Велики пост: искушение или прочистување?

Извор: Московската патријархија.

Извор: Московската патријархија.

Од 18 март за православните христијани започнува Великиот пост. За време на постот луѓето не треба да јадат млечни и месни производи, ниту да консумираат алкохол, а треба повеќе време да одвојуваат за молитви и за мисли за Бога. Голем број верници не постат. И не сите што постат, го прават тоа од религиозни побуди.

Во рускиот православен календар има четири поста, според годишните времиња. Најдолг е Великиот пост. Тој трае седум недели, од Прочка до Велигден. За време на постот луѓето треба да се молат и да страдаат, да се ограничуваат во исхраната. Во основа од оброците на православните се исклучуваат месните и млечните производи. Се јаде месено, зеленчук и овошје. Храната се готви на растително масло, кое во народот и се нарекува „посно“. На крајот на третата и на шестата недела од постот дозволено е да се јаде риба, а во саботите и во неделите може да се пие и малку црно вино. Последната недела на Великиот пост – Страсната седмица – е најстрога. Од понеделник до среда треба да се јаде само сурова храна без масло, во четврток, денот на Тајната Вечера, варена храна со масло и вино, во петок не се јаде ништо, а во сабота пред Велигден треба да се јаде варена храна без масло. Велигден го одбележува завршувањето на Великиот пост и прекинување на сите ограничувања. 

Во Русија има навистина религиозни луѓе, кои пред постот се консултираат со духовните лица и се придружуваат до сите правила, а има и такви кои постат заради „прочистување на организмот“, за да ослабат, заради експеримент или , едноставно, затоа што така прават сите. 

 

Дмитриј Ерохин (32 години). Експеримент од љубопитство

За постот особено не се подготвував, едноставно во еден момент се откажав од млечните, месните и рибните производи и престанав да консумирам алкохол.

Имам постено само еднаш, пред три години. Одамна им завидував на оние што можат едноставно да си постават граници во исхраната. Отсекогаш сум сакал да пробам и да видам што е всушност тоа. За постот особено не се подготвував, едноставно во еден момент се откажав од млечните, месните и рибните производи и престанав да консумирам алкохол. Се гордеев со себе во тоа време. 

Во моето семејство никој не постеше и понекогаш морав да си приготвувам посебна храна за себе. Избирајќи производи во продавница, внимателно го читав составот на пакувањето за таму случајно да нема јајца или млеко. На работа со посната храна исто така постеа проблеми, затоа во основа се хранев со оревчиња и со сушено овошје. 

Го издржав целиот пост, без да отстапам од правилата, иако во последните две недели не се чувствував добро. Затоа сфатив дека со своите експериментални мотиви и со својот стремеж кон слава ја навредив самата суштина на постот. Не сум многу религиозен човек, но на прашањето дали верувам во Бога, без размислување велам: „Да“. Затоа тој експеримент повеќе го сметам за срам, одошто за некакво достигнување. Оттогаш не се обидувам со поединечни акции да ја покажам својата „правилност“. Едноставно се обидувам да бидам малку почесен со оние што ме опкружуваат и со самиот себе. 

 

Аљона Лановаја (21 година). Сака да симне килажа 

За мене проблемот со килограмите е еден од клучните. Не сум дебелка, но од време на време качувам по три-четири кила, кои потоа морам да ги симнам. Назима јас се здебелувам, а на почетокот на летото се обидувам да ослабам, па Великиот пост ми доаѓа добро. Верувам во Бога, но го држам само Великиот пост. Првпат постев кога имав шеснаесет години. Со другарките се кладевме за постењето и гледавме која нема да издржи. Од три, не издржа само една, нејзе почна да ѝ паѓа притисокот. Почна да ѝ се врти и да губи ориентација. Нејзиниот лекар строго ѝ забранил да пости. Ѝ препиша строг систем на исхрана. 

Постот ми помага да намалам до пет килограми. Сметам дека тоа воопшто не е лошо кога богоугодната работа ми помага да ја подобрам фигурата. Мајка ми ми готви каши, салати, супи без месо. Исто така многу сакам оревчиња, особено фстаци, така што цел ден можам да бидам на оревчиња и на сушено овошје. Другарите ме задеваат дека јадам храна за глодари, но мене ми е сеедно. За разлика од нив, јас барем се обидувам да живеам според заповедите.

 

Сергеј Колиденко (37 години). За верата не е потребен доказ 

Првпат постев многу одамна. Тогаш тоа не беше толку заради верата, колку заради љубовта кон жена ми. Таа уште тогаш многу веруваше во Бога и ги постеше сите пости. Паметам дека многу се грижев да не останам гладен, што си ставав двојна порција и јадев многу повеќе од вообичаеното. Излезе дека не само што не ослабев, туку и качив пет килограми. Но, тогаш јас само пробав, за да видам што е тоа. Пробав нова култура. 

Потоа сфатив дека за вербата во бога не треба да се бараат некакви докази. Кога престанав да барам некакви измами, ми стана многу полесно. Во душата ми беа пополнети сите празнини. Постот за мене не е мачење, туку долгоочекувано духовно прочистување. Се обидувам да не гледам телевизија, да не трошам време на бесконечна лутина. Во тоа време се појавува некоја необична леснотија, задоволство, разбирање дека ти правиш сè како што треба. 

Сега постот за нашето семејство е нормална работа, и воопшто не се поставува прашањето дали да се пости или не. Замрзнуваме многу зеленчук, но не само заради постот, туку во принцип. За време на постот многу ни се наоѓа. Правиме макарони, каша со печурки, турли-тава. Не можам да кажам дека нашето мени за време на постот е оскудно, едноставно не користиме определени производи. Имаме две деца и, секако, тие не постат. Тие пијат млеко, јадат месо. Кога постарата ќерка ќе наполни седум години, ќе ѝ кажеме што е тоа пост. Тогаш таа самата ќе реши дали сака да пости или не. 


Воздржувањето од гревот е многу потешко. Мозокот е една деликатна супстанца, на која не можеш да ѝ заповедаш.


Отец Владинир

На оние што се плашат дека нема да го издржат постот, можам да им порачам дека ако кон него се однесуваат како кон гладување, тогаш навистина има причина да се плашат. Јас секогаш го чекам постот, за мене тоа е можност за духовно и за физичко прочистување. На празен желудник поубаво се моли. За православните христијани постот е време за тие да размислат за својот однос кон светот и кон Бога, тоа е можност да поработат на себе. Ние многу почесто грешиме во мислите, одошто во делата. А, тука, воздржувањето од гревот е многу потешко. Мозокот е една деликатна супстанца, на која не можеш да ѝ заповедаш. Тоа се однесува на сите, па и на мене. 

Секогаш им советувам на своите парохијци да работат на себе за време на постот, да се борат за својата душа. Првиот пат на многумина им е тешко, затоа што тие тоа го сфаќаат како измачување. Но, тоа не е така, зашто искачувањето е секогаш тешко. Да не зборуваме за небото, обидете се да се качите на шеснаесетти кат пеш. Но, да се лизнеш од нагорнината е многу лесно. Истото важи и за духовната работа. Да се качиш со духот е тешко, а да паднеш не е проблем. Не треба да мислиш што имаш во стомакот, ами што имаш во главата.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња