Херои на најстрашната војна во историјата на човештвото. Извор: Елена Почетова и Андреј Шапран.
„Веројатно останав меѓу живите за да бидат сочувани сеќавањата на војната“, зборува со насмевка Нина Новгородова. Нина е прекрасна соговорничка, нејзиниот младешки глас и сјајот во очите за момент ме тераат да заборавам на фактот дека правам интервју со ветеран.
Кога нашите денешни соговорници војувале, имале само седумнаесет години. Војната ги дочекала во периодот од животот кога тие требале да се вљубуваат и да ја планираат својата иднина. Наместо тоа, најважна работа во нивните животи станала задачата да ја спасуваат својата татковина и да се борат со една од најстрашните армии што некогаш постоела, со нацистите. Кога имале по дваесет години веќе биле искусни и ги знаеле сите воени вештини, им биле доделувани командирски должности и им биле давани високи награди.
Без оглед на старост и на болестите, нашите ветерани неуморно настапуваат низ училиштата и низ факултетите. Младите ги слушаат со внимание, во групи ги испраќаат до станиците, ги молат повторно да дојдат. Кога приказната ќе престане да биде пасус во учебник, неминовно се доживува како своја.
Нина Андреевна Новгородова, началничка на медицинската служба на 111 тенковска бригада
Германците имаа огромен аеродром под Воронеж. Нашата авијација во таа 1942 година беше сè уште слаба и малобројна. Секој ден полетуваа 20 или 25, понекогаш и 30 германски авиони. Тргнуваат во девет изутрина, понекогаш и порано. Систематски прават, еден, втор, трет круг. Удираат по првите борбени редови. А ние не сме далеку, нашата задача е да ги згрижиме ранетите, особено оние со изгореници. За време на секое бомбардирање ни се чини дека сè е готово. Летаат куќарки, камења, земја, понекогаш дури и возила. Се чини дека ништо нема да биде поштедено. Но, ќе помине првиот бран бомбардирања, гледаш, а наоколу многумина ранети, многу луѓе со изгореници. И така на секои два, два и пол часа. Кога работиш, не чувствуваш страв. А тоа беше вистинска работа, и тоа страшна работа: на медицинската сестра на првите линии на фронтот рацете ѝ се во вистинска смисла на зборот во крв до лакти. Се војуваше и налето и назима. Многу е потешко да се превиваат ранетите кога е ладно, зашто војниците носат шинели, поставени капути, сето тоа требаше да се пара, да се сече со нож и да се прават завои.
Во војната за првпат се соочив со неверојатни работи, со скриените човечки можности. Можеби е тоа она што се нарекува „интуиција“. Ќе наведам еден пример. Ден е. И Бомбардирањето е во тек. Германците бомбардираат во широк круг, потоа сè поблизу и поблизу. Речиси дојдоа до нашата амбуланта. За да се заштитиме од бомбите, ископавме ровови и седевме во нив по тројца, чекајќи го крајот на бомбардирањето. Одеднаш, во моментот на нов налет, неверојатна невидлива сила ме подига и јас, не знаејќи ништо, излетувам од ровот и почнувам со сета сила да трчам преку ледината. Се вртам и гледам: ровот го нема, како да не постоел. Местото на кое се наоѓав до пред неколку моменти беше уништено!
Еве уште една, сосема поинаква приказна. Еден ден нам, на сестрите, ни дадоа американски мантили. Тенки, тенки, од фин материја, а ние се мислиме: како ќе работиме во нив!? Не знам кому му падна на ум од мантилите да направиме фустани! Нашите пријатели фоторепортерите, ко освен секојдневието на фронтот сакаа да сликаат и девојки борци, ја поддржаа нашата идеја: „Замолете за дозвола и одете во штабот на корпусот. Таму има специјална работилница каде се шијат и се крпат униформи за офицерите.“ Така и направивме. Кога стасавме таму, гледаме, сите кројачи се мажи. Ги извадивме нашите медицински мантили и прашуваме: може ли од ова да се направи фустан? Кројачот најпрво гласно се насмеа, а потоа рече: „Може!“.
Да не должам, излеговме од кројачницата со нови фустани. Стасавме во нашето село. Вечерта ги облековме тие фустани, ставивме марами, интересно ги заврзавме. Инаку, кај нас често доаѓаа момчиња од извидницата. И ете, тие доаѓаат, гледаат и ништо не можат да разберат. А, потоа извикуваат: „Девојки, колку сте убави!“.
Владимир Николаевич Кислицин, митралезец
На почетокот беше страшно. Ќе се свртам, а мојот другар лежи покрај мене. Убиен! Страшно! А потоа престана да биде страшно. Како да играме некаква игра. Сте си играле ли кога сте биле мали? На фронтот е исто. Срцето небаре се скаменило. Секако, се чуваш од куршуми, од гранати. Ќе отрчаш, ќе ископаш ров со лопата, си ја криеш главата. Најважно оружје не војникот е лопатчето. Што ќе дојде затишје, време е да влезеш во ров. Понекогаш ровот е толку длабок што те покрива по цела височина. Следниот пат успеваш да се сместиш само склупчен. Ќе полетаат куршуми, гранати, а ти си се склупчил во ровот. На командата „Јуриш!“ оставаш сè, зашто се оди во напад. Но лопатата и оружјето не испуштај ги од рака никогаш! Митралезот треба да е секогаш подготвен. Штом ќе го поставиш митралезот, веќе имаш штит пред себе. Секако, ако во близина падне некоја граната, таа не гледа дали имаш штит. Штом ќе открие митралезец, Германецот има задача да ја „уништи точката“. Удира од минофрлач. Удира првпат – многу кратко. Удира вторпат – многу далеку. Се подготвува да гаѓа третпат – знаеш, ќе погоди точно на местото каде што се наоѓаш. Еднаш морав да избегам. Ме рани снајпер. Само што ѕирнав, а тој погоди точно „каде што треба“. Тешко ранет, ме испратија во болница.
Екатерина Василевна
Худорошкова, десетар, извидувач
Еднаш стоев на стража покрај командата. Кога доаѓаа авиони, требаше да му довикнеме на началникот во командата: „Воздух!“. Така и направив. Тој ме прашува: „Од каде?“. Одговарам: од тој и тој правец лета бомбардер. Тој одговара: „А, сè е во ред, јавуваат дека наш лета“. Јас велам: „Не! Непријателски авион лета!“. Ги знам нашите сигнали, димензии, звукот на моторот, дострелот и висината. Таму јавуваат дека „наши летаат“, а јас инсистирам „непријателски“. Откако ми поверуваа, го уништија.
Потоа ме минаа морници. Си мислам: невозможно, не можев да загрешам! Го анализиравме звукот на моторот, сето тоа ми остана во сеќавањето. Противавионската извидница е комплицирана работа. По некое време доаѓа кај нас началникот на штабот на полкот и прашува: „Каде е вашиот извидувач?“. „Јас бев на стража“, одговарам. А, тој вели: „Прекрасна бевте, дојдов за да ви се заблагодарам!“.
Александар Николаевич Рафаљски, механичар на 55 тенковска бригада
Стасавме во Нижни Тагил, се качивме во нашите тенкови и тргнавме во правец на Краков. Требаше еден од попатните градови да го освоиме навечер на јуриш, да го минеме целиот и да се стационираме на другиот крај. Операцијата започна, влеговме во градот. Непријателот даваше отпор. Покрај една зграда со затворен двор еден Германец со минофрлач директно го гаѓа страничниот дел на нашиот тенк. Тенкот се запали. Значи, готово е, треба да се бега. Командирот на тенкот излезе и еден снајпер веднаш го покоси. Командирот на топот тргна по него и се случи истото. Седам во тенкот. Жешко е, од моторот протекува масло и почнува да гори, тешко се дише. Малку ја подотворив вратичката од покривот за да земам свеж воздух. Тогаш сфатив дека германскиот снајперист ја има изгубено концентрацијата, веројатно мисли дека сите ги убил. Ја отворив вратичката докрај – никој не пука. Бргу излегувам низ отворот и веднаш отрчав во преминот. Практично сум невооружен, имам само германски пиштол со дострел од 25 метри. Лежам во преминот, слушам чекори. Се скрив. Го држам пиштолот подготвен. Тенкот гори, го осветлува аголот на преминот кон мене. Гледам сенка. Доаѓа Германецот. Кога бевме еден наспроти друг, пукав и го убив. Му го зедов автоматот и два шаржера, сега веќе сум победник! Побрзав пеш за да ги стасам другите тенкови.
Кога во 2000 година ја прославувавме 55-годишнината од Победата, во Германија отпатува делегација воени ветерани. Јас бев меѓу нив. Поминавме многу места, меѓу нив, секако, и многу гробишта. Таму многу добро се грижат за гробовите на нашите борци! Има многу спомен-плочи со имиња, за сите нив се грижи државата, Не забележав никакво непријателство кон нас. Што е најинтересно, ни јас самиот немав такво чувство.
Николај Александрович Черепанов, авиомеханичар на „Ил-2“
Кој ден ми бил најсреќен? 27 јануари 1944. Денот на пробивањето на опсадата на Ленинград. Јас сум механичар на авионот „Ил-2 999“ на јуришниот авијатички полк. Тој ден, на 27 јануари, се зачу почесна стрелба која го означуваше крајот на блокадата на Ленинград. Најтажен ден за мене беше 14 декември. Тој ден летавме и нè урнаа. Го погодија моторот на авионот. Излегува масло. Летав наместо стрелецот, дури ни падобран немав. Гледам, по мене тече нешто топло. Ранет сум, губам крв, ми се врти во главата. Некако успеавме да слетаме. Пилотот го одвезоа некаде, мене веднаш ме сместија во болница, ми ставија некакви инјекции. Не ми дадоа крв, иако требаше. Полежав таму три дена и готово.
Се прашувате од каде имаме сега сила? Ние ја сакаме нашата татковина! Ја браневме. Татко ми загина крај Сталинград, стрико ми исто така загина. Зошто по војната се школував за наставник по историја? За да зборувам за Победата, за подвизите, за честа, за достоинството. Им објаснувам на децата: „Во наследство не оставаме куќи, викендички, долари. Во наследство ве оставаме вас, нашите деца, кои ги создадовме и кои ги учевме“. Ние, борците од Големата татковинска војна, наскоро сите ќе заминеме од овој свет. Затоа на учениците им повторувам: „Наскоро ќе го снема и последниот старец со ордени. Учете од нив дури не е доцна.“
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче