Сведоштва за Курската битка

Извор: ИТАР-ТАСС.

Извор: ИТАР-ТАСС.

Над Прохоровското поле е тивко. Само од време на време се слуша камбаната која ги повикува парохијците на богослужба во храмот Петар и Павле, кој е изграден со народни пари во чест на војниците што загинале кај Курскиот свод. Пред 70 години тука се одвивала страшен бој, во Прохоровка се случила најголемата борба со тенкови во светската историја. Горело сè што може да гори, сè било покриено со прав и со чад од тенковите, селата, шумите и полињата со жито кои гореле. Земјата била изгорена до тој степен што на неа не останала ниту една тревка. Глава со глава тука се сретнале советските гардејци и елитата на вермахтот – тенковските дивизии на СС.

„Да одиме на ручек во Курск!“

Курската битка е позната и како битката кај Курскиот свод, наречена според формата на фронтот која е во облик на свод, кој бил направен од страна на советската војска (види ја картата на битката

Битката на јужната фаса на Курскиот свод практично започнала уште на 4 јули. Но, основните настани започнале рано утрото на 5 јули кога Германците го задале првиот масивен удар со своите тенковски трупи. 

Утрото на 5 јули командирот на дивизијата „Адолф Хитлер“ обергрупенфирерот Јозеф Дитрих допатувал кај своите „Тигри“ и некој офицер му викнал: „Да одиме на ручек во Курск!“. 

Но, есесовците ниту ручале, ниту, пак, вечерале во Курск. 


Прохоровка

На 12 јули во 8 часот и 20 минути советските ударни групи преминале во контранапад на војската на Четвртата германска тенковска армија. 

Како одговор на советските напади германскиот командант на војската Ерих фон Манштејн ги испратил сите свои трупи, оти сфатил дека доколку советската војска доживее успех тука, тоа може да доведе до целосно уништување на трупите на целата германска армиска група „Југ“. На огромниот фронт со големина од повеќе од 200 километри започнала жестока борба.

Најжестоките битки на 12 јули се случиле на таканареченото Прохоровско предмостие. Овој дел бил окупирам од страна на противникот како резултат на тешките борби на 11 јули. На предмостието се распоредила и дејствувала главната трупа на противникот во состав на Вториот тенковски корпус на СС. Советската команда го задавала главниот удар токму врз оваа трупа.


Советскиот воен командант Павел Ротмистров: „По неколку минути тенковите на првиот ешалон на 29 и на 18 корпус, стрелајќи во од, со директен удар влеговме во борбените редови на германско-фашистичката војска, со брз и насочен напад буквално ги растуривме противниците. […] Нивните „Тигри“ и „Пантери“, кои од бојот беа лишени од својата предност со која тие се користеа за време на судирите со другите наши тенковски групи, сега беа успешно поразени од советските тенкови Т-34, па дури и од (лесните – заб. прев.) Т-70 од куса оддалеченост. По борбата полето беше сето прекриено со чад и со прав, земјата се тресеше од силните експлозии. Тенковите се нафрлаа еден на друг, удирајќи се еден од друг не можеа да се разминат, се бореа до смрт, се дури некој од нив не исфрли факел или не запре со искршените гасеници. Но, дури и удрените тенкови, доколку сè уште им функционираше оружјето, продолжуваа да се борат“. 

Советскиот офицер-тенкист Евгениј Шкурдалов: „Првиот тенк го уништив кога се движев накај железничката патека, и буквално на растојание од стотина метри видов еден тенк „Тигар“ и кој стрелаше по наши тенкови. По сè изгледа тој имаше погодено многу наши возила, бидејќи тие му се приближуваа отстрана и тој стрелаше во нив. Почнав да стрелам по него. Тенкот се запали. Уште еднаш пукнав и тој уште повеќе почна да гори. Екипажот изрипа однатре, но мене не ми беше до нив. Го поминав тој тенк, потоа удрив на еден тенк T-III и на еден „Пантер“. Кога го погодив „Пантерот“, во мене се појави некакво чувство на возбуда, зашто направив вакво херојско дело“.

Германскиот тенкист од тенковската дивизија „Адолф Хитлер“ Вилхелм Рез: „Одеднаш еден Т-34 се појави и почна да се движи кон нас. Нашиот прв радист почна да ни дава оружје за да го наполниме топот. Во тоа време нашиот командир кој беше горе постојано викаше: „Стрелај! Стрелај!“, зашто тенкот надоаѓаше сè поблизу кон нас. И дури по четвртото викање „Стрелај“ слушнав: „Фала Богу!. 

По некое време сфативме дека Т-34 запрел на некои осум метри од нас! Горе на кулата, небаре испечатени, имаше петсантиметарски отвори […]. Борбените линии се измешаа. Нашите тенкисти успешно го поразуваа непријателот од блиска оддалеченост, но и самите имаа големи загуби“.

Од документите на Централната архива на министерството за одбрана на РФ: „Тенкот Т-34 на командирот на Вториот баталјон на 181 бригада на 18 тенковски корпус капетан Скрипкин удрил во строј „Тигри“ и уништил два непријателски тенка, пред 88-милиметарската граната да удри во кулата на неговиот Т-34, а друга да го удри отстрана. Советскиот тенк се запалил, а ранетиот Скрипкин го извлекле од тенкот возачот водникот Николаев и радистот Зирјанов. Тие се засолнале во ров, но сепак еден од „Тигрите“ ги забележал и тргнал кон нив. Тогаш Николаев и неговиот полнач Чернов повторно скокнале во запалениот тенк, го вклучиле и го насочиле право кон „Тигарот“. При судирот двата тенка експлодирале".


Ударот на советската оклопница, новите тенкови со целосно вооружување со причина ги потресе изморените од борба дивизии на противникот, па така германската офанзива беше запрена.

Како резултат на контранападите на главните сили на советската Петта гардиска тенковска армија на југозапад од Прохоровка беше скршена офанзивата на тенковските дивизии на СС „Мртва глава“, „Адолф Хитлер“ на североисток, овие дивизии претрпеа такви загуби, што потоа не можеа да извршат сериозен напад.

Тешки загуби претрпеа и делови од тенковската дивизија „Рајх“ од ударите на делови од Вториот и од Вториот гардиски тенковски корпус, кои отидоа во контранапад појужно од Прохоровка.

 

Загуби и резултати

Вкупната загуба од двете страни при битката кај Прохоровка се проценуваат на следниов начин. Од советска страна се изгубени 500, а од германска 300 тенкови и самодвижечки орудија.

Секако, најголемите загуби германската група „Југ“ ги претрпе во првите седум денови од битката, уште пред борбата кај Прохоровка. Но, основното значење на Прохоровската битка е во тоа што советските војници го зададоа најсилниот удар и успеаја да ги сопрат есесовските тенковски дивизии кои беа тргнати кон Курск. Ова го поткопа воениот дух на елитата на германската тенковска војска, по што тие конечно ја загубија вербата во победата на германското оружје.

Независимое военое обозрение

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња