23 февруари: „Серуски ден на мажите“?

Иако се смета за празник на сите мажи, на 23 февруари преовладува воениот дух. Извор: ИТАР-ТАСС.

Иако се смета за празник на сите мажи, на 23 февруари преовладува воениот дух. Извор: ИТАР-ТАСС.

На 23 февруари во Русија појаката половина на човештвото добива законско право да прима од жените честитки и подароци: на овој ден во земјата се одбележува Денот на заштитникот на Татковината.

За разлика од Меѓународниот ден на жената, кој во Русија е дојден од Западот, Денот на заштитникот на Татковината во целост е руска „работа“. Впрочем, сè уште не постои единствено мислење зошто токму 23 февруари е датум што е избран за прославување на овој празник. Според официјалната гледна точка, која била разработена во Советскиот Сојуз во дваесеттите години од минатиот век, на овој ден во 1918 година војската на Црвената Армија ја поразила германската војска под Псков и Нарва. Сепак во понатамошното проучување на документите од тоа време, историчарите го побиле овој факт: според архивските податоци, вечерта на 23 февруари Германците се наоѓале на 55 километри од Псков и на 170 километри од Нарва, така што и во германските и во руските архиви на овој ден не се забележани никакви битки. Сепак, за неполни 20 години овој мит успеал да се прикаже себеси како реален и во годините на Големата Татковинска војна 23 февруари на големо се празнувал имено како ден на првите победи на Црвената Армија врз Германците. 

По распадот на СССР некои поранешни советски републики престанаа да го празнуваат 23 февруари. Сега овој празник се слави само во Русија, Белорусија, Украина и во Киргистан.

Оттогаш до денес датумот на празнување не се изменил, но затоа неколкупати се изменил неговиот назив. До 1949 година во Советскиот Сојуз се празнувал како Ден на Црвената Армија, а од 1949 до 1993 година празникот официјално се нарекуваше Ден на Советската Армија и на Воено-морската Флота, по што е преименуван најпрво како Ден на руската армија, а две години потоа во Ден на заштитникот на Татковината.

Без оглед на фактот дека на почетокот овој празник немал никаква врска со Меѓународниот ден на жената, со текот на времето 23 февруари во сознанието на Русите почнал да се слави како „празник на сите мажи“, што претставува определен пандан на 8 март, кој по традиција на големо се одбележува во Русија. Апсолутното мнозинство од машкото население на Русија дури и не претпоставува дека постои Меѓународен ден на мажите, кој се одбележува на 19 ноември: во Русија местото на овој празник цврсто го зазеде Денот на заштитникот на Татковината, кој, како што се смета, треба да се слави без оглед на тоа дали мажот навистина ја заштитува својата земја или не.

Единствената директна врска помеѓу 23 февруари и 8 март е во календарот, поточно во календарите. Откако Русија премина на грегоријанскиот календар 23 февруари по стариот календар е 8 март според новиот календар.

Впрочем, официјалното празнување на 23 февруари традиционално е во воен стил. Во многу градови во Русија на овој ден има свечени поворки, смотри, концерти, а во Москва во чест на празникот секоја година има празничен огномет, проследен со салутирање.

Како и на 8 март, на 23 февруари во Русија на „виновници за празникот“ им се подаруваат подароци. Но, без оглед на тоа дека согласно анкетите мажите би сакале на овој ден да добијат нешто креативно или нешто полезно како комплет ароматизери за автомобил, а најпопуларни подароци секоја година се чорапи и козметика за бањање и за бричење. Поради ова неофицијалниот празник на сите мажи има и свој неофицијален назив „Серуски ден на пената за бричење“. Во последно време некои мажи дури почнаа да „протестираат“: во пресрет на празникот тие самите си купуваат козметика за бричење, со што ги ставаат жените во ќор-сокак.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња