„Скраја да е од Македонци-русофили“

Детаљ од спорната „експертска“ карта од жолтиот печат, со која најголемите македонски медиуми ја разбрануваа јавноста.

Детаљ од спорната „експертска“ карта од жолтиот печат, со која најголемите македонски медиуми ја разбрануваа јавноста.

Во најголемите македонски медиуми неодамна беше објавена сензационална карта на Европа во 2035 година, која беше претставена како „руска“. Оваа стручна геополитичка информација тие ја нашле во рускиот жолт печат, во списание што се занимава со новости за естрадните уметници.

Кон средината на јануари годинава медиумите во Македонија, но и во соседните земји, главно државите од поранешна Југославија, објавија, на прв поглед, сензационална новост. Македонската јавност имаше можност да прочита низа наслови со слична тема: „ЕВРОПА 2035 - се е можно!“, „Русите објавија карта на Европа 2035, на неа и Голема Албанија“, „Како ќе изгледа Европа до 2035 година“, „До 2035-та ќе се создаде Голема Албанија?“, „Голема Албанија во 2035, кога ќе има и територијални промени во други европски држави, тврдат руски експерти“, „Руски експерти велат Македонија ќе е Албанија до 2035-та година“. 

Од каде оваа „информација“? 

Македонските новинари во архивите на рускиот таблоид „Експрес газета“ (9 јули 2012, бр. 27/908) нашле статија „Русија ќе го менува Кавказ за Белорусија и Украина“, чиј автор е Артјом Стоцки, а текстот е објавен уште во јули минатата година. Овој неделник првенствено се занимава со скандали од светот на шоу-бизнисот и во Русија има сличен углед како „The Sun“ или „The Daily Мirror“ во Англија (за еквивалентите на ова списание во Македонија нека пресудат самите читатели). Авторот на текстот ја претставил картата на Европа во 2035 година, повикувајќи се на некакви „геополитички експерти“, кои анализирале „повеќе отворени документи од американската агенција ЦИА, руската воена разузнавачка служба ГРУ и од некои истражувачки институти, а, исто така, и трудовите на Алвин Тофлер, Збигњев Бжежински и на Семјуел Хантингтон“.

Трудовите на Хантингтон, Бжежински и Тофлер се објавени одамна и се преведени на многу јазици. Меѓутоа, не е јасно што навело определени новинари во Македонија да тврдат дека тоа е, всушност, „руска карта на Европа 2035“ и згора на тоа како извор да користат руски жолт печат.

Во статијата на Балканот му е посветен само еден пасус: „Големи промени се очекуваат и на Балканот. Со засилувањето на исламскиот фактор во Европа ќе се појави лоби што ќе ја укине државноста на Босна и Херцеговина. Можно е нејзината територија да биде поделена меѓу Србија и Хрватска. Како компромис за Турција, ќе дојде до политичко соединување на Албанија, која покрај Косово најверојатно ќе ги добие и западните делови на Македонија“. Меѓутоа, овие неколку реда беа сосема доволни за претходно споменатите медиуми во Македонија да објават толку провокативни наслови на своите текстови. 

Еден од политиколозите кого го наведува Стоцки, Семјуел Хантингтон (1927–2008), во 1993 година го објави својот труд „Судир на цивилизациите?“, во кој, потпирајќи се на истражувањата на филозофите од првата половина на дваесеттиот век (Тојнби, Шпенглер, Данилевски), издвојува неколку култури (кинеската, јапонската, хиндуистичката, исламската, православната, западнохристијанската, латиноамериканската и африканската) меѓу кои, според него, спротивностите само ќе се засилуваат. Негов став е дека еден од преломите на овој конфликт ќе се случува токму на Балканот и дека се совпаѓа со историските граници меѓу Хабзбуршката монархија и Османското царство. Алвин Тофлер во својата книга „Војна и антивојна“, објавена две години подоцна, тврди дека во следните години развојот на светските случувања во голема мера ќе бидат определени од „религиските движења, како на пример исламот, и панетничките движења во експанзија, чија цел е да ги прекројат границите според етнички принцип“. Збигњев Бжежински во својата книга „Американски избор – глобална доминација или глобално водство“, објавена уште во 2004 година, пишува дека „Хантигтоновата визија“ за ‘судир на цивилизациите’ може да биде пророштво што ќе се оствари“.

Поединци во македонските средства за јавно информирање, за жал, излегоа премногу наивни во изборот на своите извори. 

Сиве овие геополитички нагаѓања, чии автори се, всушност, споменатите западни експерти, не се ништо ново не само за познавачите од потесната област ами и за широката јавност. Трудовите на Хантингтон, Бжежински и Тофлер се објавени одамна и се преведени на многу јазици. Меѓутоа, не е јасно што навело определени новинари во Македонија да тврдат дека тоа е, всушност, „руска карта на Европа 2035“ и згора на тоа како извор да користат руски жолт печат. Сите наведени македонски медиуми пишуваат за „руското гледиште“ на 2035 и тврдат дека картата ја составиле руски стручњаци, додека во статијата на Стоцки ништо не укажува на потеклото на авторите (стои само „геополитички експерти“). 

Освен тоа, во извештаите на медиумите е напишано дека картата е направена врз основа на заклучоците на некакви „експертски групи“ на чие чело биле Бжежински и Хантингтон. Од друга страна, во оригиналниот текст на статијата се зборува само за отворени документи на „некои истражувачки институти“, додека имињата на американските политиколози се споменуваат без тие да се доведат во врска со институтите. Во текстот на Стоцки воопшто не се споменуваат какви било „експертски групи“, особено не такви што се предводени од Бжежински и Хантингтон. 

Очигледно е дека станува збор за потрага по непостојна сензација. Уште еднаш треба да се истакне дека „Експрес газета“ не само што не е сериозно списание што се занимава со прашања од областа на геополитиката туку воопшто не се занимава со политика на сериозен начин. Поединци во македонските средства за јавно информирање, за жал, излегоа премногу наивни во изборот на своите извори. Определени цитати од статијата на Стоцки (како и наводната карта на Европа) се целосно препечатени, но со наслови што во целост ја менуваат смислата на напишаниот текст. 

Тешко е да се поверува дека причината за сево е ова е русофобната политика на споменатите медиуми, како текстот на извесен Јордан Петровски објавен на forum.kotle.ca со наслов „Скраја да е од Македонци-русофили“. Зарем е неопходно најугледните средства за јавно информирање во Македонија, со цел да привлечат медиумско внимание, да користат вакви методи и вакви извори, кои имаат, благо речено, сомнителна репутација?

Статијата за првпат беше објавена во печатениот додаток „Руска реч на македонски“ во дневниот весник „Нова Македонија“ од 9 март 2013 година.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња