Да се успее до зима

Дормидонт Вискарев
Мина една недела од почетокот на авионските напади на руските ВВС врз позициите на исламските терористи во Сирија, а одгласот од неколку десетина напади излезе погласен одошто од неколку илјади, кои беа извршени од страна на коалицијата на чело со САД во текот на неколку месеци. Реакцијата на западот излезе многу помалку консолидирана, од сличните на Москва во Украина.

Францускиот претседател под определени услови допушта заеднички дејствија со Русија во нападите врз ИДИЛ. Германскиот канцелар Ангела Меркел подвлекува дека Русија треба да одигра важна улога во решавањето на сириската криза, при што учесник во процесот може да биде и Башар ал Асад. Од друга страна, пак, Велика Британија ги нарече дејствијата на Русија во Сирија „сериозна грешка“. Сè поостра е и критиката од страна на САД, каде некои почнаа да зборуваат и за нови санкции против Москва.

Русија ја критикуваат за тоа дека не „гаѓа по тие“, дека врши бомбардирање не само врз позициите на ИДИЛ, туку, наводно, и врз таканаречената „умерена сириска опозиција“. По првото бомбардирање се појави изјава на седум држави (Германија, Франција, Велика Британија, САД, Саудиска Арабија, Турција и Катар) во која се покажува „загриженост“ за наводните цивилни жртви за време на бомбардирањето. Она што може да се забележи е дека по бомбардирањето од страна на американските ВВС врз болницата на „Лекари без граници“ во авганистанскиот град Кундузе, кое беше извршено овие денови, слични изјави не се појавија.

„Загриженоста“ на низа земји во воената интервенција на Москва на страната на владата на Башар ал Асад во сирискиот конфликт се заканува да прерасне во целосна информациска војна, а во перспектива и во индиректен судир во Сирија против руската ВВС со туѓи раце. Во овие раце може да стаса оружје од оние што сега ја критикуваат Москва. Зад сета таа критика стојат сопствени цели, кои не се сведуваат само на борба против ИДИЛ. Имено од овој агол треба да се разгледува острата критика на дејствијата на Москва од страна на Ријад или на Доха, кои не само што на почетокот беа идејни творци на дејствијата за симнување на Ал Асад, туку и директно и индиректно поддржуваат определени групи кои се борат против сирискиот претседател.

Дејствијата на Русија ревносно ги следи и Турција. Таа веќе испрати протесна нота поради случајното навлегување на руските ловци во нејзиниот воздушен простор. Од почетокот на годинава таа ја турка идејата за воведување на „зона на забранети летови“ барем на северот од Сирија и создавање тампон-зона по должината на својата граница. Интервенцијата на Русија ги наруши овие планови. Меѓу другото, северот на земјата не го контролира ИДИЛ, ами Курдите. Турците не сакаат поврзување со ирачките Курди (уште повеќе не со своите) за создавање независна држава Курдистан. До  неодамна турските специјални служби, според некои информации, кокетирале со ИДИЛ (тие наоѓале засолниште на турската територија, добивале помош). Откако неодамна се придружија на коалицијата против ИДИЛ, Турците вршат напади, меѓу другото, и врз позициите на Курдите.

САД ја критикуваат Русија и дека не врши напади „врз нив“, имајќи ја предвид „умерената опозиција“. Сепак во Вашингтон избегнуваат да кажат конкретно кои се тие „умерени“. Гласноговорниците на Пентагон и на Белата куќа не сакаат да одговараат на прашања во врска со тоа дали коалицијата што ја предводат САД врши напади и врз формациите како што се Џабхад ал Нусра (која, од своја страна, понекогаш се судира со ИДИЛ) или врз Ахрар ал Шам, која е исто така терористичка група, а која влегува во коалицијата Исламски фронт (ИФ). Или врз Армија на исламот (АИ), која, меѓу другото, „се прослави“ со крвавиот колеж во духот на ИДИЛ во местото Адра недалеку од Дамаск. Тоа е зашто тие нив не ги напаѓаат.

Меѓу другото, ИГ, како и АИ, имаат план за изградба на исламска држава во Сирија според законите на шеријатот и кои добиваат поддршка од Саудиска Арабија. Нив може само условно да ги сметаме за „умерени“. Блиска до ИФ е и друга исламистичка организација, која до неодамна претендираше на „умереност“ – Сирискиот фронт на револуционери. Сепак, тие не можат да се сметаат за „умерени“, со оглед на тоа што склучија сојуз со ИДИЛ.

На Запад за „умерени“ најчесто ја сметаат Сириската слободна армија (ССА), создадена на почетокот од војната од страна на офицери-дезертери од владината армија. Сепак во ССА, каде секогаш влегувале мали групи , меѓу другото и исламистички, на почетокот силно беше Муслиманското братство, кое меѓу другото добиваше и тивка поддршка од владата на Ердоган. Тоа е истото она „братство“, кое го видовме во Египет и чија дејност од понатамошна исламизација беше спречена единствено од воениот удар. Од оваа пролет ССА фактички се растури како воена структура. Затоа под нејзина „капа“ дејствуваат еден куп мали и самостојни воени локални групи, кои, меѓу другото, стапуваат во сојуз и со исламските екстремисти, меѓу кои и со ИДИЛ. Оние што ги вооружуваат овие групи, треба да ја имаат предвид практиката на бунтовниците да пребегнуваат од една во друга структура и да сфатат дека оружјето може да се најде во рацете на ИДИЛ.

Притисокот врз Русија, секако, ќе расте. Постои желба да се натера Кремљ да се откаже од дејствијата што можат да доведат до зацврстување на позициите на војската на Ал Асад. Колку Русија ќе успее да се спротивстави на ваквиот притисок е прашање на дипломатска трговија, меѓу другото и во врска со судбината на Ал Асад, неговата улога во преговарачкиот процес во преодниот период. Дoколку зборуваме за чисто воено-тактички задачи, тогаш имајќи предвид колкава територија изгуби владината војска оваа година, за враќање на овие позиции со поддршка од воздух ќе бидат потребни не помалку од два-три месеци. Треба да се успее до зима, кога во овој регион започнуваат најсилните песочни бури.

Авторот е политиколог, член на Советот за надворешна и одбранбена политика.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.