Извор: Росијскаја газета.
Најнов пример: Наталија Фишман – 21-годишна директорка на моќниот комплекс на „Рускиот еврејски музеј на толеранцијата“, пред назначувањето на оваа функција била советничка на министерот за култура на Москва. Што е „финтата“ со младите раководни вундеркинди?
Лариса Паутова: Наталија попрво е исклучок. Типичен пример е Аљона Попова. Активен општествен работник, политичар, претседател на волонтерското движење, човек-оркестар. Мошне забележлива дама, нема ни триесет.
Постојат голем број триесетгодишници кои се на раководни позиции во регионите. Раководител на администрација, заменик-градоначалник, заменик-губернатор – сите тие се млади луѓе до 35 години. Имав работа со заменик-министер за економија на една област, кој имаше 28. Да им се доверува раководењето на младите е општ тренд и тоа не само федерален. Истото можеме да го кажеме и за бизнисот. Таму активно влегува таканареченото „путинско-медведево“ поколение, односно оние кои сериозно се фатиле за работа за време на раководењето на овие двајца претседатели. Најсветол пример е Павел Дуров. Нашиот Марк Цукерберг, основач на „ВКонтакте“ („ВКонтакте“ е руска варијанта на „Фејсбук“ – заб. прев.). Роден е 1984 година, многу е успешен и многу богат.
И директорите за развој, за маркетинг, а особено и за пи-ар, се уште помлади, обично имаат 25-26 години. Се чувствувам како стара девојка, кога разговарам со некој главен менаџер на некоја компанија.
Тоа се вундеркинди?
Лариса Паутова: Овој тренд е многуслоен. Овие луѓе отпочеток се ориентирани кон успехот, тие имаат испрограмиран код на кариера. Во последниве дваесет години медиумите, Интернетот, книгите и филмовите ја задојуваа Русија со западната идеја за успех. Еве го „плодот“. Гледаме како млади луѓе навистина често од нула градат успешен бизнис, почнуваат да пливаат во политичките води и се искачуваат високо.
Но, јасно е дека само кариерниот амбиент „сакам да бидам Абрамович“, не може да доведе до вакви светли примери на успех...
Лариса Паутова: Мислам дека тој успех пред сè е поврзан со развојот на Интернетот. Поголемиот дел блескави кариери се направени во IT-бизнисот, во маркетингот, во пи-арот или во медиумите. Погледнете колку многу млади политичари и општествени работници го разработуваат својот личен блог за сметка на тоа што правилно манипулираат со блогот и се служат со социјалните мрежи. Интернетот за нив е конкурентна предност. Затоа тие имаат голем успех, одошто луѓето од средната или од постарата генерација.
Најсветол пример е Павел Дуров. Рускиот Марк Цукерберг, основач на „ВКонтакте“. Роден е 1984 година, многу е успешен и многу богат.
Дали саморекламирањето на социјалните мрежи носи вистинска корист во реалниот бизнис?
Лариса Паутова: факт е дека влеговме во период кога се особено барани имено социјалните квалитети, комуникациските вештини. Дојде епоха кога луѓето не сакаат едноставно да слушаат, туку да комуницираат меѓу себе, не само да слушаат „глава што зборува“, туку да разговараат со неа. Во Интернетот постои еден активен начин на комуникација наречен „распространување слики“: луѓето во Мрежата си разменуваат успешни фотографии, очекуваат коментари. Социолозите го нарекуваат ова младо Интернет-поколение „луѓе 2:0“: тоа се оние кои не само што користат информации, туку и ги создаваат. Ова ги крева повисоко од постарите.
Медиумите, новата телевизија ја експлоатираат умешноста и желбата со задоволство, без да се срамат да зборуваат за себе. Дури и на митинзите најмногу имаше комуникативни млади. И тоа е повторно нивна предност. Земете ги, на пример, новите лидери: за сметка на тоа што умеат слободно да комуницираат, тие обединуваат луѓе. Комуникативноста ѝ дозволува на Аљона Попова да биде човек-оркестар. Треба да се оди во Кримск? Таа заминува таму, а по неа одат луѓе. На Интернет постира што направила во Кримск и веднаш организира прес-конференција, одговара на прашањата на новинарите... Комуникациските вештини им помагаат да одат напред. А во пи-арот, во медиумите тоа значи успех.
Може ли од вашето излагање да се заклучи дека постои побарувачка на подемократски, помек, посоцијален степен во управувањето?
Лариса Паутова: Да, во бизнисот и во политиката. Веќе подолго време живееме во свет на силен административен диктат, авторитарност. Затоа е и толку успешен живиот демократски стил на управување и на социјално лидерство. А, кој, ако не младите, најдобро се покажуваат во ова поле. Лидерот, кој умее да комуницира со народот, зашто сè уште не станал крут, може да ја поведе толпата. Младиот градоначалник, младиот министер знаат како да започнат комуникација со луѓето – тоа е вештина на нивната возраст.
Патем, во моментов особено успешни се младите жени, зашто претставничките на поубавата половина по дефиниција се социјални суштества. Феноменот жена-лидер е поврзан со тоа што во компаниите се бара способност за договарање, способност за ликвидирање конфликти, способност за смирување. Жените се добри заменици-раководители.
Наталија Фишман има 21 година, таа е директор на моќниот комплекс „Руски еврејски музеј на толеранцијата“.
А, каква улога играат тука роднинските и другите врски?
Лариса Паутова: Тие сè уште се присутни. Прашањето е: како да ги интерпретираме овие нешта? Во градењето кариера врските и пријателствата секогаш играат важна улога. Можеме да ги сфатиме како „врски“, како покровителство, спонзорство, односно во негативна конотација. Но, од друга страна, врските се уметност на човекот за комуникација, за создавање и негување на контактите. Тоа е она што се означува со страшниот збор „нетворкинг“. Тоа е комуникација не зашто јас сум таков комуникативен, ами зашто тоа го изискува мојата работа/ Ако си дојден на конференција, треба да собереш максимално количество визит-карти, да се запознаеш со луѓето, да оставиш впечаток, а по бизнис-средбата треба да напишеш писмо, честитка за Нова година, да испратиш некаков подарок. Тоа е одредена технологија на познанство.
Нормално, луѓето бараат и ја менуваат работата преку познанства. Но, кај младите овој процес е пренесен на потехнолошко ниво. Плус ним им помагаат регрутивните сајтови, за кои луѓето од постарата генерација воопшто и не знаат дека постојат. А, младината има способност да се оцени себеси и да се продаде на пазарот на труд преку социјалните мрежи.
Ако не е тајна, на колку години ја одбранивте докторската дисертација?
Лариса Паутова: Имав 33 години. Не бев најмлада што брани. Ако си триесетгодишен доктор, никој нема да се зачуди. Многумина можат да кажат дека се олеснети условите за одбрана. Но, ако зборуваме не само за докторските, ами воопшто за управувањето, за кариерата, ќе видиме дека младите луѓе полесно ги учат принципите на игра. Тие јасно ја гледаат целта, оддалеченоста до нејзиното остварување, а исто така сфаќаат дека промовирањето е само процес. Згора на тоа, оние што се помлади од 30 години, тоа се деца на прилично успешни луѓе кои имаат 40-50 години. Ако родителите постигнале успех во својата професија, тие претставуваат пример за децата, кои точно сфаќаат како е технолошки создадена кариерата.
Односно, ако од рачно управување преминуваш на автоматско, искуството и не е толку потребно, најважно е да се знаат правилата?
„Имам чувство дека 28-годишните девојки ги има насекаде: на важни должности во бизнисот и во политиката, во министерствата...“
Лариса Паутова: Искуството никој не го оспорува. За еден социолог, на пример, тоа е неопходно, инаку нема да можеш да ја интерпретираш ситуацијата со која никогаш не си се сретнал. Но, при градењето кариера мошне често проживеаните лични страдања, чувствата, размислувањата одат на втор план. Постои големо количество информации за тоа како да се направи успешна кариера. Освен тоа новите генерации не се скромни. Во суровиот свет на современата борба за место под сонцето тоа е правило.
Да се зборува за пари, да се бара зголемување на платата, порано се сметаше за неприлично, каква е состојбата денес?
Лариса Паутова: Имате право, постарите генерации функционираат според формулата на Булгаков: „Никогаш ништо не барај. Особено од оние што се посилни од тебе. Ќе дојдат и самите ќе ти дадат...“ А, пак, младината смета дека има право да се продава поскапо. Таа влегува во принципите и во правилата на игра. Затоа не чувствува непријатно во канцеларијата на началникот.
Последните корупциски скандали се тесно поврзани со младите, со убавите жени...
Лариса Паутова: Неодамна на Фејсбук прочитав што напишал еден мој колега: „Имам чувство дека 28-годишните девојки ги има насекаде: на важни должности во бизнисот и во политиката, во министерствата...“ Тоа е поврзано и со побарувачката за визуелизација. Акцент се става на сликата, на впечатливи ликови. Ние долго време бевме рационална земја, особено за време на преживување на кризите. Класичната епоха е сета изградена на рационалност. А, пак, младите девојки чесно ги прифаќаат новите правила на игра. Тие прекрасно знаат да зборуваат метафорички, да изгледаат убаво, да прават добри презентации. Тоа го демонстрираат во поголем степен, одошто се способни логички да расудуваат. И тоа им носи успех! Кога сме кај тоа, без лажна скромност, тоа е и моја предност. Ако се позиционираш себеси само како субјект што мисли рационално, ќе ти биде тешко да направиш кариера.
Досие на „Руска реч на македонски“
Млада власт
Бизнис
Статистика
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче