Сноуден мора да остане во Москва?

Колаж: Reuters.

Колаж: Reuters.

Без документи поранешниот соработник на ЦИА едноставно не може да ја напушти руската престолнина.

Во четврток од Москва за Хавана треба да замине уште еден авион на компанијата Аерофлот и главното прашање е дали во него ќе се најде поранешниот соработник на ЦИА Едвард Сноуден. Во моментов на Интернет може да се прочитаат различни гласови. Според една верзија, Сноуден добил транзитна руска виза и го напуштил аеродромот Шереметево. Според друга, бегалецот со анулиран пасош едноставно не може да купи билет и е принуден да чека сè дури не добие статус на бегалец од Еквадор. Сега најверојатно е извесно само едно, а тоа е дека скандалот предизвикува затегнување во руско-американските односи. 

Според податоците на РИА Новости, Сноуден можел да добие руска транзитна виза со рок од три дена. „Транзитните патници кои имаат билет за понатамошен лет и документи кои се потребни за влегување во трета земја, можат да добијат руска транзитна виза. Доколку Сноуден ги има овие документи, тогаш тој има право да побара транзитна виза директно на аеродромот во конзулскиот пункт и сосема е можно тоа да го направил“, - вели соговорникот на агенцијата кој е добро запознаен со ситуацијата. 

Американецот двапати резервирал билет Москва-Хавана за 24 и 25 јуни, иако првиот ден тој не бил најден во авионот, а резервацијата за летот во вторник била повлечена неколку часа пред полетувањето. Документот со кој се дозволува влез во трета земја, може да послужи како документ за бегалец за влез во Еквадор, кој го даваат властите на оваа латиноамериканска земја, за што претходно известија претставниците на ресурсот Викиликс, кои не сакаат да му дадат правна поддршка на Сноуден. 

Сепак, засега не е јасно дали поранешниот соработник на ЦИА добил документи кои му даваат статус на бегалец. На Еквадор за донесувањето на одлуката за давање политички азил може да му бидат потребни неколку месеци, изјави во средата министерот за надворешни работи на оваа земја Рикардо Патињо. „Нам ни беа потребни два месеци за да донесеме одлука во врска со Асанж, па затоа не очекувајте дека оваа одлука ќе биде донесена порано“, го цитира Патињо новинската агенција Асошиејтед Прес. 

„Анулирањето на пасошот на Сноуден и заплашувањето на посредничките земји (со чија помош тој може да добие азил) можат да бидат причини кои ќе го задржат во Русија засекогаш“, се вели во соопштени објавено на Твитер. „Ова не е најдобриот чекор на Стејт департментот“, додаваат претставници на Викиликс.

САД се заинтересирани за Русија и затоа избегнуваат жестоки критики на адреса на Москва 

Ситуацијата поврзана со поранешниот соработник на ЦИА Едвард Сноуден може негативно да влијае на руско-американските односи доколку тој заглави во Москва, смета претседателот на президиумот на Советот за надворешна и одбранбена политика Фјодор Лукјанов. „Не е исклучено дека тој може да заглави тука од политички причини. Доколку се случи такво нешто, тоа, секако ќе претставува трн за руско-американските односи, зашто целата оваа приказна за Американците претставува непријатен срам“, вели Лукјанов. 

Шефот на комитетот на Државната дума за меѓународни работи Алексеј Пушков смета дека заканите на САД кон Русија и Кина заради поранешниот соработник на американските специјални Служби Едвард Сноуден нема да вродат со плод, туку уште повеќе ќе ги зближат Москва и Пекинг. 

Во вторникот претседателот на Русија Владимир Путин соопшти дека Сноуден дошил во Москва како транзитен патник и не ја поминал границата на Руската Федерација, а неговото пристигнување за Москва било сосема неочекувано. Како што забележа шефот на државата, руските специјални служби не работат со Американецот и колку поскоро тој ја избере конечната точка на својата маршрута, толку подобро „и за Русија, и за него самиот“. Тој, исто така, забележа дека Русија може да им испорачува странци само на оние земји со кои таа има склучено соодветна спогодба, а со САД нема потпишано таков документ. 

Сепак, Вашингтон настојува на екстрадиција, повикувајќи се на тоа дека без спогодба САД ѝ имаат предадено на Русија стотици злосторници. И доколку Стејт департментот засега дава воздржани изјави, некои американски политичари, меѓу кои републиканскиот сенатор Џон Мекејн, дека под знак прашање се ставени понатамошните односи. 

Всушност, постојат експерти кои не се толку песимистични. Мелор Стуруа од Центарот Карнеги во статија за „Московски комсомолец“ тврди дека САД се заинтересирани за Русија и затоа избегнуваат жестоки критики на адреса на Москва. „Доволно е да се кажат три збора за да се убедиме во тоа: ‘Сирија’, ‘Иран’, ‘Авганистан’. Како што вели мојот колега од Фондот Карнеги Метју Рајански ‘нам ни е потребна соработката со Русија многу повеќе и во многу сфери, одошто на Русите им е потребна со нас’, вели тој.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.