Лондон реши да ја обнови соработката со тајните служби на Русија

Извор: AP.

Извор: AP.

Експертите сметаат дека терористичкиот напад во Бостон ја поттикна Велика Британија да се откаже од политизирањето на соработката со руските тајни служби.

Русија и Велика Британија ќе ја обвинат соработката помеѓу тајните служби, изјави на 10 мај британскиот премиер Дејвид Камерон по средбата со претседателот на Русија Владимир Путин во Сочи. По сè изгледа, Велика Британија има намера да сврти нов лист во аферата поврзана со агентот Александар Литвиненко кој од Федералната служба за безбедност на Русија пребегна на страната на Велика Британија, а во 2006 година почина во Лондон како последица на труење со полониум. 

По средбата со Путин, на која беа разгледани билатералните економски односи и ситуацијата поврзана со Сирија, Камерон на новинарите им изјави дека во текот на разговорот се зборувало и за безбедноста на Олимписките игри во Сочи. 

„Затоа дене јас и претседателот Путин се договоривме за соработка помеѓу тајните служби на двете земји во сферата на безбедноста.“ 

Кремљ преку порт-паролот на Путин Дмитриј Песков нагласи: „Соработката помеѓу тајните служби беше прекината и замрзната на иницијатива на британската страна, но сега со задоволство можеме да констатираме подготвеност за соработка во интерес на одржување на безбедни и мирни игри во Сочи“. 

Кога во 2006 Литвиненко (според британската верзија) беше отруен со радиоактивен полониум-210, Британија тоа му го препиша на поранешниот агент на руската тајна служба Андреј Луговој. Лондон бараше од Русија негова екстрадиција во Велика Британија, но Москва го одби тоа барање. Меѓусебното препукување доведе до тоа што актуелниот амбасадор на Велика Британија во Москва јавно да му посоветува на Кремљ да го промени уставот на Русија, според кој екстрадицијата е забранета. 

Во текот на преговорите со Дмитриј Медведев во 2011 година во Москва, Камерон одби каков било компромис во тој поглед. „Факт е дека двете влади не се сложуваат во врска со ова прашање“, им рече тогаш британскиот премиер на новинарите. „И јас, никако, не се обидувам да го скријам тој факт.“ 

Сега, меѓутоа, ситуацијата се менува, и според околностите не станува збор само за безбедноста на Олимпијадата во Сочи. 

Терористичкиот напад во Бостон, или поточно негрижливиот однос на тајните служби на САД кон предупредувањата на Москва за опасноста која се заканува од страна на браќата Царнаев, доби политичко значење во САД, а сега, по сè изгледа, и во Велика Британија.

Нема да биде чудно доколку и Велика Британија во моменталнава ситуација реши да ја обнови соработката со тајните служби на Русија 

По распаѓањето на СССР тајните служби на Русија и на САД воспоставија соработка, и таа стана особено активна по терористичките напади на 11 септември. Секако, американските колеги секогаш беа „малку надмени“ кога станува збор за информации што доаѓаат од Москва, истакнува Сергеј Шестаков, полковник на КГБ на СССР во резерва и претседател на „Вимпел“ – организација на ветераните на специјалните единици на органите за државна безбедност. 

Ова го признава и „Вашингтон пост“ во уредничката статија. Според мислењето на редакцијата, ФБИ можело да процени дека Тамерлан Царнаев не претставува опасност, зашто „имало основа за скептичен однос кон предупредувањата од Русија поврзани со чеченските емигранти, бидејќи Москва многумина од нив ги третира како терористи, иако тие не се тоа“. 

Непријатни прашања на Федералното истражно биро му поставуваат и претставниците на сенатот. Републиканскиот сенатор Линдзи Грем ја критикува пасивноста во сите правци што ја покажало ФБИ по терористичкиот напад. 

„Би можело да се каже дека првата задача на ФБИ е да се запраша ‘Сме разговарале ли ние во околината на Бостон со некој што би можел да направи нешто вакво?’, вели Грем. „Зопто веднаш не се сетивте на името на постариот брат? А, кога ја добивте фотографијата, зошто не ја споредивте со снимката што веќе ја имате во својата база на податоци?“ 

Директорот на ФБИ Роберт Милер на 7 мај ја посети Москва, каде разговараше со руските колеги. Оваа посета ја обелодени американскиот амбасадор во Москва Мајкл Макфол на Фејсбук. Подоцна  претставникот на ФБИ Мајкл Кортан за „Асошиејтед прес“ изјави дека Милер со раководството на руските тајни служби разговарал за истрагата поврзана со експлозијата за време на бостонскиот маратон. 

Посетата е очигледно обелоденета со цел барем малку да се ублажат критиките упатени на адреса на Федералното истражно биро. Истата цела ја имаше и изјавата на американскиот државен секретар Џон Кери: „Многу ми е драго што нашите стручњаци работат заедно на истрагата поврзана со терористичкиот напад во Бостон. Многу сум им благодарен за тоа“, изјави тој на првиот ден од својата мајска посета на Москва. 

Како што изјави главниот уредник на магазинот „Национална одбрана“ Игор Коротченко наспроти посетата на Камерон на Сочи, нема да биде чудно доколку и Велика Британија во моменталнава ситуација реши да ја обнови соработката со тајните служби на Русија. Понатамошната политизација на соработката во оваа сфера би можела и на Лондон да му нанесе политичка штета.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња