Бизнис од решетки

Извор: Олесја Курпјаева/Росијскаја газета.

Извор: Олесја Курпјаева/Росијскаја газета.

Руските власти сакаат да им го подобрат животот на затворениците со поддршка на претприемачите.

Можно е во Русија да се појават приватни затвори. Вакви сензационални наслови се појавија во некои медиуми. Потоа, секако, излезе дека воопшто не станува збор за предавање на казнено-поправните установи под контрола на приватниот бизнис. Властите би сакале да привлечат приватни инвеститори во изградбата на нови места за затвори. Целта е да се приближи животот на руските затвореници до меѓународните стандарди. 

Предлогот товарот за чување на затворениците во казнено-поправните установи да се префрли на грбот на приватниот бизнис во последниве години неколкупати беше даден од страна на руските политичари, во рамките на дискусијата за хуманизација на затворскиот систем. 

Сепак, властите не планираат да се создаваат приватни затвори според американскиот систем. Станува збор за јавно приватно партнерство во изградбата на нови казнено-поправни установи, објаснува заменик-директорот на Федералната служба за извршување казни (ФСИК) на Русија Николај Колесник. 

Претходно директорот на ФСИК Генадиј Корниенко изјави дека неговиот ресор е подготвен да го искористи искуството на Велика Британија, каде активно се практикува привлекување приватни компании за изградба на нови места за затворање. 

Една од причините која ги поттикна чиновниците да се заложат за ваквата иницијатива е недостигот на буџетски средства, што се издвојуваат за развој на руските казнено-поправни установи. Според Корниенко, минатата година биле смогнати сили за изградба на само неколку нови објекти за затвореници и притворени лица. 

ФСИК предлага отсуството на ресурси да биде компензирано од страна на бизнисот, кои би можеле да добијат скапи градежни парцели во градовите за изградба на елитни живеалишта во замена за изградба на нови затвори. Како што велат во ресорот, конкретни одлуки во врска со ова прашање можат да бидат донесени веќе до крајот на 2013 година.


Во денешните затвори луѓето се морално и физички скршени, затоа кај поголем дел од нив не постои шанса да се интегрираат во општеството по излегувањето на слобода.

Владимир Овсјаников

член на ЛДПР 

Предлозите на ФСИК изискуваат измени на сегашниот закон, кој не ја предвидува можноста за изградба на затвори по принципот јавно приватно партнерство. Но, определени парламентарци изразија подготвеност за поддршка на идните амандмани, доколку тие се најдат на дневен ред во државната Дума. 

„Пред сè сме должни да се погрижиме за тоа како да направиме руските затвор да не бидат како оние од средниот век, туку да станат место каде може да се издржи казната и да се излезе на слобода жив“ – вели првиот заменик-раководител на фракцијата на Либерално-демократската партија на Русија во државната Дума, Владимир Овсјаников. „Во денешните затвори луѓето се морално и физички скршени, затоа кај поголем дел од нив не постои шанса да се интегрираат во општеството по излегувањето на слобода“ – смета пратеникот. 

Според податоците на ФСИК минатата година во затворите починале повеќе од четири илјади лица. Високата смртност се објаснува со преполнетоста на затворските места, антисанитарните услови и нискиот квалитет на медицинскиот третман на осудениците.


Свежо бојадисаните ѕидови во ќелиите и чистата облека не го решава проблемот со заштитата на правата на осудениците.

Лев Пономарјов

извршен директор на движењето „За правата на човекот“

Во ФСИК пресметале дека затворите изградени со поддршка на бизнисот, ќе овозможат да се приближи животот на руските затвореници кон меѓународните стандарди. Притоа, не станува збор за изградба на ВИП ќелии, во кои затворениците со плаќање би можеле да добијат покомфорни услови. 

Идејата за создавање приватни затвори предизвика различни реакции кај правобранителите. Извршниот директор на движењето „За правата на човекот“ Лев Пономарјов смета дека „свежо бојадисаните ѕидови во ќелиите и чистата облека не го решава проблемот со заштитата на правата на осудениците“. 

„Безусловно е потребно да се создадат достоинствени услови во затворите. Но, реформата на пенитерцијарниот систем треба да започне со кадровски чистки во редовите на соработниците, кои се склони кон насилство врз затворениците“ – смета експертот. 

Согласно официјалните податоци, заклучно со први февруари 2013 година во казнено-поправните устави во Русија казна издржувале 697,5 илјади лица.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња