Денес во германското општество се забележува тежнеењето на современите Германци да ги оправдаат постапките на своите татковци и дедовци на територијата на СССР во Втората светска војна. Извор: kinopoisk.ru
Неодамна во Германија, на телевизискиот канал ZDF, беше прикажан филмот во три продолженија со наслов „Нашите мајки, нашите татковци“. Филмот зборува за најважната војна од минатиот век од гледна точка на Германците. Тоа е приказна за петмина млади луѓе што ги раздвоил фронтот. Секого од нив војната го ставила пред голема морална дилема и тешко искушение. По новата серија се гледа дека Германија е веќе во голема мера изморена од каењето за она што го направила и сега се обидува да се ослободи од чувството на вина, префрлајќи им го на другите, меѓу другото и со помош на филм за советските насилници, полските антисемити и украинските садисти.
Филмот е уметничко дело и тој, секако, подразбира авторска слобода. Но, кога станува збор за настани што се толку важни за целото човештво, тогаш, сепак, треба да се води сметка за историските факти. Во Русија германската серија први ја забележаа токму историчарите – членови на Руското военоисториско друштво. Тие издадоа соопштение за јавноста во кое се подвлекува дека здружението „изразува решителен протест против извртувањето на историските факти и против обидот за фалсификување на историјата“, а појавата на филмовите каков што е овој ги оценува како „исмевање на многуте милиони жртви за нацизмот и обид за негова рехабилитација“. Самиот телевизиски канал ZDF не се сложува со критиката што му е упатена. Раководителите на каналот велат дека серијата е „антивоена“ и сметаат дека ниту една сцена со насилство во филмот не е снимана од некакви други побуди.
Денес во германското општество се забележува тежнеењето на современите Германци да ги оправдаат постапките на своите татковци и дедовци на територијата на СССР во Втората светска војна. Врз основа на филмот се добива впечаток дека германските војници дури по доаѓањето на фронтот дознале кое е вистинското лице на нацистичката власт. Во очи паѓа мотивот на носталгични спомени на мирното и среќно предвоено време, како да не постоел никаков Хитлер и никаков „Мајн кампф“ во кој се величи истребувањето на ниските раси.
По ослободувањето на концентрациониот логор „Јановски“ во 1944 година, во околината на градот Лавов се откриени монструозни злосторства. Сведоците, на пример, потврдиле дека командантот на логорот, оберштурмбанфирер Вилхауз, „се занимавал со спорт“ – од балконот на својата куќа систематски гаѓал од автомат заробеници што работеле во работилниците. Потоа ѝ го давал автоматот на жена си, па таа ги гаѓала. Понекогаш Вилхауз ја забавувал својата деветгодишна ќерка така што ги терал војниците да фрлаат во воздух деца од 2 до 4 години, а тој пукал во нив. Ќерката ракоплескала и викала: „Ајде повторно, тато!“ И тој повторно пукал.
Во серијата е најдено место и за други современи митови. Еден од нив зборува за тоа како советските одреди, кои влегле на територијата на Германија, излегле од контрола и масовно силувале германски жени. Се споменува и бројка: два милиони силувани Германки. Впрочем, во филмот не само Русите се однесуваат „како ѕверови“. Сите Полјаци и Украинци се прикажани како антисемити.
Германските жители се плански потхранувани со вакви стереотипи уште од почетокот на војната. Најпрво, Гебелсовата пропаганда ги убедувала Германците дека тие, всушност, војуваат против дивјаци што ќе ги силуваат сите жени од 8 до 80 години. Темата на насилството се појавува и во повоените публикации на западните автори. Потоа се појавија и лекари што зборуваа за два милиони силувани Германки, но тогаш веќе почнуваше студената војна.
Секако дека советските војници на територијата на Германија не биле „мачиња“, смета Михаил Мјахков, доктор на историски науки и шеф на Центарот за историја на војувањата и геополитика во рамките на Институтот за општа историја на Руската академија на науките. „Ослободувајќи ја својата земја, тие насекаде наидувале на запалени села и на разурнати градови, на илјадници и илјадници убиени, меѓу кои имало и деца и стари лица. Што требало да чувствува некој наш човек кон Германците? Омраза, која секако ја поддржувала и советската пропаганда, но тоа беше војна за опстанок на нашата национална држава“, вели историчарот.
Јасно е дека на територијата на Германија било тешко да се избегне одмазничко однесување на определени советски борци кон Германците. На непријателската територија влегла армија од неколку милиони војници, и во неа имало различни луѓе. Но, советското раководство издало цела низа наредби за да се избегне насилството врз германските жени и, воопшто, врз цивилите. Во тие наредби е пропишано дека „пљачкосувањето, насилството, грабежите, бесмисленото палење и уривање се казнуваат, ако е потребно, и со стрелање“.
Руското министерство за надворешни работи смета дека филмот „Нашите мајки, нашите татковци“ е неприфатлив. Министерството му упатило писмо на амбасадорот на Германија во кое се истакнува дека „апсолутното мнозинство руски гледачи не го прифаќа овој филм“, а, исто така, се укажува и на „неприфатливиот обид на исто ниво да се постават масовните ѕверства на трупите на Хитлер што биле направени на територијата на СССР и определени ексцеси на советските војници, кои военото раководство строго ги казнувало“. Во писмото, исто така, изразено е и очекување дека во идните германски филмови со воена тематика строго ќе се води сметка за реалната историска основа на настаните од Втората светска војна.
Од друга страна, не постоеле никакви германски наредби што би го штителе советското цивилно население од насилства. Напротив, на 13 мај 1941 година, врз основа на указ од Хитлер, потпишана е наредба „за дејствување на воен суд на подрачјето на ‘Барбароса’ и за посебните овластувања на војската“, со која, фактички, објавен е режим на неограничен терор на територијата на СССР. Германското раководство сметало дека на исток суровоста ќе има благотворно дејство, па затоа командирите мораат да се жртвуваат и да ги отфрлат сите свои сомнежи. Со други зборови, германската војска имала право, и згора на тоа била обврзана во борбата против СССР, да ги применува сите средства, без никакви ограничувања, дури и против жените и децата.
Можат ли Германците да ја оправдаат својата улога во Втората светска војна? И зошто им е потребно тоа? Денес Германија е водечка членка на Европската Унија. За зачувување на тој статус е потребен определен имиџ во секоја, па дури и во историска смисла. Со други зборови, сликата за германскиот војник треба да се подобри. На Германците им е тешко да ја прифатат историската вистина, чија суштина се состои во тоа дека без победата на Советскиот Сојуз над Хитлер немаше да постојат ниту Германија, ниту Европа во нивниот современ облик. Од завршувањето на војната поминаа речиси 70 години и многу Германци, кога веќе не можат да ги заборават постапките на своите татковци и мајки, се обидуваат барем да ги осмислат како нешто што може да се вброи во сопствениот генетски историски код. Поради тоа на Запад се создава нова претстава за војната во која злосторства правеле и Германците и Русите. Притоа, се забораваат целите на страните што учествувале во војната. Се заборава дека Германија сакала да ги уништи „ниските“ нации, а СССР се борел за својот опстанок. Во таа смисла, филмот „Нашите мајки, нашите татковци“ ѝ покажал на германската нација дека сè уште не доживеала покајување.
Со напорите на филмската индустрија и на медиумите на Запад намерно се создава испревртена слика за Втората светска војна. Посебен револт предизвикува сцената во која советските војници упаѓаат во германска болница, убиваат ранети и силуваат медицински сестри. Ова „степско ѓубре“, копирано од Гебелсовите текстови, има цел некако да го ретушира Вермахтот во ладнокрвното и систематско уништување на цивилното население во Советскиот Сојуз...
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче