Фотографија: AP.
Руското МНР објави дека на страната на радикалните групи во Сирија се борат жители од Чеченија. Оваа изјава беше дадена откако исламистите што војуваат на северот од земјата извршија масакр врз локалните Курди како одмазда за грабнувањето на командирот Абу-Мусааб, кој себеси се нарекуваше Чечен. Откако побараа негово ослободување извршија масакр врз мирното население, почнаа да им ги сечат главите на невини луѓе и зедоа во заложништво околу 500 Курди, главно жени, стари луѓе и деца. Абу-Мусааб беше пуштен на слобода, но исламистите сè уште држат во заложништво околу 200 мирни жители, кои се користат како жив штит.
Пред една година во Сирија беше убиен синот на Руслан Гелаев, во минатото познат чеченски командир
„Во Москва најостри се осудува ѕверството на меѓународната терористичка организација на североистокот од Сирија“, се вели во соопштението на МНР на РФ. Настаните беа наречени „крвава провокација, насочена кон разурнување на земјата и создавање база за меѓународен тероризам“.
Вистинското име на чеченскиот командир кој себеси се нарекува Абу-Мусааб е непознато. Користењето псевдоними е традиција кај воинствените вахабити. Во минатото терористот број еден Шамил Басаев се нарекуваше себеси Абу-Идриз. Тамерлан Царнаев, пак, кој го изведе терористичкиот напад во Бостон во својот круг истомисленици беше познат како Муаз Сејфула, што на арапски значи „мечот на Алах“.
Поддржувачот за независност на Чеченија Усман Ферзаули (кој се претставуваше како министер за надворешни работи на Ичкерија), а кој живее во една западноевропска земја за „Комерсант“ потврди дека во редовите на сириската опозиција војуваат и чеченски војници. „Тешко е да се каже колку точно Чечени се борат таму, но, мислам дека се повеќе од сто“, појаснува Усман Ферзаули. Според него, поголемиот дел Чечени што се борат во Сирија доаѓаат од Северен Кавказ, иако има и „европски Чечени“, деца на оние кои за време на првата и на втората чеченска кампања се преселиле во Европа, со цел да се спасат од војната. Усман Ферзаули смета дека сите тие стасуваат во Сирија преку Турција.
Поголемиот дел Чечени што се борат во Сирија доаѓаат од Северен Кавказ, иако има и „европски Чечени“
Според соговорникот на дневниот весник, во групата на сириската опозиција се примаат Чечени кои се поддржувачи на терористичката организација „Имарат Кавказ“, која е забранета во РФ, а чиј предводник е лидерот на вооруженото подземје на Северен Кавказ Доку Умароц. Со врбување Чечени за борба на страната на сириските опозиционери се занимава Иса Умаров, братучед на идеологот на „Имарат Кавказ“ Мовлад Удугов. Обајцата влегоа во историјата на самопрогласената Република Ичкерија како организатори на џихатскиот преврат против тогашниот претседател Аслан Масхадов во 1999 година.
„Иса Умаров се наоѓа во Сирија и оттаму испраќа пораки за удуговските Интернет-ресурси, а кога е потребно, без проблем ја минува руската граница со цел врбување на нови војници“, изјави Усман Ферзаули.
Да потсетиме дека пред една година во Сирија беше убиен синот на Руслан Гелаев, во минатото познат чеченски командир. Според информациите од Интернет сајтовите на војниците, тој загинал во борба, во која бил на страната на опозицијата. Роднините на загинатиот, пак, уверуваа дека помладиот Гелаев бил во Сирија на студии и бил убиен во џамија, која била бомбардирана од владината авијација.
Пред една година јавноста беше запознаена и со сторијата на британскиот фотограф Џон Кентли и неговиот холандски колега Јерун Ерлеманс. Тие беа киднапирани од една радикално-екстремистичка грипа на северот од Сирија и околу две недели се наоѓаа во заложништво. По враќањето во татковината Џон Кентли изјави дека меѓу киднаперите „имало сè, освен Сиријци“, меѓу другите и Чечени. Фотографите успеаја да избегаат од киднапирањето со помош на Слободната сириска армија.
Според Усман Ферзаули, „владата на Ичкерија е против учеството на чеченските војници во сириската војна“. „Иса Умаров и Мовлади Удугов застануваат на страната на светскиот џихад, - изјавува тој за „Комерсант“. – Овие позиции му се туѓи на ичкерското раководство“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче