Извор: ИТАР-ТАСС.
Овој ден веќе 20 години во Русија се смета за празник. А, сѐ започна на 12 јуни 1990 година, кога Конгресот на народните пратеници на РСФСР гласаше за Декларацијата за државен суверенитет. На луѓето денес им е тешко да си претпостават зошто е тоа направено. Сепак, и тогаш, во 1990 година, повеќе од очигледно беше симболичкото значење на оваа Декларација, одошто нејзината содржина.
Повеќе од очигледно беше симболичкото значење на оваа Декларација, одошто нејзината содржина
До тој момент парламентите на републиките од СССР еден по друг ги носеа своите декларации за суверенитет, така што РСФСР не можеше да седи настрана. За ставање на дневен рад делегатите на конгресот гласаа речиси едногласно. А, конечниот текст на документот предизвика бројни дискусии, затоа работата над него се оддолжи цел месец, така што беше донесен на 12 јуни.
На истиот датум во 1991 година беа закажани првите избори за претседател на РСФСР. Ова решение имаше и ситуациски и идеолошки причини. Од една страна, тимот на Борис Елцин се плашеше дека поместувањето на датумот за гласање за подоцна ќе направи проблем за победа на кандидатот во првиот круг, оти избирачите ќе си отидат по одмори и по своите викендички.
Последниот советски лидер Михаил Горбачов (лево) и првиот руски претседател Борис Елцин (десно) по пропаѓањето на августовскиот државен удар во 1991 година. Извор: AFP / PIKO.
Идеолошките мотиви беа многу поосновани. Изградбата на новата држава се потпираше на две идеолошки упоришта. Пред сѐ, тоа беше враќањето кон традициите на досоветската Русија. Оттука почнаа да стануваат модерни трговците и дворјаните (насекаде почнаа да се појавуваат „трговски еснафи“ и „дворјански собранија“), оттука почна повторно секојдневно да се употребува зборот „господин“, оттука и тробојното знаме, кое речиси веднаш почна да се восприема како официјално знаме на РСФСР, иако до август 1991 година не постоеја никакви правни основи за тоа. Ваквата ситуација можеше да се спореди со она што во тоа време се случуваше во земјите на Источна Европа. Земјите од поранешниот советски блок се збогуваа со социјализмот под паролата „назад во Европа“. Идејата за враќање „во времето пред болшевиците“ стана симбол на новата руска власт. Не е ни чудно што на 12 јуни 1991 година се одржа референдум за враќање на името Санкт Петербург на тогашниот Ленинград.
Но, во тоа време авторите на руската државност си играа и татковци-основачи на САД, кои создаваат земја на празно место. Ова го објаснува решението да се прогласи за национален празник денот на донесување на Декларацијата, што, едноставно, претставуваше симболичен документ.
Пред сѐ, тоа беше враќањето кон традициите на досоветската Русија
Генадиј Бурбулис, главниот идеолог од времето на раниот Борис Елцин, им даваше огромно значење на симболите. Претседателот на Русија требаше да биде избран на денот на донесување на декларацијата за суверенитет. Ова беше дел од приодот: ние градиме нова држава, ние создаваме ново државно и општествено пространство и негови традиции, затоа совпаѓањето треба само по себе да има идеолошка тежина.
Конгресот на народните пратеници на сѐ уште постојната РСФСР, република во состав на СССР, на почетокот ја поддржуваше оваа игра и дури беше и непосреден учесник во неа. 12 јуни стана празник во согласност со одлуката на Врховниот совет во 1992 година. Во 1994 година Борис Елцин само го потврди ваквото решение со свој указ – денот на државата не можеше да биде прогласен само со одлука на Врховниот совет, кој беше расформиран во октомври 1993 година и во тој момент не постоеше. Но, до тој момент восхитеноста околу датумот почна да се намалува.
И неслучајно неформалниот назив „Ден на независноста“ почна да станува цел за прашања.
Првото прашање се однесуваше на чија независност и независност од кого. Во јуни 1990 година никој не можеше ни да помисли дека РСФСР може да излезе од составот на СССР. Распадот на Советскиот Сојуз се чинеше незамислив. Декларацијата за суверенитетот беше само елемент на политичка игра меѓу сојузното раководство и тимот на Елцин.
Рускиот претседател Борис Елцин со свое обраќање додека стои на тенк пред зградата на поранешниот Совет на министри, 19 август 1991. Извор: Reuters.
Второто прашање беше за улогата на Руското началство во распадот на СССР. Кон средината на деведесеттите години од минатиот век исчезнувањето на државата, дури и ако не се нарекуваше „најголема геополитичка катастрофа на 20 век“ (како што подоцна овој настан го нарече Владимир Путин, кога веќе беше претседател), за многумина се чинеше дека е токму тоа. Имено тогаш во општеството се ширеше носталгијата за СССР. Во тој момент бројот на радикалите во тимот на Елцин се намали. На новото поколение од окружувањето на Елцин овој празник му беше потребен како потврда за правото на власт. А, да си спомнуваат на начинот на кој дојдоа на власт и на паролите со кои одеа во почетокот на деведесеттите години од минатиот век, во елциновскиот Кремљ не сакаа.
Имено, затоа од средината на деведесеттите години на минатиот век 12 јуни почнаа да го празнуваат, и не на сите им беше јасен овој неработен ден помеѓу мајските празници и летните одмори.
На новото поколение од окружувањето на Елцин овој празник му беше потребен како потврда за правото на власт
Затоа тој сѐ повеќе стануваше официјален и празничен. Еве како се опишува петгодишнината на 12 јуни на официјалниот сајт: „Шефовите на речиси сите региони на земјата наспроти овој датум донесоа одлука за спроведување празнични прослави во чест на Денот на независноста. И за првпат празникот навистина стана празник. Престолнината на Русија беше украсена со билборди и со плакати со натписи: „Честит Ден на независноста“. Во некои градови имаше протести и концерти во чест на празничниот ден. А, во Кремљ се одржа церемонија на врачување на Државната награда“.
Крајното разделување со почетната замисла за празникот се случи во 1998 година, кога Борис Елцин го преименуваше празникот. Тој почна едноставно да се нарекува „Ден на Русија“. Декларациите, суверенитетите, татковците-основачи и маршот во доболшевистичкото минато останаа далеку одзади. Напред беше дефолтот, завршувањето на војната во Чеченија, Владимир Путин и непознатата нова Русија.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче