Ако на Русија и на САД им тргне од рака да го уништат хемиското оружје во Сирија и ги натераат владата и опозицијата да седнат на преговарачка маса во Женева, тоа ќе биде сериозна најава на можноста за заедничко наоѓање на обострано прифатливо решение и кога станува збор за други акутни светски проблеми. Извор: Reuters / Vostock Photo.
Никогаш претходно политичката дискусија во Генералното собрание на ОН не била толку жестока, а преговорите „на маргините“ на овој најрепрезентативен светски собир не биле толку интензивни, како што беше случајот оваа година. И сето тоа поради Сирија. Министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров за четири дена имаше 55 билатерални средби со колеги, како и со шефови на држави и влади. Трипати се состана со државниот секретар на САД Џон Кери.
И сето тоа не беше попусто. Советот за безбедност на ОН во четвртокот (26 септември) вечерта одржа затворена вонредна седница поради консултации во врска со нацрт-реолуцијата за уништување на сириското хемиско оружје. Ваквата можност се појави по најавената најнова средба на Лавров и Кери, одржана со цел да се изнајде излез од сириската криза.
По непланираните преговори со американскиот колега, Лавров во својата набиена агенда сепак најде пет минути за на руските новинари први да им ја соопшти долго очекуваната новост, и воедно да ги оттргне сите евентуални сомнежи, со оглед дека околу нацрт-резолуцијата се ширеа разни гласови.
Според зборовите на Лавров, Русија и САД во целост ги усогласиле двата документа. Едниот е нацрт-одлуката на Организацијата за забрана на хемиско оружје (OPCW) во Хаг, која се однесува на ставање под меѓународна контрола на резервите на отровни супстанци во Сирија, а другиот е резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за поддржување на таа одлука. Првиот документ во најскоро време ќе ѝ биде предаден на Организацијата за забрана на хемиско оружје на разгледување. Лавров додаде дека во Москва и во Вашингтон постојат заеднички надежи дека Организацијата за забрана на хемиско оружје ќе гласа за резолуцијата пред нејзиното разгледување во Советот за безбедност на ОН.
Новинарите, секако, ги интересираше дали во резолуцијата ќе се спомене главата 8 од Повелбата на ОН која допушта примена на сила и воведување санкции. „Резолуцијата што ќе биде поднесена за разгледување од страна на другите членови на Советот за безбедност е формулирана строго според логиката на женевските спогодби, во рамките на акцијата за уништување на хемиското оружје во Сирија. Таа не предвидува какво било делување во согласност со главата 8 од Повелбата на ОН“, изјави Лавров.
„
Ако на Русија и на САД им тргне од рака да го уништат хемиското оружје во Сирија и ги натераат владата и опозицијата да седнат на преговарачка маса во Женева, тоа ќе биде сериозна најава на можноста за заедничко наоѓање на обострано прифатливо решение и кога станува збор за други акутни светски проблеми.
Тој особено внимание посвети на определени детали од нацртот, во кои се „подвлекува колку е важно да му се верува на професионализмот на експертите на Организацијата за забрана на хемиско оружје и повикува генералниот секретар на ОН да соработува со овие експерти во целиот тек на работата“. Во резолуцијата на Советот за безбедност на ОН се наведени обврските на Сирија која таа мора да ги исполни како членка на Конвенцијата за забрана на употреба на хемиско оружје. Доколку владата на Сирија или опозицијата го прекршат договорот, Советот за безбедност на ОН специјално ќе го решава прашањето, што значи дека за евентуална примена на сила против Сирија би била потребна дополнителна резолуција на Советот за безбедност, но во тој случај доказите за прекршување треба да бидат стопроцентни, објасни Лавров.
Сè на сè, тој е задоволен со постигнатите резултати. „Задоволен сум со она што е постигнато“, им рече министерот на новинарите. „Руско-американската иницијатива веќе доби поддршка во широките кругови. Очекуваме дека ќе биде поддржана и во практичниот план на Организацијата за забрана на хемиско оружје и во Советот за безбедност на ОН.“
![]() |
Башар ал Асад не очекува американска интервенција |
Кери, од своја страна, за подготвениот документ рече дека тој е „историски пробив“. Сепак, на конференцијата за новинари по седницата на „шесторката“ меѓународни посредници во иранската нуклеарна програма изјави дека во Советот за безбедност треба уште да го доработи текстот на документот. „Постигнавме договор околу резолуцијата и сега ја довршуваме таа работа“, рече државниот секретар.
Два часа подоцна членовите на Советот за безбедност се собраа на вонредни консултации. Истовремено во Хаг, на заседанието на извршниот комитет на Организацијата за забрана на хемиско оружје, беше разгледувана резолуцијата за контрола на сириското хемиско оружје.
Изгледа дека Русија и САД во случајот со Сирија успеаја да ги отфрлат обостраните негативни стереотипи и сомнежи од времето на студената војна. Ако им тргне од рака да го уништат хемиското оружје во Сирија и ги натераат владата и опозицијата да седнат на преговарачка маса во Женева, тоа ќе биде сериозна најава на можноста за заедничко наоѓање на обострано прифатливо решение и кога станува збор за други акутни светски проблеми.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче