Самооден ракетен комплекс РС-24 „Јарс“. Извор: РИА Новости / Виталиј Пјатаков.
„Како резултат на лошата економска клима глобалните трошоци за одбрана во реален израз опаѓаат веќе втора година. Во исто време гледаме нивен реален раст на Блискиот Исток и во Северна Африка, Русија и Евроазија, во Латинска Америка и во Азија, наспроти реалното опаѓање во Северна Америка и во Европа. Како што предвидувавме минатата година, во 2012 минималните расходи за одбрана во Азија за првпат ги надминаа трошоците на европските земји членки на НАТО“, изјави на промоцијата на „Воениот биланс„ генералниот директор на IISS Џон Чипмен.
Воените трошоци на Русија растат, а во САД и во Европа се намалуваат
Во рефератот кој содржи речиси 600 страници на Русија и на земјите од поранешниот СССР им се посветен 45 страници текст, во кој многу се зборува за реформата на руските вооружени сили. Аналитичарите на IISS забележуваат дека по оставката на министерот за одбрана Анатолиј Сердјуков во ноември минатата година и по назначувањето на Сергеј Шојгу, реформата, најверојатно, ќе продолжи да се одвива по истиот правец по кој се одвиваше и претходно.
„Воените трошоци на Русија растат, а во САД и во Европа се намалуваат“. Ова тврдење може да остави силен впечаток доколку не се знае дека воените расходи на Москва не се споредуваат со аналогичните расходи на Вашингтон, а исто така и на Лондон и на Париз.
Наведените цифри кои лесно можат да се најдат на Интернет, велат дека расходите на САД за одбрана во 2013 година, а кои се потврдени од сенатот и од конгресот, изнесуваат 550 милијарди американски долари. Тоа, секако, е за 100 милијарди американски долари помалку одошто во 2012 и во 2011 година. Трошоците а сопствената армија и за флотата на Велика Британија изнесуваат 90 милијарди американски долари (ова е трето место во светот според трошоците за одбрана, второто ѝ припаѓа на Кина 120-150 милијарди американски долари), на четвртото место според трошоците е Франција (70 милијарди американски долари) и дури на петтото место се наоѓа Русија со 55-60 милијарди долари. Зошто во САД и во Европа се намалуваат воените трошоци, а во Русија се зголемуваат?
Да војуваат со ракетно-нуклеарна Русија ниту САД, ниту НАТО немаат во план, а за војните што тие ги водеа во последниве години доволна беше онаа боева техника и оние системи што западните армии веќе ги имаат
Познато е дека САД, како и многу други земји од западниот свет, во денешно време поминуваат низ економски тешкотии. Се намалува општиот буџет, па следствено се намалуваат и воените трошоци на Пентагон. Тој ја прекина војната во Ирак, што многу ги намали трошоците, ја извлекува војската од Авганистан, не започна активни дејствија (во крајна линија на земјата) против режимот на Гадафи.
Владата нагло го намали купувањето на многуфункционалниот авијатички комплекс од петтото поколение F-22 (наместо 700 се ограничи на околу двесте), се намалуваат и купувањата на „полесниот“ брат на F-22, F-35. Сојузниците на НАТО исто така ги намалуваат нарачките за овие машини. Се знае зошто.
Овие истребувачи денес речиси и да немаат свои противници. Можеби тие во некоја далечна иднина можат да се појават кај Русија – во 2015 година треба да почне да функционира перспективниот авијатички комплекс на фронтовата авијација (ПАК ФА) Т-50. Но да војуваат со ракетно-нуклеарна Русија ниту САД, ниту НАТО немаат во план. А, за војните што тие ги водеа во последниве години (Ирак, Авганистан, Јемен, Сомалија, Мали, Либија, Југославија...) доволна беше онаа боева техника и оние системи што западните армии веќе ги имаат.
Дваесет години по исчезнувањето на СССР и создавањето на руската држава врз неговата база, буџетот практично не изделуваше средства на ново вооружување на Руската армија и флота
Секако, воено-индустрискиот комплекс ниту на САД ниту, пак, на европските земји, не смее да се лишува од високотехнолошките нарачки – тоа нема да го дозволат ниту Boeing, ниту Lockheed, ниту Dassault и Grumman, ниту BAE systems заедно со AEDS, иако тие имаат исто толку големо цивилно производство, колку и воено. Но, военото производство е најслаткото и најдоходовното. Затоа со намалување на своите трошоци за одбрана, меѓу кои и поставувањето на четвртата етапа на американскиот систем ПРО во Европа, за што тукушто беше објавено, западните земји и САД нема да се спуштат до руските одбранбени трошоци.
Зошто Русија ги зголемува трошоците за одбрана? Дваесет години по исчезнувањето на СССР и создавањето на руската држава врз неговата база, буџетот практично не изделуваше средства на ново вооружување на Руската армија и флота. И делот на современата боева техника во војската падна за 10%. До што доведе тоа покажаа августовските настани од 2008 година, кога грузинската армија ги нападна руските миротворци, кои беа поставени во Јужна Осетија. Нашата армија успеа да ја победи грузинската војска, пред сè тоа се должи на храброста и на издржливоста, а не благодарение на современата боева техника. И само по тоа на програмата за обновување на армијата и флотата во 2011 година беа издвоени 20 билиони рубли (700 милијарди долари) за следните десет години. Да ставиме акцент на десет години.
Во 2011 година беа издвоени 1.3 билиони рубли, во 2012 година 1.4 билиони, а во 2013 година, како што и беше планирано, 1.5 билиони рубли. Современата боева техника нема веднаш да се појави во војската. На почетокот се дава тактичко-техничка задача за нејзино конструирање, потоа се спроведуваат научно-истражувачки и експериментално-конструкторски работи, создавање на првите мостри, кои најпрво треба да поминат и воено и државни тестирање, па дури потоа, доколку сè помине успешно, ќе почнат да бидат доставувани на војската. До 2020 година армијата и флотата, благодарение на овие инвестиции, треба да бидат 70% обновени.
Значи некоја посебна воена тајна за растот на руските одбранбени трошоци не постои и сосема е неблагодарно и нечесно со тоа да се заплашуваат жителите на Западот.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче