Денот на победата во Скопје

По повод Денот на победата, амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија и оваа година организираше низа настани посветени на овој голем празник. Редакцијата на „Руска реч на македонски“ ги следеше настаните и по нивното завршување за вас подготви специјална репортажа од нив.

Амбасадорот на Руската Федерација во Република Македонија, господин Олег Николаевич Шчербак со поздравен говор до учесниците и до присутните 

Утрото на 9 мај оваа година Амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија, претставувана од службеници на руското воено аташе и дипломати на чело со рускиот амбасадор н.е. Олег Николаевич Шчербак положија цвеќиња пред споменикот на партизаните-антифашисти, кои загинаа при ослободувањето на Скопје. Ова свечено положување цвеќе на споменикот кој се наоѓа крај кањонот Матка стана традиционално, а симболиката е уште поголема, имајќи го предвид фактот дека при ослободувањето на македонската престолнина загина и еден руски сонародник, кој се наоѓал во ослободителната војска.

Вечерта, пак, во Скопје, во просториите на Младинскиот културен центар – кино Фросина беше организирана и свечена приредба со коктел. Традиционално на приредбата учествуваат културно-уметнички друштва од Република Македонија, ученици од основните училишта, студенти од катедрата за славистика на филолошкиот факултет  при универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје, како и голем број поединци. На приредбата како гости можеа да се видат голем број првоборци, претставници на воените аташеи од дипломатските претставништва акредитирани во Република Македонија, како и голем број руски сонародници, универзитетски и културни работници.

Амбасадорот говореше за колективната меморија на рускиот народ, за односот на младите кон учесниците во Големата татковинска војна, како и за значењето на пренесувањето на знаењата за настаните од 1941 до 1945 година

Она што претставуваше вистинско задоволство на овој настан е големата заинтересираност од страна на младите, кои на приредбата дојдоа во голем број. Дел од нив при влезот во салата им делеа на посетителите Георгиевски ленти, што даде посебно чувство на целиот настан.

Приредбата ја отвори амбасадорот на Руската Федерација во Република Македонија, н.е. Олег Николаевич Шчербак. Тој во својот поздравен говор им се заблагодари на учесниците и на присутните за нивното присуство и за огромната заинтересираност што ја покажаа. Притоа тој се осврна на огромното значење на соработката помеѓу антифашистичките сили на СССР и на Југославија во борбата против хитлеровата војска. Во исто време, тој ги потсети присутните на пожртвуваноста на борците од Втората светска војна и за жарот со кој по нејзиното завршување се градел Советскиот Сојуз. Амбасадорот говореше за колективната меморија на рускиот народ, за односот на младите кон учесниците во Големата татковинска војна, како и за значењето на пренесувањето на знаењата за настаните од 1941 до 1945 година, со цел следните генерации да не заборават на вистината и да ги паметат луѓето кои се заслужни за слободата што ја имаме денес.

Митрополитот Тамбовски и Расказовски Теодосиј со обраќање кон публиката

Со свое обраќање на приредбата настапи и митрополитот Тамбовски и Расказовски Теодосиј, кој деновиве се наоѓа во работна посета на Република Македонија. Во својот поздравен говор тој најпрво го потенцираше фактот што оваа година Велигден и Денот на победата се совпаѓаат и оти за него тоа има некаква посебна симболика. Притоа, тој на присутните им го честиташе големиот христијански празник и им посака здравје, среќа и благодат. Митрополитот, од своја страна, потсети на нужноста за продолжување на сеќавањето на оние кои го дале својот живот за денешната слобода и укажа на фактот што и денешната младина со задоволство си споменува за жртвите од војната и за нивниот позитивен однос кон нивната улога и дело.

}

Културно-уметничкото друштво „Чајка“ ги отпоздравува присутните во салата.

Концертниот дел го отвори културно-уметничкото друштво од Скопје „Чајка“ со музички перформанс составен од руски воени песни. Тие на специфичен начин, со костимографија и глума, на присутните им ја доловија атмосферата на младите девојки – учеснички во Големата татковинска војна. Публиката, секако, не остана рамнодушна, па нивниот настап го проследи со потпевнување и со ракоплескање.

Потоа, според програмата следуваа учениците со основното училиште „Димитар Миладинов“ од Скопје кои со танец и со песна ја кренаа публиката на нозе. На звуците на песните „Первым делом самолёты“ („Најпрво авионите“) и на „Катюша“ („Катјуша“) тие со својата прекрасна кореографија и со детскиот дух ги оставија без здив присутните во салата.

Учениците од основното училиште „Димитар Миладинов“ од Скопје со својот настап ја кренаа публиката на нозе.

Програмата потоа ја збогатија и студентите од катедрата за славистика на филолошкиот факултет  при универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје, кои ги почестија присутните со неколку стихови со воена тематика од повеќе руски автори. По нив настапија неколкумина руски сонародници со стихови и со песни, за на крајот програмата да ја затвори културно-уметничкото друштво „Славјанка“, кои пред публиката исполнија неколку руски песни со воена тематика.

Дружењето продолжи и по завршувањето на концертот на коктелот кој по повод Денот на победата го организираше амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња