Москва си го врати Виетнам

Посетата на Сергеј Шојгу расчисти многу работи во заемните односи помеѓу Русија и Виетнам. Извор: Reuters.

Посетата на Сергеј Шојгу расчисти многу работи во заемните односи помеѓу Русија и Виетнам. Извор: Reuters.

Русија има намера сериозно да ја зајакне својата позиција во Југоисточна Азија. До ваков заклучок дојдоа експертите по посетата на министерот за одбрана Сергеј Шојгу на Виетнам. По Алжир и Индија оваа земја ќе стане стратешки партнер на Москва во областа на воено-техничката соработка. Во многу блиска иднина Ханој ќе добие современи комплекси за противвоздушна и крајбрежна одбрана, истребувачи и неатомски подморници. На руските воени факултети ќе почнат да студираат виетнамски војници.

Посетата на Шојгу на Ханој може да се смета за историска. Министерот за одбрана фактички одново ја отвори земјата, која Советскиот Сојуз беше принуден да ја остави во почетокот на деведесеттите години од минатиот век. Во тој момент Виетнам беше еден од главните сојузници и партнери на Русија во регионот. Помеѓу Москва и Ханој се развиваше воено-техничка соработка. Уште од советски времиња во виетнамскиот град Камрањ се наоѓаше пункт за материјално-техичко снабдување на бродовите на Воено-морската флота на Русија. 25-годишниот договор за бесплатно изнајмување на базата беше склучен во 1979 година. Но, во 1989 година Виетнам за базата побара да се плаќа наемнина. Како резултат на тоа во 2001 година претседателот на Русија Владимир Путин донесе одлука да не го продолжува договорот и предвреме да ја врати базата од Виетнам. Една од причините за ова беше немањето средства во воениот буџет. Другата, пак, беа конкретните интереси на Русија во регионот.

Моментот на пресврт во соработката помеѓу двете земји се случи при посетата на претседателот на Виетнам Нгуен Мин Чиет на Москва во 2008 година. За време на оваа посета беше потпишан меѓувладин меморандум за соработка во сферата на воено-техничката соработка за период до 2020 година. Како резултат на ова во последниве три години Русија со Виетнам потпиша договорни обврски за испорака на производи за воена намена на сум од повеќе од 5.5 милијарди американски долари. 

- Виетнам е еден од клучните партнери на Русија во сферата на воено-техничката соработка. Ние во оваа земја извезуваме подморници, ракетни носачи, современи истребувачи и авијатичко вооружување. Виетнам е еден од најважните партнери и во други сфери, особено што ние во Виетнам градиме нуклеарна станица, вршиме извлекување нафта во крајбрежната зона, - вели претседателот на Центарот АСТ Руслан Пухов. 

За посебното место на Виетнам во сферата на воено-техничката соработка на Русија зборува и фактот што Москва во оваа земја има извезено 20 истребувачи Су-30МК2 во вредност од 1.5 милијарди американски долари. Овие машини се сметаат за едни од најсовремените во светот. Сега на виетнамскиот пазар се нуди и најновиот руски учебен воен авион Як-130. Овие машини се интересни не само по своите можности во подготовката на летечкиот состав на воено-воздушните сили, туку и по можностите за негова примена како лесен штурмовик. 

На Виетнам исто така му се понудени и истребувачите МиГ-29СМТ. Постои интерес за купување на воено-транспортните авиони Ил-476 со нов мотор од типот ПС-90А. Нивното производство започна годинава во Улјановск во фабриката „Авиастар“. Во рамките на развојот на соработката во областа на воената авијација компанијата „Сухој“ води преговори за создавање регионален центар за техничка поддршка на авионите од марката „Су“ во Виетнам. 

Во 2011 година Виетнам стана најголем увозник на руска воено-морска техника. Според податоците на Центарот за анализа на стратегии и технологии, на Виетнам му биле испорачани стражарски брод од проектот 11661Э „Гепард-3.9“ (во вредност од 175 милиони американски долари) и четири помали стражарски брода од проектот 10412 „Светљак“ (во вкупна вредност од 120 милиони американски долари). Во вооружениот состав на овие бродови влегува и ракетниот комплекс „Клаб“ со ракета Х-35 „Уран“. Во рамките на овие испораки Москва и Ханој планираат да се зафатат со заедничко создавање ракета врз основа на рускиот аналог – ракетата Х-35 „Уран“. Производството на овие ракети ќе биде организирано според истиот принцип како оној на заедничкото руско-индиско претпријатие „БраМос“. 

„Уран“ е една од најсовремените руски противбродски крилати ракети. Таа може да биде стартувана од надводни и од подводни бродови (комплекс „Клаб“), а исто така влегува и во составот на крајбрежниот противбродски комплекс „Бал-Э“. Х-35 е уникатна по тоа што е незабележлива за радиолокациските препреки кои ги поставува непријателот.

Не помалку перспективен дел во заемната соработка е испораката на современите системи за противвоздушна одбрана на Ханој. Летото во 2003 година беше склучен договор за испорака на два дивизиски зенитно-ракетни системи С-300ПМУ-1 на Виетнам. Вредноста на договорот беше околу 230 милиони американски долари. Овие комплекси делумно ги заменија советските системи за противвоздушна одбрана С-75, кои Виетнам ги користи уште од 1965 година. Исто така се поставува и прашањето за неопходноста за модернизација на веќе постоечките С-125 „Печора“. Своевремено биле испорачани околу 40 дивизиони. Како нивна замена Москва ја нуди модернизираната варијанта „Печора-2М“. 

За време на својата посета на Ханој Сергеј Шојгу потсети дека Москва ги исполнува своите обврски од договорот за испорака на неатомски подморници на Виетнам, а исто така врши и подготовка за нивниот екипаж. Договорот за испорака на шест (две се веќе испорачани) подморници од проектот 636 од типот „Варшавјанка“ беше потпишан во 2009 година. Вредноста на договорот изнесуваше 1.8 милијарди американски долари. Сите подморници ќе му бидат испорачани на нарачателот заедно со ракетниот комплекс „Клаб“. Освен тоа, Москва во Виетнам ќе создаде пункт за базирање на овие бродови. 

- Соработката помеѓу Москва и Ханој е разновидна, - вели Вадим Козјулин, професор на Академијата за воени науки. – Освен тоа, раководството на земјата, поголемиот дел од нејзиниот врв студирале во СССР, зборуваат руски, а тоа ги олеснува нашите односи.

Имено овој фактор, според мислењето на Козјулин, ѝ обезбедува на Москва доминантна положба на виетнамскиот пазар, без разлика на подобрените заемни односи помеѓу Ханој и Вашингтон, кој последниве години прави огромни напори за влез на виетнамскиот пазар. Меѓу другото, САД ја опипуваа и можноста за земање под наем на советската воено-морска база Камрањ. 

- Посетата на Сергеј Шојгу расчисти многу работи во заемните односи помеѓу Русија и Виетнам, - вели Козјулин. – Секако, тоа нема да бидат оние односи од времето на СССР. Но, во исто време тие даваат можност да се надеваме дека Москва и Ханој навистина ќе градат стратешки меѓусебни односи. Еден од сигналите за тоа е ветувањето на виетнамските власти да ѝ обезбедат услови на руската воено-морска флота за техничка помош на воено-морската база Камрањ.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња