Кумановската спогодба: пропуштена шанса?

9 јуни 1999 година. Британскиот генерал Мајк Џексон (десно) се подготвува да го потпише документот што ја обврзува југословенската војска и полицијата да се повлечат од Косово (подоцна наречен „Кумановска спогодба“).  Извор: Reuters.

9 јуни 1999 година. Британскиот генерал Мајк Џексон (десно) се подготвува да го потпише документот што ја обврзува југословенската војска и полицијата да се повлечат од Косово (подоцна наречен „Кумановска спогодба“). Извор: Reuters.

Воено-техничката спогодба потпишана на 9 јуни 1999 во Куманово за многумина претставува „проштaвање на Европа со системот на меѓународното право“. Сепак, овој документ не беше исклучиво капитулација. Руската дипломатија значајно ја ублажи првата верзија на овој документ и издејствува права и предности за Белград од кои тој очигледно се одрече со неодамнешната „Бриселска спогодба“.

„Воено-техничката спогодба меѓу Меѓународните безбедносни сили (КФОР) и владата на Сојузна Република Југославија и Република Србија“, која беше потпишана на 9 јуни 1999 година во Куманово, и понатаму останува еден од најконтроверзните документи што се однесуваат на периодот на бомбардирањето на НАТО врз Југославија.

Многу руски, но и западни стручњаци, со причина сметаат дека со склучувањето на Кумановската спогодба „Европа се прости од системот на меѓународното право“. Во врска со овој случај посебно е значајна позицијата на Русија во преговарачкиот процес, кој му претходеше на потпишувањето на овој документ.

Главната одредба на Кумановската спогодба е членот I (4.1), кој предвидува конкретни обврски на спогодбените страни: „Со воспоставување на трајно прекинување на непријателството, под ниту еден услов, кои било сили на СРЈ и на Република Србија нема да влезат, повторно да влезат, ниту ќе останат на територијата на Косово или во зоната на копнената безбедност, односно во зоната на воздушна безбедност“ – кои се дефинирани како зони од 5 километри, односно 25 километри „надвор од границите на покраината Косово – без претходна изречна согласност на командантот на меѓународните безбедносни сили (КФОР)“.

Како би можела да биде оценета улогата на Русија во толку тешки и драматични моменти? Од една страна Москва издејствува во Кумановската спогодба да се вклучат и други документи, кои се прифатени за време на прекинувањето на воените дејства, и тоа две клучни уредби. Пред сè, одобрено е НАТО да размести свои сили само на територијата на Косово, додека во документите што кружеа во текот на преговорите во Рамбује во февруари 1999, беше предвидена можност за слободно движење и разместување на територијата на цела Југославија. Второ, врховниот мандат за спроведување на мировните операции на Косово е поврзан со Обединетите нации, а не со НАТО. Според тоа, не би било оправдано да се гледа на Кумановската спогодба како на еднострана капитулација на Белград и на Москва.

Од друга страна, мандатот на ОН во следниот период не го спречи НАТО да ја спроведува својата воено-политичка програма на Косово.

Черномирдин наводно во рацете го имал тајниот документ, кој по секоја цена му наложувал да ги запре исклучително разорните воени акции во Југославија – па дури и по цена на значајни отстапки во врска со Косово

Деталите на мировниот договор се усогласени во Бон на состанок со специјалниот претставник на претседателот на Русија за решавање на ситуацијата поврзана со СР Југославија, Виктор Черномирдин, со претседателот на Финска, Марти Ахтисари (кој ја претставуваше ЕУ) и заменикот на американскиот државен секретар, Строуб Талбот. Најважна цел на руската дипломатија беше што поскоро да се завршат воените дејства на НАТО како основен предуслов за почеток на преговорите за решавање на косовското прашање. Оваа задача формално не беше исполнета. Воздушните операции на НАТО запреа дури на 19 јуни – 10 дена по потпишувањето на Кумановската спогодба, а одлуката за нивно прекинување НАТО ја донесе уште подоцна – на 20 јуни.

Околностите и причините што влијаеја на ваквиот развој на ситуацијата до денешен ден не се разјаснети. Едно од главните прашања е поврзано со содржината на програмата на која се придржуваше рускиот претставник. По ова прашање постојат различни мислења. Судејќи врз основа на тврдењата на Талбот, Черномирдин наводно во рацете го имал тајниот документ, кој по секоја цена му наложувал да ги запре исклучително разорните воени акции во Југославија – па дури и по цена на значајни отстапки во врска со Косово. Но, до денешен ден не можат да се најдат траги од тој документ врз основа на други извори. Тоа укажува на една друга претпоставка: Виктор Черномирдин постапувал по сопствена иницијатива, пречекорувајќи ги овластувањата што по ова прашање му ги дал претседателот Борис Елцин, во моменти кога тој сметал дека тие не придонесуваат за забрзано прекинување на воените дејства.

6 јуни 1999 година. Југословенската делегација пристигнува на состанок со врховниот командант на НАТО во Македонија, генерал Мајк Џексон. Извор: Reuters. 

Во секој случај, Черномирдин и Ахтисари успеаја да го убедат југословенскиот претседател Слободан Милошевиќ во бесмисленоста на военото спротивставување на НАТО. Благодарение на напорите на руската дипломатија пронајден е начин конечното потпишување на воено-техничката спогодба со НАТО да не изгледа како капитулација и, што е најважно, Косово да се стави под врховна контрола на ОН, а не на Брисел. Во оваа фаза позицијата на Москва беше клучна за САД и за НАТО, а тоа подоцна го признаа и определени западни лидери, вклучувајќи го и тогашниот канцелар Герхард Шредер, „да ѝ ставиме крај на оваа војна, која во голема мера се распламти, можеме само ако успееме на своја страна да ја придобиеме Русија“. 

Потпишувањето на Кумановската спогодба му овозможи на Советот за безбедност на ООН на 10 јуни 1999 година да ја усвои Резолуцијата 1244, која за решавање на косовскиот проблем предвидува „значителна автономија и значителна самоуправа за Косово“ – „потврдувајќи ја приврзаноста на сите држави-членки кон суверенитетот и кон територијалниот интегритет на Сојузна Република Југославија и на другите држави во регионот“. Токму овој документ и понатаму останува меѓународна правна основа за решавање на косовското прашање. 

Западните медиуми во јуни 1999 година резултатите од мировните напори со учество на Русија генерално ги окарактеризираа како потврда на исправноста и на ефикасноста на бомбардирањето на Југославија од страна на НАТО. Овој став највпечатливо го изрази весникот „Њујорк тајмс“, нагласувајќи дека „со бомбардирање е можно да се постигне резултат“. Неколку дена потоа – по усвојувањето на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ООН – истиот весник, свесно поместувајќи ги акцентите од документот на ОН, објавува дека резолуцијата „им дава на мировниот план и на воените операции што ги води НАТО на Косово легитимност од гледна точка на Обединетите нации“. 

Суштината на ваквиот пристап мошне добро го забележува колумнистката на весникот „Њујорк тајмс“ Елизабет Бекер, истакнувајќи дека „како и да го решеа политичарите прашањето во врска со Обединетите нации, НАТО и понатаму ќе командува“ на Косово. Сето ова е наспроти фактот што, како што потоа се присетува Виктор Черномирдин, договорот за принципите за прекин на воените дејства, усогласени со претседателот Слободан Милошевиќ, предвидува „меѓународно присуство на Косово под закрилата на ОН, во договор со СРЈ и со определена улога на Русија“. Во контекст на овој документ НАТО воопшто и не се споменува.

Во случајот на бомбардирањето на Југославија „сите обиди за придржување кон оригиналните спогодби ги третираат како ‘предизвикување на НАТО од страна на Русија’ или како ‘валкани трикови на Србите’ 

На тој начин за време на подготовките и на потпишувањето на Кумановската спогодба од 9 јуни 1999 година за првпат е испробано „вклопувањето“ на воените операции на НАТО во меѓународниот правен систем на ООН, кое потоа беше применувано во повеќе наврати и во други конфликтни подрачја. Иницијаторите на вооружените кампањи по својот обичај документите на ОН ги толкуваат мошне слободно. Но, затоа во случајот на бомбардирањето на Југославија „сите обиди за придржување кон оригиналните спогодби ги третираат како ‘предизвикување на НАТО од страна на Русија’ или како ‘валкани трикови на Србите’. Меѓутоа, фактот што САД и НАТО на сите им ги наметнуваат сопствените правила се набљудува, напротив, како нивно строго придржување кон некакви договори, што тие, всушност, ги кршат. Така се одвиваа работите во неодамнешното минато, а веројатно така ќе биде и понатаму во светот во кој владее силата, а значењето на зборовите го одредува силината на мускулите“, истакнува американскиот филозоф Ноам Чомски.

Во секој случај, Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ООН од 10 јуни 1999, усвоена еден ден по потпишувањето на Кумановската спогодба со согласност на САД, Франција и Велика Британија, го потврди територијалниот интегритет на тогашна Југославија. Сличен карактер имаше и Дејтонскиот мировен договор за Босна и Херцеговина од 1995 година, кој беше подготвен со посредништво на американската дипломатија. Како што подоцна истакнуваше британскиот експерт Ејдан Хехир, првиот дел од документот „всушност го признава територијалниот интегритет на сите страни опфатени со спогодбата, признавајќи ја со тоа власта на Југославија врз Косово“.

Тоа ѝ овозможи на владата на Србија во следните години да ја продолжи борбата за Косово додека Русија во исто време ѝ даде целосна поддршка на Србија во зачувувањето на суверенитетот врз Косово. За жал, од 20 април 2013 година ситуацијата сосема се измени откако Србија ја парафираше спогодбата во Брисел со што, всушност, се откажа од решавањето на прашањето за Косово во рамките на ОН.

Авторот е доктор на историски науки, виш научен соработник на Институтот за славистика на Руската академија за науките и надворешен коментатор на радиото „Гласот на Русија“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.