Сноуден учи руски и бара работа

Компаниите се обидуваат да го искористат Сноуден во рекламни цели. Извор: Reuters

Компаниите се обидуваат да го искористат Сноуден во рекламни цели. Извор: Reuters

Разобличувачот на специјалните служби на САД Едвард Сноуден, кој во август годинава доби привремен азил во Русија, по сè изгледа, ќе остане долго во Русија.

Наскоро тој ќе се вработи, изјави неговиот адвокат Анатолиј Кучерена. Освен тоа, Американецот „зема часови по руски јазик“ и забележува „определени успеси“.

Кучерена „е апсолутно уверен во тоа дека Едвард ќе најде добро платена работа“. Претходно Сноуден доби неколку понуди, кои ѝ беа обелоденети на широката публика.

На Едвард може да му биде интересно да работи на заштита на личните податоци на милиони наши корисници.

Павел Дуров, основач на социјалната мрежа Вконтакте

Првата понуда за работа во Русија Сноуден ја доби од претседателот на руската социјална мрежа „Вконтакте“ Павел Дуров.

„Мислам дека на Едвард може да му биде интересно да работи на заштита на личните податоци на милиони наши корисници“.

Вконтакте (која има околу 43 милиони корисници секојдневно) е една од малкуте социјални мрежи во светот, која ја доби борбата за локалниот пазар со Фејсбук.

Втората понуда за соработка на Сноуден му ја предложи шефот на работната група за заштита на личните податоци на Советот на Федерацијата Руслан Гатаров, но бидејќи стануваше збора повеќе за консултации, Гатаров предложи отворање сметка за собирање средства за Сноуден.

„Едвард не е богат човек и со сопствените пари нема долго да издржи. Сакам да им се заблагодарам на оние блогери кои не останаа рамнодушни кон неговата судбина. Јас, секако, му помагам колку што можам“, - изјави рускиот сенатор.

Многу руски експерти претпоставуваат дека работата на Сноуден тешко дека ќе биде поврзана со државните тајни на Русија и дека некои компании можат да се обидат да го искористат Сноуден во рекламни цели.

Меѓу потенцијалните работодатели на кои може да им послужи Сноуден се Mail.ru Group и Kaspersky.

На прашањето кон каква работа се стреми самиот whistle blower, Кучерена одговара: „No comments, но откако тој ќе донесе одлука, веднаш ќе ви кажеме“, ветува адвокатот.

Сепак Кучерена даде некакво навестување и изјави дека работата на Сноуден најверојатно ќе биде поврзана со „ај-ти или со заштита на правата на човекот“.

Таткото на Едвард, Лон Сноуден, кој беше на гости во Москва од 10 до 16 октомври, по враќањето во САД изјави дека го посоветувал сина си да остане во Русија.

Многу сум ѝ благодарен на таа земја (Русија) зашто му даде азил на син ми.

Лон Сноуден, татко на Едвард Сноуден

Тој, исто така, изјави дека нему многу му се допаднала земјата и дека Русите воопшто не се онакви какви што ги претставуваат во САД.

„Во Русија бев како турист, како гост, и многу сум ѝ благодарен на таа земја зашто му даде азил на син ми“.

Лон Сноуден кој од руските власти доби повеќекратна виза за влез, планира да се врати во Русија и со другите членови на семејството.

Според Лон, Едвард ги нема откриено сите тајни информации, па затоа азилот ќе му даде можност тој и понатаму да им дава соопштенија на новинарите.

Во една од последните партии на тајни информации, која беше објавена на 15 октомври во „Вашингтон пост“, говори за тоа дека Американската безбедносна служба собира стотици милиони контакти на корисниците на Фејсбук, Џимејл, Хотмејл, Јаху и на други сервиси, вклучувајќи ги и информациите од сервисот за размена на приватни пораки.

Според информацијата на Сноуден, специјалната програма собира контактни податоци во моментот кога корисникот влегува во системот на сервисот или кога го синхронизира уредот.

Сноуден мора да остане во Москва?

Покрај другото, до моментов не се знае каде живее Сноуден во Русија и со што се занимава. Неговиот адвокат се ограничува со ретки изјави.

За овие неколку месеци колку што поранешниот разузнавач се наоѓа во Русија, познато е само дека тој може слободно да се движи низ Русија и дека малкумина би го препознале.

Кучерена му подарил на Едвард Сноуден книги од руските класици, меѓу кои и од Фјодор Достоевски.

„Му донесов еден куп книги. Се гледа дека сака да чита и да учи. Доколку би имал можност, тој многу повеќе би патувал“, вели Кучерена.

 

Русите, кои на еден или на друг начин се поврзани со шпионска или со некоја тајна работа често во Русија добиваат интересни пости, кои често се граничат со скандал.

Така, Андреј Луговој кого Лондон го обвинува за труење на Александар Литвиненко со радиоактивен полониум во 2007 година стана член на партијата ЛДПР и доби место во собранието на парламентарните избори.

Водителката на рускиот телевизиски канал РЕН-ТВ Ана Чепман која во 2010 година беше екстрадирана од САД во Русија со обвинение за шпионажа, влезе во советот на прокремљовското младинско движење „Молодаја гвардија“ и имаше еротска фотосесија за списанието „Максим“.

На 4 јули 2013 година Чепман на својот Твитер-профил му предложи брак на Едвард Сноуден. Сноуден одговори на руската шпионка: „Би се оженил за Чепман, без оглед на сè. Господи, само погледнете ја!“

Русинката Екатерина Затуливетер, која работи како помошник на пратеникот на британскиот парламент Мајк Хенкок, беше обвинета за шпионажа во полза на Русија од страна на британската разузнавачка служба МИ5 во декември 2010 година, а во ноември 2011 го доби првиот судски процес од ваков вид во историјата. Таа стана помалку позната од Лугова и од Чепман, но сепак доби големо внимание во медиумите. По враќањето во Русија таа почна да работи во телевизијата „Раша тудеј“, а оваа есен учествуваше во изборната кампања не еден од лидерите на опозицијата Алексеј Наваљни на изборите за градоначалник на Москва.

 

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња