Извор: ИТАР-ТАСС.
Русите стануваат сè повеќе негативни кон богатството на чиновниците и на парламентарците. Луѓето не само што сметаат дека раскошниот начин на живот на властодршците е непристоен, туку и ги поврзуваат високите приходи на државната служба со криминал.
Резултатите од неодамна спроведената социолошка анкета на Левада-Центарот покажува дека само 13% од Русите сметаат дека е нормално за еден чиновник или пратеник да биде богат. Една третина од анкетираните (33%) ја определуваат ваквата положба како непримерна, а мнозинството (44%) ја нарекуваат криминална.
Во анкетата не е споменато што подразбираат анкетираните под терминот „богат“. Сепак, според податоците од претходните истражувања богат е оној човек кој заработува 110 илјади рубли (2750 евра) месечно.
Притоа поголемиот дел (62%) го одобруваат воведувањето на максимално дозволена висина на приходите на оние што сакаат да работат во државна служба. Анкетираните се убедени дека благодарение на оваа мерка чиновниците ќе бидат на исто ниво со народот. 20%, пак, го поддржуваат предлогот за воведување на имотен цензус, а тоа го објаснуваат со фактот дека човек кој нема бизнис активи е независен во донесувањето одлуки.
Експертот на Левада-Центарот Денис Волков изјави дека добиените резултати биле очекувани. „Веќе долги години меѓу Русите преовладува мислењето дека власта е корумпирана“, вели Волков. Со широко отворени раце беше прифатена и антикорупциската кампања на Алексеј Навални, која беше поддржана и од други блогери, вклучително и од странство. „И дури тогаш се појави реакција од страна на власта – започнаа антикорупциските откривања“, вели социологот.
Веќе долги години меѓу Русите преовладува мислењето дека власта е корумпирана.
Списокот со откриените жртви расте. Од своите мандати требаше да се откажат како пратеници од долниот, така и сенатори од горниот дел на парламентот. Едни се осомничени за незаконско занимавање со бизнис (пратениците Генадиј Гудков и Алексеј Книшов), други, пак, во прикривање на скапи активи, меѓу кои и недвижен имот во странство (пратеникот Владимир Пехтин, сенаторот Виталиј Малкин). Продолжуваат истрагите на поранешни високопоставени чиновници во одбранбениот ресор.
„Граѓаните се цврсто уверени дека чиновниците и пратениците се нафаќаат на оваа работа исклучиво за сопствено збогатување. Оттука доаѓа и нискиот авторитет на парламентот, чија работа никој не ја гледа како самостојна и независна од извршната власт. Притоа се забележува еден затворен круг – од една страна луѓето сметаат дека корумпираните треба да бидат откриени, а од друга, пак, не веруваат во резултатноста на антикорупциската кампања што ја спроведуваат властите“, истакнува Волков.
Директорот на Институтот за политичка социологија Вјачеслав Смирнов смета дека самите чиновници во голема мера се виновни за засилувањето на незадоволството: „Во Русија не ги сакаат едноставно богатите, туку оние што ја демонстрираат својата имашност. Државните службеници немаат мерка и не се срамат да парадираат со својата финансиска состојба“.
Политикологот претпоставува дека на прво место треба да се води борба со назначувањето на државна работа на случајни луѓе, чија единствена цел е да ја искористат својата позиција, а не да ѝ служат на земјата.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче