Документот што го потпиша Путин содржи и специфично руско видување на проблемите од информациската безбедност: станува збор за користење на Интернет-технологиите за “мешање во внатрешните работи на државата“, „кршење на јавниот ред“, „ширење омраза“ и „пропаганда на идеи што поттикнуваат насилство“. Извор: ИТАР-ТАСС.
Според сознанијата на дневниот весник Комерсант, документот што го потпишал Путин кон крајот на минатата недела го носи следниов наслов: „Основни државни политики на РФ во областа на меѓународната информациска безбедност за периодот до 2020 година“.
Текстот е составен во Советот за безбедност на РФ со учество на ресорните министерства, вклучувајќи го и Министерството за надворешни работи, Министерството за одбрана, Министерството за врски и масовни комуникации и Министерството за правда. Во документот за првпат на едно место се собрани клучните иницијативи на РФ во сферата на меѓународната информациска безбедност (МИБ), што според замислите на составувачот треба да придонесе како за нивно промовирање во светот, така и за подобрување на соработката меѓу определени ресори во Русија.
Извори кои се запознаени со текот на подготовките на „Основните државни политики“ велат дека документот е делумно замислен како одговор на „Меѓународната стратегија за делување во сајбер-просторот“ што САД ја усвои во 2011 година. Во оваа стратегија компјутерските диверзии за првпат се третираат како традиционални воени дејствија и САД го задржува правото да одговори на нив со сите средства, вклучувајќи и примена на нуклеарно оружје.
Рускиот „одговор“ не е толку воинствен. Судејќи по текстот, Москва нема намера против заканите на Интернет да се бори со методи на заплашување, туку со јакнење на меѓународната соработка.
Во документот РФ издвојува четири основни опасности во сферата на меѓународната информациска безбедност. Првата е користење на информациско-комуникациските технологии (ИКТ) како информациско оружје во военополитички цели за да се изврши непријателско делување и агресија. Друга примена на ИКТ е во терористички цели. Третата е сајбер-криминалот, вклучувајќи го и нелегалниот пристап до компјутерските информации, а исто така и создавање и ширење малициозен софтвер.
Ова е општоприфатена тријада. Таа фигурира и во документите на ОН. Четвртата опасност што се наведува во документот е типична за руското видување на проблемите. Станува збор за користењето на Интернет-технологијата за “мешање во внатрешните работи на државата“, „кршење на јавниот ред“, „ширење омраза“ и „пропаганда на идеи што поттикнуваат насилство“. Според зборовите на изворот, властите на РФ обрнале особено внимание на оваа опасност по случувањата поврзани со таканаречената „арапска пролет“, во кои до израз дошол потенцијалот на Интернетот ( пред сè на социјалните мрежи) за време на организирањето и на координирањето на протестите.
Властите на РФ имаат намера да ѝ се спротивстават на оваа опасност заедно со своите сојузници, пред се со членките на ШОС, ОДКБ и на БРИКС. Москва смета дека со нивна помош ќе успее да реализира низа свои клучни иницијативи, а тоа се: усвојување на Конвенција за осигурување на меѓународна информациска безбедност во ОН, составување на меѓународно признати правила за однесување во сајбер-просторот, интернационализација на системот за управување со Интернет и воспоставување меѓународен правен режим за неширење на информациско оружје.
Досега земјите од Западот беа против иницијативата на Руската Федерација, сметајќи дека тие се насочени кон зајакнување на државната контрола врз Интернетот. Но, „Основните државни политики“ упатуваат на тоа дека Русија, како и досега, им нуди соработка на сите, а таа соработка може да се оствари по пат на дијалог или со дефинирање мерки кои би претставувале барем минимум доверба. Неодамна претседателите на РФ и на САД потпишаа спогодба која нема преседан, а чија цел е да не се допушти прераснување на сајбер-инцидентите во меѓународен конфликт. Руската Федерација би сакала исти такви спогодби да потпише и со други земји.
Според зборовите на експертот Олег Демидов од „ПИР-Центар“, руската стратегија не е конфронтациска од две причини. „Прво, поради тоа што РФ, и покрај активната работа врз создавање сопствена сајбер-команда, заостанува зад САД во оваа област, бидејќи тие создадоа таква структура во 2009 година“, објаснува тој. „А, второ, поради тоа што раководството на РФ се придржува кон сосема поинаков принцип: да не се одговора со сила на сајбер-силите, туку да се работи на достигнување на поширок меѓународен договор кој би овозможил ограничување на користењето на информациско-комуникациските технологии на штета на граѓаните и на државата.“ Експертот оценува дека новиот руски документ може да има „дури и многу подалекосежни цели од стратегиите на Белата куќа“, но „прашање е во која мера се тие реални и остварливи“.
Рускиот текст на порталот на vz.ru.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче