Големиот противподморнички брод „Адмирал Пантелеев“. Извор: РИА Новости.
Оперативно здружените единици на Воената морнарица (ВМФ) на Русија во Средоземно море од први јуни пристапија кон реализација на своите задачи. Во моментов нивниот состав го сочинуваат 16 бродови и три бродски хеликоптери, а планирано е и изведување на школски гаѓања, изјави Валериј Герасимов, началник на Генералштабот на вооружените сили на РФ и прв заменик на министерот за одбрана.
Тој соопшти дека оперативните единици се потчинети на командата на Црноморската флота.
Во акваторијата на Црно и на Средоземно море на 19 јануари оваа година беа одржани маневри на здружената групација на флотата на Воената морнарица на Русија, што претставува најголема вежба во последниве неколку децении. На овој настан учествуваа повеќе од 20 бродови на Црноморската, Балтичката и на Северната флота, три подморници на Воената морнарица на Русија, од кои една нуклеарна, како и Далечната (стратешка) авијација и четвртата команда на Военото воздухопловство (ВВС) и ПВО.
За време на телемостот кој беше одржан за време на посетата на претседателот на РФ Владимир Путин на Централниот команден пункт на Вооружените сили на РФ, со рапорт за готовноста на оперативниот состав на Воената морнарица на РФ во Средоземно море настапи настапи командантот, капетан на воениот брод Јуриј Земски од големиот противподморнички брод „Адмирал Пантелеев“.
Според него основни задачи на оперативните единици се: следење на дејствијата на силите на Воената морнарица на останатите земји во акваторијата на Средоземно море, обезбедување присуство на морнарицата и демонстрација на знамето на Русија во овој регион и безбедност на руското морско бродарство и на поморската економија.
„Освен тоа, единиците се подготвени за решавање на ненадејни задачи, со оглед на конкретната ситуација во регионот“, истакна Земски.
Секако, ако биде потребно, во случај на какви било задачи во останатите блиски подрачја – во Атлантикот и во Индискиот океан – единиците можат да стапат во дејство. Луѓето треба да бидат сестрано подготвени за решавање задачи не само во Средоземното море, туку и во подрачјата на Атлантикот и на Индискиот океан.
адмирал Виктор Чирков
главен командант на Воената морнарица
Тој особено внимание обрна на тоа дека силите на здружените единици се организирани собрани во четири тактички групи и се концентрирани во западниот и во источниот дел на Средоземното море. Тој реферираше дека е планирано изведување на школски ракетни и артилериски гаѓања, како и влегување на бродовите во пристаништата на Кипар, Малта, Сирија и на други средоземни држави. Исто така, додека се укотвени, посадата на противподморничките бродови и на помошните пловни објекти ќе изведуваат вежба за потрага по луѓе кои преживеале катастрофа на море, како и нивно спасување.
Министерот за одбрана Сергеј Шојгу го прокоментира почетокот на службата на руската ескадра: „Создавањето оперативен состав на Воената морнарица на Русија во Средоземното море ќе придонесе за одржување на стратешката стабилност во светот и за рамнотежа на силите во неговите посебни региони“.
Исто така тој истакна дека обновувањето на постојаното присуство на руските воени бродови во Средоземното море овозможува обезбедување на одбраната на националните интереси „во овој немирен регион“.
Сопствени интереси во немирниот регион
Претседателот на Русија за време на телемостот во Централниот команден пункт на вооружените сили на РФ подвлече дека Русија во Средоземното море има интереси кои се поврзани со нејзината национална безбедност. Путин особено го истакна дека повторното воспоставување на постојаното присуство на руската Воена морнарица во Средоземното море не претставува „тропање со оружје“.
„Обновувањето на постојаното присуство на Воената морнарица во Средоземното море не е знак за ‘тропање со оружје’. Ние направивме многу заедно со нашите партнери, вклучувајќи ги и партнерите од земјите на НАТО, во врска со заканата од страна на криминалните организации; во таа смисла направивме многу и во борбата против пиратството“, рече Путин.
Тој истакна дека смета на опремување на групацијата на Воената морнарица на Русија со современи бродови и вооружување. Тој исто така го изрази своето уверување дека припадниците на руската морнарица ќе воспостават добри и партнерски односи со своите колеги од другите земји во Средоземниот басен, како и со сите останати партнери кои се присутни во зоната на Средоземното море.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче