Сирија во пресрет на крвавиот јубилеј

Извор: Associated Press.

Извор: Associated Press.

Во март ќе се навршат две години од почетокот на антивладините акции во Сирија и станува сè поочигледно дека Западот и Русија мораат да работат заедно со цел решавање на оваа криза.

По определено затишје, сириската тема одново станува актуелна. Не станува збор за тоа дека состојбата во оваа земја е изменета: таму, како и претходно, постои воено-политички ќор-сокак. Сепак главните светски играчи започнуваат информациски подготовки за годишнината на конфликт во Сирија која наближува. Сега повеќе не може да му се „закачи“ сета одговорност за двегодишното крвопролевање само на Башар ал Асад.

Претседателот на САД Барак Обама покажува избалансиран приод. Во интервју за американското списание „Њу Репаблик“ тој поставува реторичко прашање: „Нема ли да доведе тоа (вооружена интервенција – заб. ред.) до уште повисок степен на насилство во земјата, или дури и до примена на хемиско оружје? Како да споредувам десетици илјади убиени во Сирија со стотици илјади кои се веќе убиени во Конго?“ А, во интервју за CBS одговара: „Сирија е класичен пример (за оценка – заб. ред.) за наша интервенција. Сакаме да бидеме уверени дека ваквата интервенција не само што ќе придонесе за сигурноста на САД, туку и дека ќе биде правилна од гледна точка на сирискиот народ и на соседните држави, како на пример Израел, кого интервенцијата силно ќе го засегне. Затоа понекогаш не треба да си дозволиме да пукаме отстрана“.

Со други зборови директна интервенција ќе нема. Во Сирија сè не е толку лошо зашто САД избегнуваат отворено да ѝ помагаат на вооружената опозиција, која сè повеќе се асоцира со Ал Каеда. Целата работа е во отворената поддршка на Дамаск, односно на претседателот на Сирија Башар ал Асад, од страна на Русија.

Во понеделникот, на 28 јануари, официјалниот претставник на државниот оддел на САД Викторија Нуланд изјави: „Постојат мноштво чекори кои Русија може да ги направи. Таа може цврсто и отворено да престане да му доставува на режимот (на ал Асад – заб. ред.) руско вооружување, особено хеликоптери со огнена поддршка. Таа би можела да ги затвори сметките на ал Асад во руските банки. Таа би можела активно да го поддржи политичкиот премин и заедно со нас да работи на тоа кој ќе биде следниот (претседател – заб. ред.), кој ќе може да го зачува единството во земјата и да ја насочи кон патот на демократијата“.

На владината армија на Сирија не ѝ се спротивставува вооружен народ, ами добро обучени воени одреди, кои се финансираат и се снабдуваат однадвор.

Оваа изјава е само делумно точна. Да се зборува за граѓанска војна во Сирија е незаконски, вели Борис Долгов, постар научен соработник од Институтот за ориентални студии на Руската академија на науките. На владината армија на Сирија не ѝ се спротивставува вооружен народ, ами добро обучени воени одреди, кои се финансираат и се снабдуваат однадвор. Инаку како тие две години би војувале со регуларната сириска армија?

Тешко е да му се каже нешто на Башар ал Асад, кој неодамна за либанскиот весник Ал-Ахбар изјави: „Затворањето на сириските граници за нелегалното оружје би можело да го реши прашањето за две недели, зашто не би постоел извор на пари и на оружје“.

Постои и политичка компонента на поплаките на Нуланд кон Русија. Москва во повеќе наврати повтори дека ал Асад не е нејзин миленик. Во понеделникот ова уште еднаш го повтори министерот за надворешни работи на Русија Сергеј Лавров.

Позицијата на Русија се состои во создавање услови во кои самите Сиријци ќе ја определат судбината на своето раководство, на својот народ, на својата земја.

„Ние никогаш не сме биле восхитени и никогаш не сме го поддржувале овој режим, - рече тој. – И сите наши активности насочени кон спроведување на Женевскиот договор за формирање преодна влада, потврдуваат дека ние сакаме стабилизација на состојбата и создавање услови во кои самите Сиријци ќе ја определат судбината на своето раководство, на својот народ, на својата земја. Тоа е нашата позиција, а не поддршка на еден или на друг лик од оваа трагедија“.

Суштината на спорот помеѓу Москва и Вашингтон е во тоа што Русија (како и Кина) е против смена на режимите што се засновуваат на притисок однадвор – воен, политички, економски. Ова нешто е принципиелно. И жално е што некому треба да му се објаснува зошто.

По сè изгледа САД ѝ предлагаат на Москва да се договорат кој ќе биде следниот претседател на Сирија. Односно, заедно да го „притиснат“ ал Асад. Предлогот, секако, е привлечен, бидејќи Кремљ, без разлика на клинчот со Вашингтон во врска со човековите права во Русија, отворено изјавува за својата подготвеност за рамноправна соработка за широк круг проблеми.

За судбината на Башар ал Асад треба да реши сирискиот народ. Не Русија, не Соединетите Американски Држави, не која било друга земја.

Во интервју за Си-Ен-Ен во Давос на 27 јануари премиерот на Русија Дмитриј Медведев потврди дека темата за иднината на Сирија е предмет на руско-американскиот дијалог и дека „во нашите позиции нема непремостливи разлики“. Сепак, Медведев уште еднаш повтори дека за судбината на ал Асад „треба да реши сирискиот народ. Не Русија, не Соединетите Американски Држави, не која било друга земја“. 

Во исто време неговиот одговор не го негира она што таму го кажа патријархот на американската надворешна политика Хенри Кисинџер: САД и Русија треба да работат заедно за да се реши оваа криза. Ако „светот се натпреварува за ова прашање, ситуацијата ќе стане уште полоша“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња