На почетокот на годинава беа изведени тактички операции за истовар на сирискиот брег од страна на неколку пешадиски единици на воената морнарица, на десантно-напаѓачката единица на Воздушно-десантната војска (ВДВ) на РФ. Извор: РИА „Новости“.
Веста за усмерување на определени руски бродови од Североморск, Балтиск, Севастопол и Владивосток во источното Средоземно Море беше позната уште пред Нова година. Повикувајќи се на анонимни извори од Генералштабот на Вооружените сили на РФ, информативните агенции тврдеа дека бродовите се упатени на место за средба определено однапред заради „заедничко извршување борбени задачи“ во близина на сирискиот брег.
Руските морнари се навистина присутни во Средоземно море, како во источниот, така и во неговиот централен дел, потоа во областа на Рогот на Африка, во Аденскиот залив и во Црвено Море. Без оглед на тоа што сите имаат различни задачи, наведените факти укажуваат на тоа дека времињата се смениле.
Освен тоа, воените бродови – ракетниот крстосувач „Москва“, големите противподморнички бродови „Маршал Шапошников“ и „Североморск“, патролните бродови „Јарослав Мудриот“ и „Сметливиот“, како и шесте големи десантни бродови „Калининград“, „Новочеркаск“, „Александар Шабалин“, „Саратов“, „Николај Фиљченков“ и „Азов“ заедно со бродовите што ги обезбедуваат – танкери и влечни бродови – имаа испланирани повеќекратни заминувања до центарот за материјално-техничко снабдување на Воената морнарица на РФ во пристаништето Тартус, аради одмор на посадата и пополнување на залихите од вода, гориво, лубриканти и масло. Не е исклучено нашите бродови, ако е потребно, да учествуваат во евакуација на руските државјани што сакаат да ја напуштат својата моментално небезбедна втора татковина. Ова отворено го изјавија претставници на Министерството за надворешни работи на Руската Федерација.
Но, потоа излезе (како што повторно соопшти анонимен извор од Генералштабот) дека обединетата групација на Руската воена морнарица не само што ќе спроведува заеднички маневри на море и значително ќе го унапреди системот на контрола над толку голем одред руски бродови (16 корпуси), со што Главниот штаб на Руската воена морнарица не се занимавал долго време, туку и кон крајот на јануари изведе тактички операции за истовар на сирискиот брег со неколку пешадиски единици на воената морнарица, на десантно-напаѓачките единици на 108-от Кубански козачки полк од составот на Новоросијската десантно-напаѓачка (планинска) дивизија на Воздушно-десантната војска (ВДВ) на РФ, заедно со воената опрема. Потоа ќе изврши обратна постапка – утовар на истите возила и единици во голем десантен брод. За тоа време покривањето на десантот од море треба да го врши ударната група бродови во чиј состав се веќе споменатите крстосувачот „Москва“, големиот противподморнички брод „Североморск“ и патролните бродови „Сметливиот“ и „Јарослав Мудриот“.
Руската воена морнарица полека закрепнува, повеќе не го минува времето во своите пристаништа, ами излезе во меѓународните води.
Целосна евакуација на руските државјани од Сирија засега нема да се изврши. Сириската армија успешно ги одбива нападите на разноликата и неусогласена опозиција. На сирискиот брег од ‘ртот Ибн Хани, кој е во близина на Латакија, до Џебла, Банијас и Тартус нема бунтовници, и во договор со официјалните власти во Дамаск можно е да се изврши истовар на десантот, како што велат морнарите – на неподготвен брег. Обично тоа се изведува на следниов начин: на оддалеченост од 100 до 150 метри од брегот приоѓаат големите десантни бродови, ги отвораат своите носни крила, во водата ги спуштаат рампите, по нив по бранови („на површината“, како што тоа го нарекуваат во војската) се спуштаат оклопните транспортери. Потоа борбените чамци полека, но сигурно, се приближуваат кон брегот истурајќи оган од тешките крупнокалибарски митралези меѓу ѕидините каде што се лоцирани „непријателите“. А кога тркалата на транспортерите ќе го допрат земјата, од возилата излегува морнаричката пешадија и се распоредува во борбена формација, покриена со артилерија од бродовите и од оклопните транспортери, по што тргнуваат во напад.
Претходно ед ен од големите десантни бродови на обединетата морнаричка групација, „Калининград“, кој ѝ е доделен на Балтичката флота, мина низ Дарданелите, Мраморно Море и Босфор и влезе во руското пристаниште Новоросијск за да се утоварат на него единиците на ВДВ на РФ и воената опрема – истите оклопни транспортери БТР-80 на кои се врши десантот на војниците и офицерите. Друг голем десантен брод, „Александар Шабалин“, ја следеше истата рута од Средоземно Море кон претходно споменатото пристаниште со иста цел. По една недела овие два брода се вратија во Средоземно Море во сириското пристаниште Тартус, каде што се наоѓаа и претходно. По завршувањето на „шатл-мисијата“ тие се враќаат во матичното пристаниште – Балтијск.
Истовремено од Новоросијск во Средоземно Море се врати големиот десантен брод на Црноморската флота „Азов“, откако ги собра единиците на ВДВ на РФ и оклопните транспортери. Извори од Генералштабот на Вооружените сили на РФ тврдат дека целта на неговата пловидба е пристаништето Тартус. А, на патот до неа, на 25 јануари во Егејско Море се сретна со другите бродови на обединетата групација заради спроведување заеднички маневри. Во центарот за материјално-техничко снабдување на Руската воена морнарица во пристаништето Тартус дојде големиот десантен брод „Саратов“.
ПРОЧИТАЈТЕ ИСТО ТАКА: Планови за Руската воена морнарица до 2030 - во директен разговор со главен командант адмиралот Виктор Чирков
Во секој случај, руските морнари се навистина присутни во Средоземно Море, како во неговиот источен, така и во неговиот централен дел, потоа во областа на Рогот на Африка, во Аденскиот залив и во Црвено Море. Без оглед на тоа што сите имаат различни задачи, наведените факти укажуваат на тоа дека времињата се смениле. Руската воена морнарица полека закрепнува, повеќе не го минува времето во своите пристаништа, ами излезе во меѓународните води. Тоа се случува не за да предизвика страв кај некого, туку да го демонстрира своето присуство, како што велат морнарите – да го покажат своето Андреевско знаме, и, секако, да бидат подготвени за учество во евентуална меѓународна операција што би ја одобрил Советот за безбедност на ОН, особено во случај ако биде неопходно да се заштитат животите и безбедноста на руските државјани. Ова многумина ќе мора да го земат предвид.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче