Американците пијат како Русите

Извор: РИА Новости/Валериј Мељников.

Извор: РИА Новости/Валериј Мељников.

И покрај широко распространетиот стереотип според кој Русите пијат најмногу жестоки алкохолни пијалаци на светот, истражувањата покажуваат пораст на продажбата на алкохол во САД, кој ја надминува руската продажба, а најпосакуван пијалак е вотката.

Статистиката утврди дека не е точен митот оти Русите пијат најмногу на светот. Според информациите на американската истражувачка агенција Impact Databank, продажбата на жестоки пијалаци во САД во 2012 година изнесувала 226 милиони декалитри, што е практично двојно повеќе одошто во Русија. Имајќи предвид дека бројот на жители во Соединетите Американски Држави е исто така двојно поголем отколку во Русија, може да се каже дека Американците пијат исто колку и Русите. Притоа најпопуларен пијалак и во двете земји е вотката. 

Потрошувачката на жестоките пијалаци во САД расте неколку години по ред. Потрошувачката на алкохолните пијалаци за 2012 година е зголемена на 226 милиони декалитри, според податоците на Impact Databank. Исто така, според податоците на американското граѓанско здружение Distilled Spirits Council (DiSCus), продажбата на жестоките пијалаци во САД за минатата година изнесувала 224.3 милиони декалитри.

Потрошувачката на жестоки пијалаци по глава на жител во Америка е во целосност споредлива со онаа во Русија. 

Во Русија, според податоците на Федералната служба за државна статистика, производството на пијалаци појаки од 25 промили во текот на 2012 година изнесувало 113 милиони декалитри. Притоа стручњаците сметаат дека потрошувачката е дури и пониска зашто производителите правеле резерви пред значителното зголемување на трошарината во 2013 година. Увозот на жестоки пијалаци минатата година изнесувал 12.5 милиони декалитри. Засега нема податоци за извозот на руска вотка, но во последниве години беше приближно еднаков на увозот. 

Бројот на жителите во САД е двапати поголем од бројот на жителите во Русија – 315 милиони наспрема 143 милиони. Значи, потрошувачката на жестоки пијалаци по глава на жител во Америка е во целосност споредлива со онаа во Русија. 

Најпопуларен пијалак во САД и понатаму е вотката: од 25 водечки брендови на жестоки пијалаци, 12 се вотка. Предводник е вотката Смирноф, чија продажба во САД изнесува 10.89 милиони декалитри (со пораст од 2.1% во однос на 2011 година). Главен конкурент на Смирноф е румот Бакарди (10.67 милиони декалитри според податоците на Impact Databank). 

Според оценката на DiSC, најголем пораст е забележан во категоријата „премиум“: продажбата на алкохол со малопродажна цена над 30 долари за шише во 2012 година во САД е порасната за 8.9%. Продажбата на пијалаци од категоријата „супер премиум“ (од 18 до 30 долари) растела умерено – за 4.8%. Во категоријата „економ“ забележана е стагнација. Побарувачката на жестоки пијалаци од класата „премиум“ е причина за зголемувањето на опсегот во вредносен израз од 4.5%. 

Меѓу категориите алкохол за 2012 година, највпечатливи резултати прикажало ирското виски, чија продажба во САД се зголемила за 22%. Вотката е зголемена за 4% (до 72.2 милиони декалитри, односно 5.5 милијарди долари). Производството на вотка во Русија минатата година, според податоците на Федералната служба за државна статистика, изнесувало 97.7 милиони декалитри (пораст од 13.2%). Вкупната вредност на производството со ДДВ достигнала 209.2 милијарди рубли (6.96 милијарди долари според Централната банка на РФ).

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња