Русија и Белорусија ги загрижија соседите

Во вежбата „Запад-2013“ учество ќе земат 2.500 војници од Русија, додека од Белорусија ќе бидат испратени 10.400 лица. Извор: Министерство за одбрана на РФ.

Во вежбата „Запад-2013“ учество ќе земат 2.500 војници од Русија, додека од Белорусија ќе бидат испратени 10.400 лица. Извор: Министерство за одбрана на РФ.

Заедничката воена вежба на Руската Федерација и на Белорусија која треба да се одржи следниот месец, предизвика лавина реакции кај соседните земји. Но, каква е всушност оваа воена вежба и кои се нејзините цели?

Заедничката воена вежба на Русија и Белорусија со назив „Запад-2013“ ќе биде одржана од 10 до 16 септември 2013 година. Според претставникот на Министерството за одбрана на Руската Федерација, Вјачеслав Усик, вооружените сили на Русија ќе учествуваат со 2.500 војници, додека Белорусија ќе испрати 10.400 лица. Во вежбата ќе бидат користени околу 60 авиони и хеликоптери и до 250 борбени возила од едната и од другата земја, додава Усик. Овие маневри ќе се изведуваат во Белорусија и на територијата на рускиот Западен воен округ, како и во Баренцово и во Балтичко Море.

„Запад-2013“ веќе предизвика загриженост кај соседите, поранешните републики на СССР и на Варшавскиот пакт, кои денес се членови на ЕУ и на НАТО. И покрај изјавите на Министерството за одбрана на Руската Федерација дека оваа заедничка вежба е насочена кон одбрана на Државниот сојуз на Русија и Белорусија, некои западни политичари и аналитичари тврдат дека таа во својата основа е агресивна.

НАТО, сепак, повикан?

Како што пренесува ИТАР-ТАСС, земјите на НАТО, сепак, ќе бидат „поканети да ги набљудуваат“ маневрите на руската и на белоруската војска, „Запад-2013“. Ова на 23 јули го изјави заменик-министерот за одбрана на РФ, Анатолиј Антонов, на маргините на министерскиот самит Русија-НАТО, одржан на 24 јули во Брисел.

Нивната загриженост ја зголеми и првобитната одлука на учесниците во вежбата „Запад-2013“ да не дозволат присуство на претставници на НАТО за време на нејзиното одржување. Министерот за одбрана на Латвија, Артис Пабрикс, на 19 јули изјави: „Сакаме Русија да нѐ повика да присуствуваме на оваа вежба за да можеме да ја следиме и да дадеме своја проценка“. Споменатиот министер верува дека на маневрите ќе се симулираат напади врз балтичките држави. „Не верувам дека ова сценарио ќе се разликува од претходното (‘Запад-2009’), освен во некои поединости. Во секој случај, цел на ова вежба е нашиот регион“, изјави Пабрикс. Министерот за одбрана додаде дека е загрижен поради активностите на руската војска, како и поради нејзиното присуство во балтичкиот регион.

Слична загриженост покажува и Литванија. Според извештајот од 2012 година, кој го направи Второто истражно одделение на Министерството за национална одбрана на Литванија, постои можност воената вежба „Запад-2013“ да вклучува не само одбранбени туку и офанзивни операции, како и намерни и ненамерни нарушувања на територијалниот интегритет и на воздушниот простор на Литванија. Активностите на руските воени сили, насочени во правец на запад, литванската војска ги смета за демонстрација на сила.

Претставниците на полската војска ја делат својата загриженост со споменатите балтички земји во врска со маневрите на Русија и на Белорусија, како и со севкупната геополитичка ситуација во оваа област. Генерал Роман Полко, поранешен заповедник на полските единици за специјални операции ГРОМ и заменик-началник на државното Биро за национална сигурност, на 10 јуни за телевизијата „Полсат“ изјави дека Русија им се заканува и на Полска и на Белорусија и дека „Запад-2013“ ќе покаже „агресивен карактер“ кон соседните НАТО-држави. На почетокот на оваа година полскиот министер за одбрана, Томаш Сијемонијак, изјави дека Варшава повеќе би сакала да се врати „добриот стар НАТО“ и дека одлуката на САД да се откаже од четвртата фаза од европскиот антиракетен штит е одраз на „нерешителноста“ на Вашингтон во Европа.

Политичарите во Русија и во Белорусија веќе изјавија дека изведувањето стратешка воена вежба на Русија и Белорусија не претставува закана за никого. Белорускиот претседател Александар Лукашенко во февруари го искажа своето мислење за изјавите на земјите од Западот, како и за нивните шпекулации за вежбите што претставуваат „закана од Истокот“: „Би сакал да истакнам дека немаме намера никому да му се закануваме. Ниту една земја не ја сметаме за непријателска. Имаме одбранбена доктрина и закон што јасно го кажува тоа.“

„Не ја прифаќаме политиката на закана и на двострани стандарди. Тоа е силата и дефиницијата на нашата надворешна политика. Ние сме отворени и доследни, и се определивме за заедничка одбрана“, изјави претседателот на Белорусија за Белоруската телеграфска агенција.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.