Русинките во воената служба не мечтаат за јуриш

Во руската војска служат 50 илјади жени. Нивната служба открива некои интересни разлики помеѓу руската и американската војска. Иако не постојат формални наредби од таков вид, во руската војска секогаш се почитува премолчениот џентлменски договор: понежниот пол треба, колку што е можно, да биде заштитен од опасност.

На Русинките во воената служба никогаш официјално не им било забрането да учествуваат во воени дејствија, како што е случајот со американската војска. Во руската војска не постои поделба на „борбени“ и на „неборбени“ задачи во зависност од полот. Ако дамата носи еполети, командирот има право да ја испрати на јуриш или во ров на првата борбена линија. 

Во последно време жените минуваат низ истата воена обука како и мажите, а таа опфаќа пукање од огнено оружје, фрлање бомби, управување со моторизирана техника и вежби за соочување со противнички тенк. Дамите носат униформи како и останатите војници, но ни на полигоните не забораваат дискретно да се нашминкаат и да стават обетки. Командирите главно го дозволуваат ова незначително отстапување од прописите. 

Ниту во останатите сфери на воениот живот за нив нема никакви олеснувања. Жените одат во патрола и на дежурства исто како и мажите. Од нив се бара строго почитување на правилата на службата. За непочитување сепак не ги казнуваат со притвор и не ги тераат со целосна воена опрема да трчаат неколку круга околу стадионот. Последново мошне често се практикува во војската во САД.

Американските дами експлицитно одбиваат да бидат штитени од страна на мажите, дури и во војна. Тие се воспитани така. Освен тоа, воената кариера на жените во САД е сериозно загрозена ако во досието нема податоци за нејзино учество во борбени операции.

Но, во руската војска секогаш се почитувал премолчениот џентлменски договор: понежниот пол треба, колку што е можно, да биде заштитен од опасност, особено во ситуации опасни по живот. Бидејќи Министерството за одбрана на РФ нема издадено ниту една наредба со која дамите би биле ослободени од испраќање во војна, тие со сите единици и штабови заминуваа на Кавказ, во поранешна Југославија и во други области каде имало вооружени немири; сепак во борбените формации практично не се видени жени војници или офицери. Се почитува споменатото правило: жената може да работи во штабот, да биде лице за врски или да работи во санитет, а на првите борбени линии не мора да оди. Мажите ќе ги изложат своите глави на куршумите.

Но, во руската војска секогаш се почитувал премолчениот џентлменски договор: понежниот пол треба, колку што е можно, да биде заштитен од опасност, особено во ситуации опасни по живот.

Желбата да се оди на првата борбена линија постои само на филм: Џејн сонува за учество во воена операција. Во животот сè е поинаку. Кога ќе го почувствуваат сиот ужас, крвта и валканиците на војната, што во голем дел постои и во заднината, руските жени најчесто не мечтаат за јуриш.

Зошто жените во американската војска толку се трудеа да се изедначат со мажите и рамноправно да учествуваат во воени дејствија? Одговорот на ова прашање очигледно треба да го побараме во специфичниот ментален склоп на Американците и во кадровската практика на Пентагон. Прекуокеанските дами одбиваат да бидат штитени од страна на мажите, дури и во војна. Тие се воспитани така. Освен тоа, воената кариера на жените во САД е сериозно загрозена ако во досието нема податоци за нејзино учество во борбени операции. Затоа Американките толку сакаат да учествуваат во војна. 

Нашите жени и девојки не се плашат од ваквите службено-борбени ограничувања. Најдобрите можат да добијат чинови и да напредуваат во службата, дури и ако ги избегнат рововите на фронтот. Според податоците на Министерството за одбрана, во руската војска минатата година имало триесетина „полковници во здолништа“. Има и жени кои се водници и командири. Сепак, ги има малку, и нивниот број е 1.5% од дамската војска, која брои 50 илјади жени.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.