Руската младина бара промени, а не револуција

Извор: ИТАР-ТАСС.

Извор: ИТАР-ТАСС.

Според социолошките истражувања, денешното поколение млади Руси се критички настроени кон власта, но не ѝ веруваат ниту на опозицијата. Се појавува уште една тенденција – сè поголема популарност кај младите од Русија има идејата за волонтерство и за хуманитарна работа.

„Младите сметаат дека Русија имала славно минато и дека ќе има светла иднина. А, еве, сегашноста е ужасна“ – вели познатиот социолог Олга Криштановскаја.

Младите сметаат дека главни задачи на државата се доделувањето субвенции, кредити и пензии, а исто така и организирање на слободното време. 

Како основи проблеми на современа Русија младите луѓе ги набројуваат крадењето, сиромаштијата, своеволноста на чиновниците. Според нив, бирократите се главните „носители“ на социјалното зло. 

Притоа, подвлекуваат истражувачите, младите нихилисти немаат претстава како работи државната машинерија и зошто е таа потребна. Тие сметаат дека главни задачи на државата се доделувањето субвенции, кредити и пензии, а исто така и организирање на слободното време. 

„Младината не верува во „реновирање“ на системот. Најдобар излез од ситуацијата е да се урне сè. Секако, тие не знаат што треба да дојде потоа како замена“, вели Криштановскаја. 

Впрочем, други социолози фиксираат поинакви тенденции. „Постои голема група млади луѓе која ја поддржува власта. Но, тоа го прават од различни причини, а главната е од кариерни побуди“, вели раководителот на Центарот за проучување на младината при Високата школа за економија Елена Омељченко.

Поголемиот дел од учесниците во анкетите изјавиле дека не земале учество во никакви протести во последно време, бидејќи не им веруваат на лидерите на денешната опозиција.


Според неа, очигледно е дека меѓу младите луѓе не постојат опозициски групи. Преовладува разочараност во политиката и дистанцирање од неа. „На младите луѓе сè им е измешано во главата. Националистичките погледи одат заедно со либералните идеи, хомофобното расположение се меша со идејата за слобода на сите“, вели Омељченко. 

Според податоците со кои располага Олга Криштановскаја, негативизмот на младите луѓе воопшто не се заканува а премине во револуција. Поголемиот дел од учесниците во анкетите изјавиле дека не земале учество во никакви протести во последно време, бидејќи не им веруваат на лидерите на денешната опозиција. 

„40% од учесниците во анкетите сметаат дека опозицијата е слаба и дека таа нема да успее. Тие помеѓу лидерите на опозицијата не гледаат луѓе кои навистина сакаат да направат нешто без никаква корист за себе, кои се подготвени на смрт за своите идеали„, забележува Олга Криштановскаја. 

Притоа, 90% од анкетираните изјавиле дека меѓу политичките партии кои денес постојат, не гледаат ниту еден „свој“. 

Сепак, лидерите на некои партии кај младите имаат висока доверба. Лидерот на Либерално-демократската партија Владимир Жириновски го зазеде второто место во рејтингот на најпопуларните политичари. Милијардерот Михаил Прохоров, кој од неодамна исто така почна да се занимава со политика, е на третото место. 

На првото место се наоѓа претседателот Владимир Путин. Олга Криштановскаја го објаснува тоа на следниов начин: „Младите луѓе сметаат дека тој е единствен што има сила навистина да му се спротивстави на корупцискиот систем на чиновниците. Високиот рејтинг на претседателот е исто така поврзан и со надежта дека тој сепак ќе се обиде да го урне и да го измени тој систем“. 

Меѓу идолите на младите има и такви кои привлекуваат со својата активна животна позиција. На пример, актерката Чулман Хаматова е основач на хуманитарната фондација „Подари живот“, која им помага на децата болни од рак. 

Идејата за волонтерство и хуманитарна работа станува сè попопуларна меѓу младите. Бидејќи не можат да најдат идоли меѓу претставниците на своето поколение, тие самите стануваат херои. Помошта на оние на кои им е многу потешко одошто тебе – болните деца, старите луѓе – станува смисла на животот. 

Центарот за проучување на младината при Високата школа за економија забележува уште една важна тенденција. „Меѓу младите забележуваме однесување кое може да се нарече екстремно правилен начин на живеење. Тој претполага одбивање наркотици, алкохол, безреден секс. Популарни се еколошките движења, најразлични спортски практики“, вели Елена Омељченко. 

Според мислењето на социолозите, на овој начин младите луѓе се обидуваат да најдат свое место во граѓанската активност. И тоа е мошне важно: во таа потрага моралните и карактерните квалитети се сè повеќе ценети.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња