Министерот за надворешни работи на Кина Танг Џијансјуан во обиколка на урнатините на амбасадата на својата земја во Белград 3 декември 2000. Извор: АР.
Станува збор за настанот што се случи на 7 мај 1999 година за време на интензивното бомбардирање на Белград, престолнината на поранешна Југославија. Америка и НАТО планираа со бомбардирањето сосема да го уништат системот на команда и снабдување на српската армија. Но, една крстосувачка ракета од типот BGM-109 Tomahawk, лансирана од бомбардер Б-2, наместо воен објект, ја погоди амбасадата на Кина. Во тој момент во амбасадата се наоѓаа новинарите на агенцијата „Синхуа“Шао Јунхуан, новинарот на списанието „Женмин жибао“ Син Синг и неговата жена Чи Чинг. Сите тие загинаа.
Пекинг испрати официјален протест. Но, претставниците на НАТО истакнаа дека цел на бомбардирањето била зградата на Сојузната управа за снабдување која се наоѓа покрај амбасадата и наводно обезбедува снабдување на српските единици, а ракетата случајно ја погодила амбасадата, зашто од неа бил емитуван непрекинат радиосигнал. Воените стручњаци присуството на сигналот го интерпретирале како резултат на некаков команден пункт на српската армија и затоа уништувањето на таа цел го сметале за оправдано.
Целата приказна можеше да биде завршена тука. Јасно е дека за време на интензивно бомбардирање на големи мегаполиси тешко е да се смета на селективно гаѓање на целите. Токму од таа причина во текот на бомбардирањето во зградата на амбасадата немало дипломатски претставници. Тие навреме биле евакуирани од зоната на воените дејствија. Но, сепак, определени факти укажуваат на тоа дека уништувањето на амбасадата можеби било и планирана акција.
Во зоната на воените дејствија беше доста облачно, така што ракетите имаа пречки во приемот на точните координати од сателитскиот систем за навигација GPS. Затоа и откажуваше и системот за насочување на ракетите BGM-109 Tomahawk, така што и самите претставници на НАТО признаа дека ракетите често не ги погодуваат целите.
Стратешките и крстосувачките ракети од типот BGM-109 Tomahawk се главното ударно средство на американската морнарица и на американското воздухопловство. Во зависност од полнењето (нуклеарно, разорно или касетно) BGM-109 може да лета речиси 3.000 километри. Ракетата се насочува кон целта со помош на неколку системи кои овозможуваат да лета мошне ниско (до 5 метри) и притоа автоматски да го следи релјефот на теренот над кој лета. Во нејзиното насочување се користи и систем за навигација GPS, благодарение на кој ракетата прецизно ја погодува целта со висок степен на веројатност. Во зависност од видот на избраната цел боевата глава може да биде тешка од 150 до 450 килограми, а тоа е сосема доволно за да се уништи цел брод на море, или добро заштитен команден пункт, па дури и цел град, доколку ракетата носи нуклеарна боева глава.
Во текот на операцијата против Ирак под називот „Пустинска бура“, која му претходеше ма бомбардирањето на Југославија, воената морнарица и военото воздухопловство на САД секојдневно врз Багдад упатуваа и по неколку илјади ракети од типот BGM-109 Tomahawk, благодарение на што веќе во првите денови од конфликтот во целост го скршија системот на противвоздушна одбрана. Притоа Американците не изгубија ниту еден носач на крстосувачки ракети, зашто го лансираа на оддалеченост која беше надвор од досегот на ирачкото оружје.
Истата тактика беше применета и за време на бомбардирањето на Белград. Сепак, сѐ не одеше толку лесно. На пример, во зоната на воените дејствија беше доста облачно, така што ракетите имаа пречки во приемот на точните координати од сателитскиот систем за навигација GPS. Затоа и откажуваше и системот за насочување на ракетите BGM-109 Tomahawk, така што и самите претставници на НАТО признаа дека ракетите често не ги погодуваат целите. Токму овој факт подоцна беше наведен како причина која доведе до тоа ракетата да падне врз кинеската амбасада, а всушност било гаѓано на соседната зграда...
Грешките на системот GPS Американците го компензираа со испраќање неколку специјалци во Белград, чија главна задача била со радиосигнал со специјален локатор да ги „обележуваат“ целите што треба да се уништат.
Според некои информации за кои подоцна зборуваа и претставници на Северноатлантскиот пакт, грешките на системот GPS Американците го компензираа со испраќање неколку специјалци во Белград, чија главна задача била со радиосигнал со специјален локатор да ги „обележуваат“ целите што треба да се уништат. Во прилог на оваа верзија зборува и фактот дека претставниците на НАТО во своето оправдување по повод уништувањето на амбасадата на Кина повеќе пати споменаа дека во текот на планирањето на операцијата користеле застарени карти на Белград. Со други зборови, не погрешиле само ракетите управувани преку сателит, туку и војниците кои од земјата ги насочувале нивните летови.
Војната во Југославија има уште една нерешена мистерија. Како е соборен американскиот невидлив авион F-117A. Оваа машина е направена за решавање на специјални и мошне чувствителни задачи. Аглестите страни на авионот, кои повеќе личат на бумеранг одошто на класичен авион, требаше да го направат F-117A апсолутно невидлив за радарите на противниците, благодарение на што американскиот бомбардер можеше неказнето да извршува борбени задачи во длабоката заднина на противникот. Овие карактеристики F-117A ги потврди за време на Панамскиот конфликт и успешно дејствуваше во Ирак, но во Југославија доживеа целосно фијаско.
Српските извори тврдат дека „невидливиот“ бил соборен со помош на застарениот советски противавионски ракетен систем С-125 „Нева“ и дека тоа го направила третата батерија на 250 бригада за противвоздушна одбрана под команда на Унгарецот Золтан Дани. Но, експертите тврдат дека ракетниот систем е сосема застарен и дека со негова помош такво нешто е невозможно да се постигне, зашто неговиот радар физички не може да препознае авион направен според технологијата „Стелт“. Србите имаа уште еден комплекс за противвоздушна одбрана од советско производство од типот „Куб“, но ниту тој, според мислењето на експертите, со своите тактичко-технички карактеристики не е погоден за пресретнување на авионот F-117A.
Урнатините на кинеската амбасада во населбата Нов Белград. Извор: Reuters.
Тајната на соборениот авион F-117A е откриена случајно. Во музејот на научно-истражувачкиот институт „Тихомиров“, инаку еден од водечките институти за проектирање радари, се појави нов експонат: дел од кабината на соборениот американски бомбардер. Натписот под експонатот недвосмислено говори дека целта била погодена со ракета од рускиот противавионски ракетен систем „бук“. Ова објаснување доведе и до нова недоумица. Имено, српската армија тогаш не го поседуваше системот „Бук“, исто како што не го поседува ни денес. Кога станува збор за самиот авион F-117A, неговите делови на исто толку мистериозен начин како и најновиот противавионски систем одеднаш се најдоа во градот Жуковск во близина на Москва, во Институтот за аеронаутика „Громов“, кој е главна научна установа во Русија што се занимава со проучување на нови материјали и технологии, а исто така и со тестирање на перспективна авионска техника.
Подоцна Американците сепак се обидоа да го решат случајот со бомбардирањето на кинеската амбасада во Белград. Сменет е еден од раководителите на ЦИА, а многу шефови добија опомена. Но, на Пекинг тоа не му е доволно. Тогашниот претставник на министерството за надворешни работи на Кина Чу Банѕао бараше од Вашингтон „виновниците да се казнат, а на кинеската влада и на кинескиот народ да му се даде задоволувачко образложение“ зашто Пекинг не верува дека станува збор за „трагична грешка“.
По овие зборови следеше и конкретен чекор од страна на Кина. Две години по војната во Србија кинеските ловци пресретнаа американски извидувачки авион EP-3 и го принудија да слета. Авионот извршувал редовен лет над територијата на Јужното кинеско море. Двете земји, како и во случајот со амбасадата во Белград, не креваа прав околу овој настан. Вашингтон преку дипломатски канали инсистираше Пекинг да го врати авионот и посадата од 20 војници. Пилотите беа пуштени по 11 дена, а шпионскиот авион беше вратен неколку месеци подоцна и тоа размонтиран на делови. И тоа не е сè: Пентагон за превозот на овие делови мораше да изнајми руски товарен авион Ан-124 „Руслан“, зашто Кинезите на својата територија не го пуштија американскиот транспортен авион С-130...
Авторот е капетан од трет ранг во резервниот состав и воен експерт во списанието „Известија“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче