Министерот за одбрана не ја остава армијата на раат

Извор: Росијскаја газета.

Извор: Росијскаја газета.

Најголемата проверка на руската армија во последниве две децении во врска со нејзината способност да одбива и да нанесува удари од небо се случи во последните денови на мај на воздушното пространство од европскиот дел на Русија.

Во 5 часот изутрина на 27 мај ненадејно беше крената тревога за неколку илјади руски војници. Министерството за одбрана ја спроведе најголемата проверка во последниве дваесет и кусур години на војската од Воздушно-космичката одбрана (ВКО), на Далечната и на Воено-транспортната авијација, а заедно со нив и на дивизиите за Противракетна одбрана, која ги покрива централните индустриски реони и престолнината на Русија, а исто така и Воено-воздушните сили и Противоздушната одбрана на Првата армија на Западниот воен округ.

Во вонредната проверка на воената готовност беа вклучени 8.700 лица од личниот состав, 185 воени авиони и 240 воени оклопни возила 

Во февруари годинава иста ваква проверка беше направена кај Воздушно-десантната војска и кај војската на Централниот воен округ. Во март по наредба на претседателот на Русија Владимир Путин делови од Јужниот воен округ, од Црноморската флота, од Воено-воздушните сили, Противоздушната одбрана и од Воздушно-десантната војска, дислоцирани во Краснодарскиот крај и во Ростовската област. Овој пат војската на ВКО, која беше создадена пред нешто повеќе од една година како резултат на обединувањето под единствена команда на Космичката војска, Противракетната одбрана, Системот за предупредување од ракетни напади, Контролата на космичкото пространство, Противоздушната одбрана и радиоелектронската борба.

Задачите што беа поставени не беа едноставни. На пример, неколку полка на Противоздушната одбрана на Западниот воен округ, вооружените со зенитно-ракетни комплекси С-300ПМУ2 „Фаворит“, беа префрлени од Ленинградската во Астрахањската област, на полигонот Ашулук. Таму тие изведоа долг марш и се вратија со цел да одвратат воздушен напад од условен противник.

Во улога на противници беа неколку ескадрили на јуришната авијација, кои, откако полетаа од аеродромот „Балтимор“ кај Воронеж, напаѓаа цели на истиот тој полигон во Ашулук. Тие дејствуваа на сите височини, напаѓајќи заштитени објекти со најразлични правци и применувајќи притоа системи на радиоелектронски борби, правеа пречки на радиолокациските станици на зенитно-ракетните комплекси при пресретнувањето воздушни цели.

Но, како што известуваат специјалистите кои ги следеа овие акции, сите ракети со кои авионите ги напаѓаа зенитно-ракетните комплекси, како и самите авиони, беа уништени од С-300.

Од своја страна, истребувачите-пресретнувачи МиГ-31, кои беа на дваесет и четиричасовно дежурство на северот на Руската Федерација, им пренесуваа информации на војниците, одработуваа прашања за пронаоѓање и за уништување на непријателската авијација. Авионите за радиолокациско набљудување и насочување А-50 оперативно изведоа насочување кон целта што им се приближува на авионите за пресретнување.

Авијатичката групација на условен противник, која симулираше голем ракетно-авијациски напад, ги лансираше ракетите со воздушно базирање на надземни цели од најоддалечената границата на зоната во која тие можат да бидат детектирани, без да навлегуваат во зоната со ракетно вооружување МиГ-31. Лансирањето на ракетите беше откриено до радиолокацискиот комплекс на авионот А-50. Истребувачите-пресретнувачи МиГ-31 ги уништија ракетите.

За време на вежбата беше изведена и дислокација на бомбардирачката авијација на Западниот воен округ на далечните аеродроми, каде фронтовските бомбардери Су-24 и Су-34 изведуваа ракетно-бобашки удари по надземни цели, уништуваа авиони и ракети на условен противник во воздухот. Во исто време војската на Воздушно-космичката одбрана вршеа удари врз условниот противник од морските длабочини.

Претседателот на Руската Федерација Владимир Путин резултатите од воената вежба на војските на Воздушно-космичката одбрана ги оцени како „задоволителни“ и нареди да се усоврши системот на управување и на врски. За резултатите од вежбите отчет на претседателот му даде министерот за одбрана Сергеј Шојгу

Толку големи проверки на руската војска од ВКО, ВВС и ПРО не се беше случила во последниве дваесет години. Ако се земе предвиде дека за вежбата на системот за противракетна одбрана на Москва, која влегува во составот на ВКО, во медиумите воопшто и не се известуваше, тогаш станува јасно колку сериозно значење ѝ придаваат раководството на земјата и армијата на борбената готовност на овие сили и на овие средства за заштита од ненадеен ракетно-нуклеарен удар.

Од воениот ресор не обелоденуваат кој ја играл улогата на условен непријател на вежбите. Но, можат да се направат извесни основани претпоставки.

Русија во повеќе наврати подвлече дека е загрижена за создавањето на системот ЕвроПРО, при што неодамна се случи и размена на писма помеѓу Владимир Путин и Барак Обама, во чиј центар се наоѓаше токму овој проблем. Наспроти воените вежби во Москва се одржа и меѓународна конференција за европската безбедност, каде исто така се разгледуваше ова прашање. Потоа министерот за одбрана на Русија Сергеј Шојгу ја посети Калининградската област со цел пуштање во експериментално-воена експлоатација на радиолокациската станица на Системот за предупредување од ракетни напади „Воронеж-ДМ“.

Сево ова дава повод да се направи заклучок дека прашањето која земја или која воена организација може и е во состојба денес да ја провери цврстината на рускиот систем за противракетна одбрана, има сосема очигледен одговор – САД и НАТО. Тие, по сè изгледа, и биле „веројатните противници“ на изминатата воена вежба.

На оваа вежба не беа поканети воени набљудувачи од странство. Не само поради ненадејното спроведување, но и затоа што според условите на Виенскиот документ странски воени набљудувачи треба да бидат повикани, доколку во вежбата учествуваат повеќе од девет илјади лица. Овој бројот на учесници беше за 300 лица помал од назначениот.

На 30 мај на колегиумот на Министерството за одбрана на Русија се зборуваше дека вакви ненадејни проверки на борбената готовност на воените окрузи, родови војски и видови на вооружените сили ќе продолжат. На ред е, според претпоставките, проверка на Источниот воен округ и на Ракетните војски со стратешка намена...

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња