ОДКБ се подготвува за Авганистан

Извор: AP.

Извор: AP.

ОДКБ се подготвува за влошување на ситуацијата во Авганистан по повлекувањето на авганистанскиот контингент на НАТО.

Државите-членки на Организацијата на договорот за колективна безбедност (ОДКБ) се подготвуваат за заострување на состојбата во Авганистан. Ситуацијата во оваа земја стана клучна тема во Бишкек на неформалните средби, одржаните на 27 мај, на шефовите на МНР, министрите за одбрана и секретарите на советите за безбедност на овој воено-политички блок на постсоветските простори под менторство на Москва. Нивната прогноза за периодот по 2014 година е негативна. 

„Колку сме поблиску до 2014 година, до повлекувањето на силите на меѓународната коалиција од Авганистан, толку поголемо место зазема ситуацијата во таа земја на меѓународната агенда“, изјави постојаниот претставник на РФ при ОДКБ Игор Љакин-Фролов пред почетокот на разговорите. „Тешко е да се каже што ќе се случи во иднина. Тензијата може да порасне, со оглед на заканите што доаѓаат од Авганистан, да се заостри и да ги зафати соседните региони, вклучително и земјите од ОДКБ“. 

Според изјавата на еден соговорник на „Комерсант“, експерти на ОДКБ разработиле разни сценарија за развој на ситуацијата во Авганистан за период по повлекувањето на поголем дел од НАТО и американскиот контингент. Впрочем, како што соопшти минатата недела генералниот секретар на организацијата, Николај Бордјужа, најреалната прогноза е – негативна.

Со слична оцена се согласува и специјалниот претставник на претседателот на РФ за Авганистан, шефот на вториот оддел за Азија на МНР на РФ, Замир Кабулов. „Ако задачата за зголемување на борбената способност на Авганистанските национални сили за безбедност не биде решена — а околностите не поттикнуваат оптимизам — многу е веројатен пораст на влијанието на екстремистите, што може да предизвика разни немири, кои ќе доведат директно до граѓанска војна и поделба на земјата по етнички принцип“, изјави тој претходно. 

Основата за толку песимистичка прогноза ја дава сегашната состојба на работите во Авганистан. „Денеска само 7% од авганистанската армија и 9% од полицијата, според американските проценки, имаат доволно ниво на подготовка за да дејствуваат самостојно при минимална поддршка од страна на меѓународните сили“, објасни господин Кабулов. „Секој трети од десет регрути на Авганистанската национална армија месечно дезертира, гине, ранет е или заробен. Бројот на дезертерите за последниве три години надмина 63 илјади — тоа е третина од армијата!“ 

Во Бишкек министрите и секретарите на советите за безбедност дискутираа за клучните закани со кои соседите на Авганистан (само Таџикистан има повеќе од 1,3 илјади километри заедничка граница) се судираат веќе денес: незапирлив проток на дрога, опасност од упад на вооружени банди што минале обука во логорите и тренинг-центрите на територијата на Авганистан, ширење радикални идеи и поддршка на локални фундаменталисти во земјите на Централна Азија, шверц на оружје. По 2014 година сите овие проблеми можат да се влошат. 

Впрочем, како што потврди извор во руската делегација, „физичко присуство на војска од земјите на ОДКБ во Авганистан во тој случај, сепак, нема да има“. 

Покрај авганистанската тематика, вчера во киргистанскиот главен град се дискутираа и прашањата за подобрување на заедничката оперативна и борбена обука на колективните сили на ОДКБ. 

 

Русија го засилува потенцијалот на авиобазите во Киргистан

 

Министерот за одбрана на РФ, Сергеј Шојгу, нареди во најскоро време да се засили руската авиобаза во градот Кант во членката на ОДКБ Киргистан и да се стават во употреба недоградените објекти. Ова на 27 мај го изјави заменик-министерот за одбрана, Анатолиј Антонов. 

Ваквата одлука е донесена веднаш по веста за затворањето на соседната авиобаза на САД во Манас. Експертите сметаат дека обновениот Кант ќе го засили потенцијалот на силите за брза реакција на ОДКБ, при што заканата од страна на Талибанците во Киргистан ја сметаат за претерана. 

Базата во киргистанскиот град Кант беше отворена во 2003 година и стана авијациска компонента на колективните сили за брзо распоредување на ОДКБ. Во 2009 година беше потпишана согласност за нејзино изнајмување на 49 години. Секоја година Москва му плаќа на Бишкек повеќе од 4,5 милиони долари. 

Русија, исто така, има објекти и во други земји на ЗНД. Како едни од најголемите остануваат базата на Црноморската флота во Украина, базата Ѓумри во Ерменија и 201-та база во соседниот Таџикистан. 

Како што забележува весникот „Взгљад“, со доаѓањето на Шојгу на функцијата министер за одбрана во ноември 2012  година, Москва почна да се обидува да го прошири своето воено присуство на постсоветските простори.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња