„Умре главниот човек“

Московјанка со портретот на Јосиф Сталин на комунистичка прослава по повод Денот на заштитникот на татковината на 23 февруари. Извор: AP.

Московјанка со портретот на Јосиф Сталин на комунистичка прослава по повод Денот на заштитникот на татковината на 23 февруари. Извор: AP.

По повод 60-годишнината од смртта на Јосиф Сталин, веројатно најконтроверзниот прв човек на советската и на руската држава, „Руска реч на македонски“ ви претставува спомени на луѓе кои овие настани ги засведочиле со сопствени очи.

На петти март 1953 година беше објавена смртта на Јосиф Сталин – водачот на советскиот народ. На шести март неговото тело беше изложено за проштевање во Колоната сала на Сојузниот дом во центарот на Москва. Стотици илјади луѓе, кои липаа од жал и ужас, тргнаа да се простат со телото на Сталин. Многумина одеа организирано, во колони од претпријатијата од образовните институции. На првиот ден од проштевањето се случи трагедија – луѓето од толпата почна да се гмечат на плоштадот Трубнаја, каде во вештачки направеното „грло“ погинаа неколку десетици до неколку стотици луѓе – нивниот број до денешен ден не се знае.

Далила Ованесова, во 1953 година била ученичка


И што комсомолки? Како ќе живееме понатаму? Таткото умре.

 

стариот сибирски рудар

На денот на смртта на Сталин нè собраа од училиштето, ние се бевме наредиле во почесен строј во ходникот, свиреше траурна музика. Се сеќавам на почесната стража на пионерите и на комсомолците покрај бистата на Сталин – тие стоеја мирно и отпоздравуваа.Сите липаа, и учениците, и учителите. А, јас не плачев, јас бев растревожена. Часовите на училиште беа одложени и сите во жалост си заминавме дома.
Кога дојдов дома, почувствував некаква придушена радост.  Можеби и бев загрижена, но ја видов таа восхит, радост, сјај во очите на мајка ми, нејзината активност, леснотија во одот, состојба на некакво душевно ослободување, некаква радост. Баба ми ја нарекувам мајка, зашто таа нè воспитуваше мене и брат ми. Вујко ми, синот на мајка ми, писателот Јуриј Домбровски, беше репресиран, тој тогаш лежеше в затвор.
Но, таа ништо не ни кажуваше. Што можеше во тоа време да им се каже на децата? Имав една школска другарка, Нескучаева Ваља, нејзе татко ѝ и мајка ѝ строго ѝ забранија да се дружи со мене. „Татко ми и мајка ми не ми даваат да се дружам со тебе, зашто твоето семејство не е баш сигурно“. Овој збор тогаш ме вчудовиди, не ја разбирав неговата смисла.
Александра Григорева, во 1953 година била студентка на педагошката школа Тогаш бев на четврта година на педагошката школа во градот Балеј во Забајкалскиот крај. Се сеќавам дека по предметот педагогија требаше да учиме многу цитати од Сталин. Беа многу строги во своите барања. На предавањата чукнаа на врата, професорката излезе, а кога се врати назад не личеше на себе. Седна на маса, го покри лицето со рацете и почна да плаче. Потоа ја крена главата и тивко рече: „Почина Јосиф Висарионович Сталин“. Сите ние почнавме да плачеме. Во мојата група бевме речиси сите девојки, имаше само три момчиња, но сите плачевме.

Јас со уште две другарки бевме под кирија кај еден дедо. Тој беше стар комунист, сиот живот работел во рудник за злато. Кога се враќавме од предавања, тој седеше на една клупа пред нашата куќа и плачеше: „И што комсомолки? Како ќе живееме понатаму? Таткото умре“. Ние навистина не знаевме како ќе живееме без Сталин.

Виктор Еркович, во 1953 година бил ученик

Во педесет и третата година живеев во една работничка приградска населба во близината на Нижнеудинск во Иркутската област. Бев во осмо одделение. Целата населба тогаш буквално липаше. Луѓето не плачеа, туку баш липаа, не се воздржуваа, тоа беше искрено. Се чинеше дека животот запрел. За нас, комсомолците од тие времиња, овој настан беше поголема трагедија одошто Големата Татковинска војна.
Се сеќавам дека лежев во училницата на клупата, сфаќајќи дека морам да плачам, но од некаква причина солзите не ми идеа. И бев загрижен не зашто некој ме гледа и за тоа што ќе си помисли. Јас самиот не се чувствував убаво што не плачам во таков момент. Тоа некако ми се чинеше ненормално. И тогаш почнав со плунка да се мачкам под очите за да имитирам тага.

Феликс Кваша – во 1953 година бил студент на машински факултет


За нас, комсомолците од тие времиња, овој настан беше поголема трагедија одошто Големата Татковинска војна.

Во 1953 бев на втора година. Живеев во студентски дом во Шереметево недалеку од Москва. Собите ни беа големи, за дваесет лица, нешто како касарна. И вечерта по часовите на радио објавија за смртта на Сталин. Сите липаа, сите едноставно беа потресени, се чинеше дека е крај на светот. Јас, пак, не плачев, не си ја кубев косата. Следниот ден на факултет напладне не однесоа на проштевање во Колоната сала во Сојузниот дом.

Се создаде огромна колона од околу петстотини луѓе. Ни наредија да не се разотидуваме, рекоа дека строго ќе нè контролираат. Два часа се туткавме во место, а потоа тргнавме. На почетокот одевме слободно, полека, со застанувања. Вечерта се втиснавме на улицата Трубнаја, а таму имаше огромна толпа, околу илјада луѓе. Во тој момент никој повеќе не остана од нашата колона. Некој можеби избегал, а останатите едноставно се изгубија во толпата. Останаа околу пет-шест познати лица. А, понатаму огромна маса, непознати брутални лица. По булеварот беа наредени камиони, а зад нив стоеја војници. И тука беше најстрашно. Толпата стоеше цела ноќ и не се движеше. Се запознававме со некои луѓе, потоа некој ќе исчезнеше, некои се обидуваа да се протнат под камионите, оттаму ги бркаа војниците, некои, пак, ги качуваа во возилата и ми се чини дека тие повеќе не излегуваа оттаму. Најстрашно беше ако те притиснат кон камионите. И цела ноќ стоевме, ниту пиевме, ниту јадевме, не можевме да одиме во клозет. Сите дворови беа заклучени, влезовите исто така. Јас се најдов на некои триста метри од плоштадот Трубнаја, се појавија некакви момчиња на шеснаесет-седумнаесетгодишна возраст. Стоевме во едно тесно купче, а тие меѓу себе дискутираа како да се оди понатаму, по покриви ли?

И тие момчиња ме спасија – најдоа слабо заклучена врата на еден влез и таму ме турнаа. Минавме низ некаков внатрешен двор, потоа друг, потоа се качивме на покрив и понатаму ги изгубив. Потоа се симнав од покривот и се најдов на паралелната улица, на Цветниот булевар, без сили, но жив.

Валентина Шишкина, во 1953 година била ученичка

Бевме дома, слушнавме за смртта на Сталин на радио, сите почнаа да липаат – мајка ми, постарата сестра. И јас исто така липав. Умре главниот човек кого го сакаат повеќе од мајките и од татковците, Бог. Следниот ден отидовме на училиште, таму имаше траурна редица и во неа сите плачеа. А, мојата постара сестра Тамара отиде на погреб со својата другарка, иако мајка ми категорички не сакаше да ја пушти, театрално затворајќи ја вратата зад себе. Но, тие сепак отидоа. Од Ленинградскиот булевар, кој тогаш беше крај на Москва, отидоа пеш до центарот, до Пушкинскиот плоштад, некаде околу шест – седум километри, зашто трамваите не возеа. А, на Пушкинскиот плоштад веќе беше започнале да се гмечат, почнале да ги туркаат и тие се исплашиле. Поминале под некаква кола и излегле на некоја улица. Војниците ги пуштиле, оти девојчињата биле преплашени. И тие тргнале назад дома по Ленинградскиот булевар.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.