Русите во Турција ги преживуваат немирите на различен начин

Извор: Росијскаја газета / Владимир Снегирјов.

Извор: Росијскаја газета / Владимир Снегирјов.

Масовните протести во Турција ги засегнаа и Русите што се на привремен престој или на одмор во оваа земја. Некои од нив се подготвуваат да се вратат во татковината, а некои, пак, учествуваат во протестите.

Секоја вечер во осум часот, по вечерните вести, 45-годишната Софија Хаџибекирова излегува на балконот и почнува да удира со железна лажица по тенџере. На ваков начин демонстрираат многу жени во Турција кои седат дома со своите деца и не можат да им се приклучат на масовните акции во големите градови. 

Софија пред 15 години допатувала во Истанбул од рускиот град Есентуки, си нашла работа во туристичка агенција, се омажила за Турчин и ја родила ќерка си Јасју. 

„Ердоган си прави што сака, премногу се занесе и не сака да ги слуша луѓето“, изјавува таа за Руска реч. „Се насобра многу незадоволство, тоа созреваше постепено, особено не ми се допаѓаат неговите иницијативи поврзани со жените. Сè започна со тоа кога жените што не носат шамии ги нарече ‘станови без завеси’“. 

„Видете, јас многу ја сакам Турција, таа е светска и европрезирачка источна држава, каде жените секогаш биле почитувани и се грижеле за нив. Сакам тоа да продолжи и понатаму. Како и да завршат демонстрациите против власта, не сакам да заминам од Турција“, додава таа решително.


Јас многу ја сакам Турција, таа е светска и европрезирачка источна држава, каде жените секогаш биле почитувани и се грижеле за нив.

 

Во Турција веќе неколку дена непрестајно траат масовни демонстрации против политиката на владејачката партија и за оставка на премиерот Реџеп Таип Ердоган. Причина за масовните демонстрации беше еден навидум безначаен настан. Турските власти решиле да ги исечат дрвјата од Ѓези, еден од ретките паркови во Истанбул кој се наоѓа во европскиот дел од град, недалеку од плоштадот Таксим. Акцијата на солидарност, сосема неочекувано за власта, почна да се шири низ многу турски градови и набргу се претвори во масовни демонстрации против владејачкиот режим. 

Русинката Оксана Лукјаненко живее во Турција веќе шест години, таа е главен менаџер во една престижна меѓународна фирма. Секоја вечер од работа заминува на митинг. 

„Јас и пријателите живееме во центар, кон крајот на минатата недела не можевме дури ни прозорците да ги отвориме од чад. Кај себе дома ги повикував оние кои настрадаа во демонстрациите и им ја давав потребната помош“, вели Лукјаненко за Руска реч. 

Денес во Турција, според истражувањата на локалните власти, живеат околу еден милион доселеници од државите од поранешниот Советски Сојуз. Најголемата руска заедница се наоѓа во Истанбул (18 илјади), потоа во Анталија (5 илјади) и во Анкара (5 илјади). Останатите живеат во стотици други турски градови. 

Сите тие имаат различен однос кон она што денес се случува во државата. Инеса, постарата ќерка на Софија Хаџибекирова, има 23 години. Таа емигрирала заедно со мајка си, завршила факултет во Турција и денес заработува доста добро. Неколку пати била на Таксим и вели дека сериозно размислува да се врати во Есентуки, каде има пријатели и роднини. 

„Ако започне граѓанска војна, веднаш ќе си ги спакувам куферите и ќе заминам. Јас и моето момче заедно ќе заминеме во Русија“, вели Инеса. „Постои раскол во општеството, владата не сака да ги слушне луѓето и да направи отстапки. Тоа многу ме разочара“.

Населбата Лалели во Истанбул ја нарекуваат „руски кварт“. На улица се слуша руски јазик, а купувачите во локалните дуќани се пречекани со таблички си руски натпис: „Осторожно, ступенька“ („Внимавајте на скалите“). 

Многумина Руси кои емигрирале во Турција, започнале да работат во Лалели. Тоа е текстилен и моден центар. Тука доаѓаат трговците на големо по стока, која потоа ја продаваат низ трговските центри по цела Русија. 

„Роднините постојано ми се јавуваат и ме прашуваат: ‘Како си? Имаш ли маска против гасови? Не се плашиш ли?’, вели Наргиза, која по потекло е од Туркменистан. За време на 9 години колку што живее во Турција напредувала од обична продавачка до управник на голема продавница „Фимка“. 

„Кај нас сѐ е мирно, но поради сликите што постојано се прикажуваат на телевизија, неколкумина руски трговци одбија да дојдат по својата роба. Веќе имаме загуба од 20% од вкупниот промет.“ 

Но не сите во Лалели се подготвени да зборуваат за политиката и за тоа како последните настани влијаеле на нивните животи. Катја (нè замоли да ја викаме така) вели дека во нејзината продавница работат главни поддржувачи на премиерот Ердоган. 

„Имам две деца у бе сакам да имам проблеми“, вели Катја. „Само на пријателите им ја кажувам вистината: да, Таксим и другите градови протестираат, но Истанбул е голем град и во останатите населби е мирно, така што нема од што да се плашиме.“ 

Наталија одамна веќе има турско државјанство, нејзиниот маж е имашлив човек и имаат три деца. Живее во азискиот дел на Истанбул. Се договоривме да се сретнеме во центарот на градот, но потоа се јави и неочекувани ни откажа: „Маж ми ми рече дека е подобро да не разговарам со новинари.“ 

„Знаете, ние мораме да живееме тука“, тешко воздивна таа. „Не знам што би можело да се случи потоа“, рече малку недефинирано. 

Секоја година во Турција од Русија доаѓаат 3.5 милиони лица. Без оглед на политичката криза, приливот на туристи не е опаднат, тврдат од туристичките агенции. Сепак, на турските улици има помалку европски туристи. Неколку големи крузери веќе го одложија своето доаѓање заради немирите во Истанбул.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.