образот и елегантно да излезат од ќор-сокакот. Но, битката за дипломатска победа допрва започнува.

Идејата за меѓународна контрола на хемиското оружје, покрај другото, беше и шанса да се капитализира она што е постигнато во претходниот период.

Светот признава, иако многумина тоа неволно го прават, дека Русија погоди во центарот, со оглед дека предложениот план на многумина ќе им овозможи да го сочуваат образот и елегантно да излезат од ќор-сокакот. Но, битката за дипломатска победа допрва започнува.

Прво, преземањето контрола над хемиското оружје само по себе е крајно сложена операција, дури и во мирновременски услови. Потребно е тоа да биде координирана акција на многу земји и меѓународни организации, и потребна е доверба меѓу учесниците во конфликтот, а неа засега ја нема.

Второ, во оваа варијанта постои страна што очигледно губи. Тоа е сириската опозиција, за која одложувањето и отфрлањето на нападите на Башар ал Асад значат губење надеж за пресврт во војната. На бунтовниците не може да им се допадне тоа што во целата сириска епопеја одеднаш во прв план излегува некоја друга тема, онаа истата од која сѐ започна.

Трето, администрацијата на САД е под притисок од потребата за брзо постигнување резултат. Обама се плаши да не остави впечаток на неспособен државник и тој страв го наведува да реагира импулсивно.

Претходните кампањи (Југославија, Ирак, Либија) беа мошне поучни, меѓу другото и во смисла што стана јасно на какви препреки може да се наиде во обидот за регулирање слични кризи и како проблемите во целост се извртуваат само за да се постигне саканиот резултат.

Сирија е во извесна смисла квинтесенција на многу претходни кризи. Реализацијата или неуспехот на планот за преземање на контролата над сириското хемиско оружје, ќе покаже дали светот е способен да се учи на грешките и да извлекува поуки, или може само да ги повторува претходните грешки и да прави нови, пофатални од претходните. Прашањето за „идниот модел на реагирање на конфликтите“ се решава токму сега.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња