Зошто Москва и Трамп зборуваат на различни политички јазици

Ројтерс
Аналитичарот Фјодор Лукјанов полемизира за улогата што ја има Русија во глобалниот свет каде како нов играч се појавува претседателот на САД Доналд Трамп.

Доналд Трамп останува главен светски њусмејкер, и голем дел од вестите поврзани со него се однесуваат на Русија. Восприемањето на перспективите на руско-американските односи за време на Трамп е како клацкалка – од очекувања на нагло подобрување до претпоставки дека претседателот избрал цврст приод кон Москва.

Во реалноста сите хипотези се произволни, со оглед на тоа дека креирањето на политиката се случува во хаотичен режим на проби и грешки. Трамп се обидува доследно да се држи до постулатите кои ги објави за време на својата кампања, судрувајќи се со пречки од политички или од правен карактер и маневрира. Конкретно за руското прашање Доналд Трамп беше пречекан од здружено и добро организирано спротивставување во политичките кругови на идејата за стабилизација на односите и затоа реши да се повлече.

Тоа не значи дека претседателот на САД засекогаш се откажал од почетните намери, а исто така не мора да значи и желба да се врати на нив

Најверојатно карактерот на понатамошните дејствија ќе се определува спонтано.

„Јас импровизирам многу почесто одошто мислат луѓето“

Сега често се навраќаат и го цитираат големото интервју за списанието „Плејбој“ што Трамп го даде во 1990 година, каде што тој, одговарајќи на прашањето за тоа дали се придржува на претходно испланирана тактика во преговорите, милијардерот одговори: Јас импровизирам многу почесто одошто мислат луѓето. Средбата со Владимир Путин (а, таа најверојатно ќе се одржи не порано од јулското заседание на Г-20 во Хамбург) може да влијае на личното расположение на Трамп, но не и да ги измени институционалните рамки во кои тој дејствува.

Во однос на Русија меѓу Трамп и неговите претходници постои една суштинска разлика и една принципиелна сличност. Разликата се состои во тоа што тој воопшто не е заинтересиран за тоа Русија (и кој да е друг во светот) да се измени, да ја постави на правилен пат. Сличноста е во тоа што Русија не е ценета сама по себе, ами претставува инструмент за решавање на некакви други, многу поважни задачи.

Такво нешто немаше во годините на студената војна, кога постоењето на СССР ја диктираше целата агенда на Вашингтон на меѓународната сцена. Распадот на Советскиот Сојуз ја претвори Москва од системски опонент во една од престолнините. Во полза на зголеменото внимание кон неа зборуваше зачуваниот нуклеарен арсенал, а исто така и амбицијата Русија да се претвори во шаблонска демократија.

Разочараноста во врска со демократијата дојде брзо, арсеналот остана, а за останатото САД го остваруваа сопствениот систем на приоритети. Во оној степен, во кој Русија можеше да биде полезна за решавањето на глобалните задачи на САД таа беше повикувана за заедничка работа, а во оној степен каде таа пречеше, се обидуваше да биде потисната и неутрализирана. Сепак, инструменталноста на Русија остана непроменета.

За Трамп Русија како таква исто така не е суштествена. Но, во неговиот случај работата е многу подлабока – тој ја восприема светската политика како инструмент за трансформација на глобалните трговски правила.

Трамп ја разгледува „правилната“ надворешна трговија онака како што тоа го правеле во 19 век. Се става акцентот на избегнување на трговски дефицит на секој можен начин, САД треба да имаат позитивно салдо со сите земји во светот.

Внатрешните задачи според определувањето се првични, карактерот и структурата на трговијата се директно поврзани со нивното решавање, а сето останато претставува алатка за остварување.

Трамп – продолжување на преломниот период

Од една страна ова е време кога Западот мошне нагло отстапува од правилата на економска игра кои тој претходно го има поставено, со оглед на тоа што за низа правци почнува да ја губи таа игра. Од друга страна, станува збор за периодот на нова суверенизација, зголемувањето на улога на државата, која пред десетина години речиси не ја тргнаа настрана за сметка губитничка конкуренција за влијание на наднационалните компании и други трансгранични фактори. И Трамп претставува парадоксална иновација. Тој, како и клучните претставници на неговата администрација, декларира неприфаќање на државно мешање во економијата, ја застапува економската слобода, ниските даноци.

Во исто време Трамп се залага за активна протекционистичка улога на државата, за нејзино засилување како агент за регулирање на работата на бизнисот, насочување на неговата моќ во „потребната“ насока.

Какво место во сета оваа палета зазема Москва? Скромно, со оглед на тоа што Русија не претставува сериозен играч во светската економија и трговија, со исклучок на суровинските ресурси.

Но, се наѕира опасна ситуација. Русија традиционално се потпира на воено-политичките инструменти, сакајќи да компензира за недостатокот од други, кон геополитиката се однесува мошне сериозно како кон основна тема. САД за време на Трамп се склони кон тоа да се постават геополитичките теми и можности во служба на внатрешноекономската агенда. Односно, да се применуваат воено-политичките алатки во други цели, доколку тоа е целесообразно. Асиметријата во приодите при зачувување на нуклеарниот паритет и очигледното зголемување на военото соперништво се заканува со губење на заеднички прифатениот апарат.

Озлогласениот договор со Трамп, за кој многумина говореа последниве два месеци, всушност не треба да се однесува на поделбата на светот, ами на правилата на однесување.

На претседателот на САД кој се раководи според меркантилистичкиот приод, треба да му се објасни дека во меѓународните односи праволинискиот курс не функционира. А, потоа да се види какви можности има Русија во тој свет кој ќе се појави независно од тоа дали Трамп ќе остане на власт четири, осум години или девет месеци.

Текстот на руски може да се најде на сајтот газета.ру.